Што беше тоа музеј?

28.01.2014 09:55
Што беше тоа музеј?

1.

Годишна програма за култура? Кому ли уште му треба тоа? И така никој ниту ја спомнува ниту пак, очигледно, му е гајле за тоа чудо. Тие што треба да знаат, си знаат. Или, таа треба само да ги потврди веќе договорените нешта? Ете, на пример, книгата за Тоше што ќе се промовира деновиве, сега ја гледаме во Годишната програма. А книгата – готова! Ама луѓето си знаеле, можеби си прашале на време и си ја сработиле работата. Или ја напишале за неколку дена, откога се појави во Годишната програма? Можеби, брзи се. И не само тие. Сите што треба(ло) да си бидат таму, таму се. Никој не фали. Од година в година – исто. Машала!

Последниве неколку години веќе никој не ни коментира. Одвај по некој очајник, по инерција. Како мене. И по некој дневен весник, колку да се рече. Главно информативно, зашто критичкиот осврт не поминува. А прашање е и колку можат да ги согледаат сите будалаштини. Но, на пример, ги нема ни табернакулци, претплатените критичари на оваа активност на Министерството за леб и игри во делот на издавачката дејност. Сега, изгледа, дека им е по мерка. Или си имаат и додатни активности?

Само тук-там, по некој „интелектуален“ глас во пустината, со по некоја „забелешка“. Не директно за Програмата, ама повеќе за потенцијалните ангажмани на Програмата и Министерството за леб и игри. Како „академикон“ кој им „с’ржи“ дека нивна работа била грижата за Курбиново. И, што е право, овие веднаш се корегираа. Барем така велат. И изгледа дека оние персони од Советот на Министерството, во остсуство на други, се задолжени и за такви „критички“ интонирани активности. Ете, и „џезерон“ стигна да му кажува на Министерството што треба да прави. Во секое гратче требало фестивалче, требало ова, требало она. Па тие луѓе на состаноците што ги држат, се гледаат ли меѓу себе, се слушаат ли, разговараат ли за нешто? И зошто таму не ги кажат сите тие работи? Или таму ги доставуваат личните фактури, а вака јавно, за да изгледаат поумни и (божем) понеопределени, ги лиферуваат „забелешките“? А можеби мислат дека изгледат – независно? И интелектуално? За утре да кажат: абе јас им зборев ама тие не ме слушаа! Изгледа дека и оној муз(е)ологон им говорел за проблемите во музејот на македонија, ама оние во Министерството ни да чујат? Тоа ќе да е.

2.

Но, зошто онаков наслов? Па веројатно затоа што пред некој ден читав „интервју“ со новата „директорка“ на идните кулиси наречени Археолошки музеј. Таа истата на која што однапред, други, ѝ направија зграда, поставка, избраа вработени… и таа дојде, ваљда, на готово. Да не се мачи премногу. Ама тие другите – ги затворија. А сепак, таа детално ни опиша што и како ќе содржел тој нов музеј. И таму ќе има(ло) сѐ, па дури и восочни фигури, сосе Марко Крале (што ли мислат овие, од кој век пред нашата ера е човеков?!), плус историски слики. Во епски реализам, се разбира. (Дури, еден портал информира дека посетителите на овој музеј ќе имале уникатна можност да ја видат копијата на саркофагот на Ацета, при што се предвидувало овој раритетен артефакт да биде изложен во приземјето на кулисите, пардон Музејот. Mamma mia!).

Па оттука, ако некогаш се прераскажува ова „епско“ време, барем за музеите ќе има што да се каже. Ако не повеќе, тогаш дека за неколку години се отворија 4-5 музеи, сите на национално ниво. И сите – кој до којега. Од Музејон на хоророт до најновиов такозвани Археолошки. Малку ги вади оној во Охрид, на вода, ама и тоа е ни риба ни девојка.

И токму затоа е насловов: дали ние, воопшто, знаеме и дали сакаме да знаеме што е музеј? И повторно, и оваа Годишна програма, како и во другите области, дефинитивно покажува дека ние тоа не го знаеме. Инаку, таа Програма би требало да изгледа многу поинаку од тоа како ја скроиле „стручњаците“ во Министерството за леб и игри. Впрочем, токму на тоа личат и македонските музеи. На музеи на леб и игри. Зашто парите што (најголемиот дел од) музеите ги добиваат се токму колку за леб, а игрите се „joint venture“ на Министерството и „директорите“.

3.

Па така и годинава, Музејот на современата уметност има дури престижни 2 изложби. И со букви: две! Да не се преморат луѓено? Или, подготвуваат поставка? А што правеа во 2013? Исто – подготвуваа поставка. Па нели затоа и добија нова директорка, како стручњак особено за постојани поставки? Во такви музеи! И што е тогаш проблемот?

За разлика од нив, Националната галерија има дури дваесет и четири изложби. Ни мање ни више. Зашто, таму функционира весела математика: 24 изложби по 15 дена секоја, еднакво 360 дена. Генијално. Токму годишна „програма“. И сите изложби – топ листа надреалиста! Не знаеш кај да убодеш.

А од новите музеи, имаме: Музејот на хоророт цела година ќе се занимава со „проект“ наречен „Музејот – пријател на децата“; Музејот на Тоше Проески цела година ќе се занимава со „Поставување на 100 необјавени фотографии од Меѓународната фондација Тоше Проески“; Спомен куќата на Мајка Тереза главно ќе откупува авторски права, публикации, фотографии и не знам што, а ќе ја направи и изложбата „Мајка Тереза и нејзините деца“, итн, итн. Да не одам понатаму, мачно е. Ама, затоа, иако сѐ уште не отворен, новиот Археолошки музеј на Македонија го има во Програмата. Сосе едно чудо нови (и стари) археолошки ископувања. За да се собере нов материјал што потоа некој, повторно, ќе го однесе дома.

Се задржав токму на „новиве“ музеи кај нас зашто чинеа, и чинат, едно чудо пари. Боли глава. И? Е па – ништо. Тие и понатаму ќе арчат пари за плати, за материјални и патеријални трошоци и слични глупости, а ќе имаат работа со по еден-два „проекти“ годишно! Знаат ли бре луѓево како изгледа сериозен музеј, како изгледа сериозна музејска работа, како се прави сериозна музејска програма? Знаат ли воопшто оние од Министерството за леб и игри што претставува еден музеј?

Од друга страна, оној музеј во Струга, што си ги чува експонатите во сеф во банка, има „проект“ наречен „Превентивна заштита на музејските експонати и музејскиот материјал од штетници“. Прво, што превентивно ќе заштитуваат кога сѐ им е заштитено? Онака како што е ред – во сефови?! И второ, какви тоа штетници може да има во банкарските сефови?

Ако пак го барате Музејот на вода во Охрид – го немет. Тој нема ништо да работи. А мислам дека и минатите години ништо не работеше. А и зошто им е. Убава им е локацијата, нека уживаат!

4.

Но затоа, виѓи врага, во Годишната програма за култура, во делот за Музејска дејност, каде што (божем) националните музеи ќе вртат прсти цела година, се наоѓа едно име кое гласи: НУ Македонски народен театар(?!). Е оваа институција, којашто преку ноќ изгледа прераснала од театар во музеј, ќе троши пари од музејската дејност за „Архитектонско обликување на повремената изложба на Василије Поповиќ Цицо“ и за „Архитектонско обликување на повремена изложба на Томо Лазовски“!

И да, прво прашање: што мајка бара МНТ во Музејска дејност? Одговор: да не мислат ова „стручњациве“ на оној такозвани Театарски музеј на такозваната Лужина? Није ваљда?! Односно, така не пишува. Второ прашање: ако знаеме кој бил Цицо (иако не знаеме што мајка бара таму), кој ли е пак Томо Лазовски? Или, повторно, знае такозвана Лужина? Или такозвани Лилиќ? Брее, кој сѐ ни ја крои културава.

5.

А всушност идејата и не е така лоша: музеите да бидат театри, а театрите музеи. Ако сакате, и праксата тоа го потврдува. Има ли поголем трилер и suspense од оној во никогаш непрежалениот музеј на македонија? И (ќе) има ли поголема комедија од идниот Археолошки музеј? Или поголем хорор од оној во Музејот на хоророт? Не фали ни сатирата – таа најчесто може да се гледа на „сцените“ во Музејот на современата уметност и во Националната галерија. Значи, жанровски сосема одговара. Понатаму, од таа и таква музејска дејност веќе се плаќаат и „Прочка“ во Прилеп, „Тодорови игри“ во Виница, „Вевчански карневал“, „Галичка свадба“, „Грнчарски средби“ итн. Па што сакате подобар театар, сосе мјузикли!

А театрите да бидат музеи? Апсолутно, со такозвана Лужина за генерален директор на сите театри, пардон музеи, а таа самата ќе си именува такозвани нејзин заменик. Ги има на претек, сѐ музеалски фаци. И онака таму нема уметност, уметничките директори си поднесуваат оставки, претставите повеќе им заличуваат на музејски постојани поставки, старо-новион театар, пардон музеј, „Александар Први Караѓорѓевиќ“ вришти од „скулптури“ и „сликарии“, и надвор и внатре …! Плус, сѐ ни е во театрите така фино конзервирано и шпиртосано – истите луѓе (режисери, глумци, сценографи …) секаде. Вистински музејски постојани поставки!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
На сликите: Фигури од ролни тоалетна хартија, Анастасија Елијас

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото