ЕУ бара Македонија да ги забрани чучавците, немири ширум земјата

14.12.2013 13:17
ЕУ бара Македонија да ги забрани чучавците, немири ширум земјата

Македонија, 14 декември 2013

Прашалникот на Европската комисија кој Штефан Филе им го предаде на македонските власти не содржи 2.561 туку 2.562 прашања, покажува документот кој еден неименуван службеник во македонската влада го достави до медиумите. Прашањето кое владата се обиде да го прикрие гласи: „Дали во тоалетите во јавните објекти во Македонија постојат чучавци?“

Како што неофицијално дознаваме, за постоењето на ова прашање е виновен некогашниот комесар на ЕУ за проширување, Оли Рен, кој во 2006 за време на посетата на Македонија отишол и на фестивалот Таксират на скопскиот саем.

Веста дека чучавците наскоро ќе отидат во историјата за кратко време се рашири во земјата, што доведе до спонтани собири во повеќе градови. Најкритично беше во Свети Николе, каде повеќе илјади граѓани во центарот на градот за време на протестот скршија неколку WC шолји, чии делови група млади луѓе ги искористи за кршење на продавниците. На овој протест за прв пат се слушна паролата „не ги даваме чучавците!“, која за кратко време стана хит во цела Македонија и втора најпопуларна мелодија за ѕвонење на мобилните телефони, веднаш по „Избери дела“ на владејачката партија.

Ништо помалку критично не беше ни во Тетово, каде полицијата сепак успеа да ги потисне демонстрантите од најпознатата парфимерија. Во овој град е оформено и „Друштво за заштита на чучавците“, чија примарна цел е промовирање на чучавците во македонски бренд и европско наследство.

„Чучавците се дел од нашата историја, а на овие господа кои го слушаат Бетовен и сакаат да седат во клозет, сакам да им порачам дека е злосторство и да се помисли на нивна забрана, а камо ли да се работи на тоа. Но, ако господата се спремни да ризикуваат граѓанска војна поради Европа, во ред, само да не биде после дека не сме ги предупредиле“, вели Трифун Муратовски, претседател на здружението.

Муратовски додава дека благодарение на спорот за чучавците, етничките тензии во овој град се минато, а Македонците и Албанците се обединети во заедничката цел како никогаш досега.

Единствен претставник на власта кој се обрати пред народот собран на протест во Радовиш беше Силвана Бонева, која се обиде да ги утеши демонстрантите со зборовите дека чучавците ќе бидат забранети само во јавните објекти, и дека никој нема да ги спречува граѓаните да ги користат во своите домови, на што присутните ја исвиркаа.

Друштвото за заштита на чучавците го поддржаа и бројни јавни личности, меѓу кои најгласен беше д-р Митре Кенефоски, познат под прекарот Лезет, кој се осврна и на медицинскиот аспект на чучавците.

„Покрај несомнената традиционална вредност, чучавците во голема мера го подобруваат здравјето на организмот. Не треба да се биде некаков експерт за фитнес, за да се забележи дека лицата од руралните делови на Македонија, каде чучавците се користат почесто, се во значително подобра форма од 'шолјашите'. Користењето на чучавците ги зајакнува нозете, предната и задната ложа, листовите, стомачните мускули, како и мускулите на грбот. Што е уште поважно, ја зголемува силата и издржливоста на организмот, а делува благотворно и на чувството за рамнотежа“, вели популарниот д-р Лезет.

Љубовта на Македонците кон чучавците најсликовито ја покажа анкетата на агенцијата Toilet marketing, според која 83% од испитаниците попрво би се откажале од името отколку од чучавците.

Извор: www.njuz.net