Плоштадот Адолф Хитлер оживеа на мапите на Гугл

14.01.2014 10:45
Плоштадот Адолф Хитлер оживеа на мапите на Гугл

Плоштадот Адолф Хитлер во четвртокот осамна во Берлин. За среќа, само во виртуелниот свет. Судејќи според сѐ, „романтичните“ поддржувачи на фашизмот на најпознатата светска мапа (Google Maps) на непознат начин го преименувале берлинскиот плоштад Теодор Хојс и за кратко време му го вратија името на еден од најголемите злосторници во историјата. Иако промената е извршена само во виртуелниот свет, во Германија предизвика вистински скандал, а Гугл не може да објасни зошто и како се случило тоа.

Во април 1933 година, на самиот почеток на националсоцијалистичкото владеење, непосредно откако Адолф Хитлер е именуван за германски канцелар, во берлинскиот кварт Шарлотенбург во Вестенд, големиот градски плоштад го добиваи неговото име. Цели 12 години, сѐ до падот на режимот во 1945 година, плоштадот го носи името на Хитлер. Сојузничките власти на плоштадот тогаш му го вратиле старото име Рајхсканцлерплац, кое останува сѐ до 1963 година, кога е преименуван во Плоштад Теодор Хојс, во чест на првиот германски претседател по Втората светска војна, кој починал шест дена пред да се преименува плоштадот.

Меѓутоа, минатиот четврток на Google Maps освен името на Теодор Хојс, до овој плоштад стоеше и името на Адолф Хитлер. Скрин-шот сликата од овој исклучително популарен сервис со „новото“ име на плоштадот веднаш се рашири на социјалните мрежи. Гугл сѐ уште нема објаснување како се случило тоа, но веднаш ја поправи грешката. На бројните прашања на германските медиуми од Гугл одговорија дека внимателно ќе истражат како дошло до неовластеното преименување.

„Свесни сме за неточното и непримерно име на берлинскиот плоштад на нашиот сервис и веднаш го поправивме тоа. Им се извинуваме на сите поради грешката“, порачаа од Гугл. Додека случајот сѐ уште не е истражен, се споменува претпоставката дека дошло до неовластен пристап до мапите на Гугл, каде љубителите на историскиот ревизионизам посакале макар во виртуелниот свет да го вратат името на својот идол.

Инаку, за време на владеењето на Хитлер повеќе од 60 улици и плоштади во градовите во Германија, Полска, Австрија, Естонија, Холандија, Латвија и Италија го носеле името на Адолф Хитлер. Најмногу ги имало во Штутгарт и Минхен, каде дури девет, односно осум градски простори се наречени по нацистичкиот диктатор. Во Берлин освен овој плотшад постоел и Спортскиот центар Адолф Хитлер, а недалеку од плоштадот на кој уште во 1908 година е отворена станицата на подземната железница, Хитлер имал сопствен апартман, а во непосредна близина се наоѓала и зградата на Хитлерјугенд.

Иако промената на името на плоштадот на Google Maps може да се смета за наивен кибер-настан, истовремено претставува и предупредување за растечкиот и опасен десничарски екстремизам. Во годината кога се дочекува непопуларната 100-годишнина од Првата светска војна, можеби треба да се вклучи црвеното светло и да се вложат сите напори да се спречат тенденциите кои довеле до Првата и уште поужасната Втора светска војна.

Извор: e-novine

ОкоБоли главаВицФото