Од кланица на кланица

25.12.2013 09:06
Од кланица на кланица

По насилното суспендирање на демократијата на ланскиот 24 декември, два пати говорев на протестните митинзи на Отпорот. Во Охрид и во Прилеп. По сопствена волја. Во Охрид објаснив и зошто – јас и мојата генерација новинари и создавачи на независни медиуми, имаме свој придонес во удирањето на темелите на македонската демократија, каков што Груевски нема. Тоа ми дава право, но и ми создава обврска, да ја бранам демократијата од оваа авторитарна власт.

Во Охрид реков дека со оваа власт може да се преговара само за условите за нејзина капитулација, до која, порано или подоцна, ќе дојде. Секакви преговори за други прашања, само ја легитимираат тиранијата. На пратениците им порачав да не се враќаат во парламентот. Подоцна, кога Бранко Црвенковски преговараше со Штефан Филе, апелирав локалните избори да се бојкотираат, зашто ќе бидат кланица.

Како и секогаш, моето мислење остана малцинско. Победи ставот дека проблем на СДСМ е лидерството и дека партијата мора да партиципира во институциите. Отпорот стивна. Пратениците се вратија во парламентот. Падна одлука да се учествува на локалните избори. И би кланица. Црвенковски се повлече. Се избра ново раководство. Се обнови „дијалогот“ со Груевски.

И еве, каде сме сега? Заев и Шеќеринска се изложени на црна кампања. Им ги мерат краставиците и куќите. Ги плашат со „сеништето“ и со приказната дека Бранко ќе се врати. Пратениците не знаат што со себе. Внимаваат на стајлингот. Држат „историски говори“. Некој „Алистер Кембел“ ги убедил дека е голем келепур тоа што собраниската говорница ја користеле за политички маркетинг.

А ваму, се подготвуваат нови избори. Претседателски, а можеби и вонредни парламентарни. Грујо и Али повторно се во страсна прегратка. За да ги доведат сдсмовциве „под нож“, ќе им попуштат, само едно не – нема да се откажат од изборната корупција, од правото да трошат буџетски пари за партиска кампања. Накусо, пак се спрема кланица. Овчичките блеат, се собираат во трлото и се спремаат да станат џемпери. Пак. Неверојатно!

Слика: Свирачиња
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото