Запрете го медиумскиот терор и таблоид(иот)изација на Србија

27.12.2013 05:39
Запрете го медиумскиот терор и таблоид(иот)изацијата на Србија

Отворено писмо до Иван Тасовац, министер за култура и информирање на Владата на Србија

 

Почитуван министре,

секаде во нормалниот свет идеалот на новинарството е сосредоточен на трагање по информации и заснован на посветеноста на тоа настаните и лицата да се третираат праведно и непристрасно, со уважување на хуманоста и добробитта на заедницата. Меѓутоа, во Србија, речиси стана пракса медиумите да ги газат трите тесно поврзани етички принципи: соопштувањето на вистината, почитувањето на човечкото достоинство и ненасилството.

Во тоа предничат таблоидите како Курир и Информер, доајенот и најновото чедо на таблоидното движење во Србија, комплот, всушност, вербална и ментална порнографија од чија огромна моќ, насочена од волјата и интересите на поединци и организации, стравува нормалната Србија.

Додека во светот читателите, тиражот и профитот се она што претставува најдлабока мотивација за издавачите на таблоиди, кај нас таблоидното новинарство е во директна врска со пресметките и хајките. Читателите престанаа да бидат само сведоци на анимозитетот кон одредени личности: тие се несвесно регрутирани во популистичките редови лесни за злоупотреба. Нудејќи им ја исклучивоста како најважен критериум, укинувајќи ја културата на критичко промислување, таблоидите ја сведуваат свеста на своите читатели на ниво на конзументи на кои им е сосема сеедно дали на страниците на тоа жолто популистичко четиво ќе се сретнат со мачоистички, националистички или шовинистички модели на однесување.

Овде повеќе не станува збор за страв од таблоидната култура која промовира трачеви, гласини, афери и скандали како своевидна емоционална потреба на лицата на кои не им е потребна зрелата и одговорна критичка совест. Станува збор за нешто многу поопасно. Станува збор за состојба во која новинарите одамна не се единствени носители и чувари на информациите. Станува збор за целoкупен процес на линчување и медиумско распнување, понекогаш и најавување на апсењата како политички настани и подготовка на јавното мислење за најретроградните одлуки на политичарите. Станува збор за ширење на говорот на омраза, кршење на човековите и права и уривање на владеењето на правото, за наметнување систем на вредности кој стана искривен до таа мера што веќе не се знае кој е виновен, а кој е во право, кој е криминалец, а кој херој! Џелатите се именувани како жртви, а лагата - како беспоговорна вистина. Пороците преку ноќ стануваат доблести, а моралните и човечките нули - бранители на националните интереси. Се промовира не само вербално насилство, се сатанизираат родителите на несреќната Тијана, а врз темелите на семејната трагедија растат тиражите, се прават списоци за (политички) отстрел, па и за физички прогон од Србија.

„Жолтите клади“ горат како вечен оган, а списокот на јавни личности кои поминуваат или поминале низ медиумскиот „топол зајак“ е сѐ поширок: од покојниот Зоран Ѓинѓиќ, Ненад Богдановиќ или Билјана Ковачевиќ Вучо; преку Бранкица Станковиќ, Чедомир Јовановиќ, Млаѓан Динкиќ, Радован Јелашиќ, Борис Тадиќ, до Наташа Кандиќ, Соња Бисерко и Борка Павиќевиќ вчера, или Билјана Србљановиќ и Драган Ѓилас денес... Лагата повеќе не е само лага, таа е и средство за насилство, токму како пред десет години, кога перманентното публикување и емитување на лагата и долготрајното јавно сатанизирање на Зоран Ѓинѓиќ создаде општествена клима во која стана речиси легитимно тој да биде мета.

Почитуван министре,

во општествата во транзиција, какво што е нашето, евидентен е нискиот степен на секоја, па и на медиумската култура, манифестиран преку острата конфронтација на поединците и групите на сите нивоа. Меѓутоа, она што се случува во Србија ја надмина секоја мерка. Ова веќе не е ни прашање на добар вкус, ова дури не е ни прашање на вкус, воопшто: време е за повлекување граница помеѓу демократијата и провалијата, време е за заштита на човечкото и граѓанското достоинство, време е да се застане во одбрана на моралот.

Србија, како и многу развиени земји, има кодекс на однесување на печатот кој е изведен од правото на слобода на говорот, приватноста и заштитата на угледот, но и законските одредби за клевета.

Во Декларацијата за права и обврски на новинарите на Европската заедница, се истакнува дека правата и должностите на новинарите произлегуваат од правото на јавноста да биде информирана за настаните и мислењата, што всушност значи дека новинарите добиваат слобода да дејствуваат - служејќи на интересите на јавноста.

Сметаме дека е Ваша обврска да реагирате и, не задирајќи во правата на новинарската професија, да застанете во заштита на интересот на јавноста и граѓаните, пред сѐ, без разлика на пол, вера или политичка определба.

На тоа и се заколнавте пред одредено време!

Знаеме дека не можете да ја спречите таблоидизацијата на медиумите, но Ваша должност и должност на Вашето министерство, пред сите други, е да направите сѐ за да ја спречите таблоидиотизацијата на Србија.

(Отвореното писмо до Иван Тасовац иницијално го потпишаа: Славиша Лекиќ, Светислав Басара, Соња Бисерко, Аида Ќоровиќ, Јелена Ловичиќ, Срѓан Ќесиќ, Лазар Стојановиќ, Ивана Рашиќ Ем-Си Сајси, Јанко Баљак, Билјана Цинцаревиќ, Иван Ивановиќ, Владо Георгиев, Владимир Арсениевиќ, Даница Вучениќ, Душан Машиќ, Вукашин Обрадовиќ, Динко Грухоњиќ, Жељко Бодрожиќ, Драган Јањиќ, Бошко Јакшиќ, Никола Томиќ)

Извор: peticije24.com
Скулптури: Ник Георгиу

Слични содржини

Европа / Балкан / Став / Култура / Историја
Балкан / Историја
Активизам / Балкан / Култура

ОкоБоли главаВицФото