Благословени во глупоста

22.02.2014 10:33
Благословени во глупоста

1.

Не знам кои се / какви се границите на човечката глупост, да не речам идиотштина. Можеби некој, некаде, направил / прави и такви истражувања, зашто ако не ги знаеш негативните граничници на човечкиот ум, тешко дека ќе можеш да ги утврдиш и оние позитивни, прогресивни меѓници коишто, се подразбира само по себе, практично се неомеѓени. Дали пак тоа едновремено значи дека и негативните граничници се – безгранични? Се разбира, секој ден, во секој поглед… итн.

Намерно гледам да го избегнувам зборот прогресивно зашто некои од ова антиквизаториве едноставно се ежат од него. На пример, д-р Јозеф Сарајлија, за кого напредокот е во регресот! Што подалеку – тоа поблиску, што постаро – тоа поново. И според кого едни, денешниве, да ти биле луѓе, а оние вчерашнине да ти биле – животни! Од некоја (веројатно) црвена, до сега непозната, сорта. Каков дарвинист, да се чудиш. Но, мајка природа – некому дава, некому зема. Кај некои зема целосно! Ама, ех, да е оваа креатура единствената во нашево секојдневие .

2.

Зашто, наспроти сите математички, филозофски, логички, животни, практични и не знам какви сѐ не законитости дека два и два се секогаш четири и никогаш пет, грото од нашиов народ упорно сака да верува во чуда. Во чуда од тој тип, дека еден убав ден, некогаш, тие два и два ќе бидат пет и тогаш тој / таа / тоа ќе биде благословен од Севишниот со не знам каков небески дар во вид на стан, пари, кола, работа – за него / неа и целата фамилија – дека такво нешто ќе се случи сега и тука. Тоа како да е некаква магиско-таинствена, скриена желба на безмалу секој поединец во оваа кутра држава. (А кога сме веќе кај чудата, зошто никој не прашува што стана со извештајот за „чудото“ во Св. Димитрија? Та нели ќе го имавме за три, па за шест, па за не знам колку месеци? Изминаа години, а онаа „верничкана“ Валентина молчи ко ќутук).

Некои пак веруваат и во чудото дека некогаш, кога и да е, и на Сарајлија ќе му дојде умот. И на неговата братија. И така ќе биде, штом малку се сменат работите во државава. Веднаш ќе ги свртат шинелите на стариот, некогашен и ним добро познат дезен. И тогаш овие ќе бидат животните, а оние – луѓето. Нема проблем, брате, тоа ти е таква пациентажа.

3.

Но, уште една „категорија“ граѓани кај нас е посебно наклонета кон вербата во чудата: новинарите, особено оние од културните рубрики. Па тоа ти е бре брате таква лековерна булумента што безмалу ги шие сите други. Во сѐ. Оние политичкине се барем итромани. Полуписмени, ама крвоследници! И не веруваат во ништо освен во шушкавиот звук на парите.

А ова „културњациве“ ти веруваат во сите чуда што им ги сервира Министерството за леб и игри. И впрочем, не знам ни зошто воопшто се нарекуваат новинари, а не портпароли на дотичното Министерство. На дотичното Министерство, имено, не му е ни потребен портпарол. А впрочем, кога и каде сте го виделе? Наместо него / неа, овие „стручњаци“ ги пренесуваат сите фантазмагории и небулози на дотичното Министерство, од збор до збор. Без задршка, без резерва, без сомнеж. До точка и запирка.

А и зошто би се сомневале? Та тоа ти е Министерство за леб и игри, што ќе рече Господ во македонската култура. И што тие ќе речат мора да е точно! Кој нормален би се сомневал? Сомнежите тука се непотребен луксуз, а можат да бидат и опасно минско поле. Што ако, на пример, утре не ги земат на некое платено туристичко пропатување, се разбира со доза на културно циркузирање, низ некоја од европските земји? Кутриве наши „културни“ новинари не би виделе бел свет!

Кога веќе нон-стоп дремат во тоа канцелариите, барем нека отворат Интернет (белки го имаат во редакциите?), нека ѕирнат што и како се случува во музеите во Европа и светот, како кај нив се „пополнуваат“ збирките, како се работи во 21-от век. Или, кај нас е добро и во 19-от?

4.

Па така, еве, по којзнае кој пат, нѐ известуваат за „успешната“ акција „Да ги наполниме музеите со ѓубрето од ателјеата“. Поточно, повторно ни ги пренесуваат сите „длабокоумни“ предвидувања и ставови на Министерството за леб и игри. Зашто, тие немаат свое мислење. И не треба да го имаат. Има кој да мисли за нив. Ним им е проблем дури и да излезат од т.н. редакции. А и што бараат надвор, кога сѐ добиваат сервирано?

И, демек, нѐ просветлуваат дека на (божемниот) конкурс пристигнале не знам колку дела, па ќе се формирала не знам каква комисија, во којашто немало да има сликари (аман бе, и Сарајлија ќе го оставите без хонорар?), а можеби ќе имало и по еден претставник од Музејот на современата уметност и Националната галерија. Што ќе рече, можеби ќе има и по еден претставник токму од оние институции за кои што е наменета оваа „акција“!

И нормално, пресликано целото соопштение од дотичното Министерство за леб и игри, ниту еден „новинар“ нема коментар, ниту еден „новинар“ нема дилема, нема барем едно прашање, нека е мало, малецко, ама нека е самостојно, независно. Ниту еден „новинар“, по којзнае кој пат, нема прашање зошто воопшто Министерството се занимава со оваа работа, кога таа е во исклучива надлежност на музеите? И тоа согласно Законот за музејска дејност, што го смислило истото Министерство. И ниту еден да праша како тоа Министерството за леб и игри не ги почитува ни сопствените закони?

Толку ли им е тешко на „новинарите“, во интерес на информирањето на граѓаните – зашто, тоа им беше основната работа, нели? – да го земат тој Закон за музејска дејност и да прочитаат неколку члена што се однесуваат на таа материја. Та белки се писмени, кога се веќе новинари?

Ако им е и тоа тешко, еве им цитат од Законот, каде во член 18 се вели: „Музеите, музејскиот материјал и музејските предмети ги прибавуваат преку истражување, ископување, купување, подароци, легати, завештанија, размена и на друг начин, како и преку отстапување и преземање од други правни и физички лица согласно со овој и друг закон“. Никаде не пишува дека наместо музеите тоа ќе го прави некој друг, а најмалку некој државен орган! На музеите, како што стои, може да им биде отстапен односно тие можат да преземат музејски материјал и од правни лица – во случајов дури и од Министерството за леб и игри – ама овде не станува збор за тоа. Овде станува збор за комплетно делегитимирање на музеите во набавката на музејскиот материјал, односно целосно незаконски упад во нивните законски надлежности. Уште помалку пак некаде е запишано дека Министерството за леб и игри може / треба да се занимава со оваа работа. Што ќе рече, од двата краја – беззаконие!

5.

И еве, сега „новинарите“ го имаат дотичниот текст сервиран како на чинија. Ќе смени ли тоа нешто, ќе се осмели ли некој да постави барем едно прашање во таа насока?

Или, кога сме веќе кај компетенциите, надлежностите, интересите и слични кај нас тотално нефункционирачки нешта, можат ли ова културниве „новинари“ да се јават во некоја од стручните асоцијации што се подеднакво директно засегнати од оваа далавера? На пример, МНК ИКОМ, или во превод: Македонскиот национален комитет при Интернационалниот комитет на музеите. Оваа стручна асоцијација директно ја покрива стручната работа во музеите. Ако некој треба да е засегнат од далаверава, тогаш тоа е МНК ИКОМ. Да им дадам и телефони каде да се јават? Е па, белки можат малку да се помачат.

Или, нека свртат и до таканаречената МАК АИКА – онаа што никој ни ја видел ни ја чул со години, ама тука е, сигурно дреме – којашто претставува Македонска секција на Меѓународната асоцијација на ликовните критичари. Верувам дека и тие би требало да бидат заинтересирани за еден ваков упад во надлежностите токму на музеите од областа на современата уметност.

6.

И навистина, почнувам да мислам – и не само јас – дека таквите наши „стручњаци“ од типот на оние во Министерството, низ медиумиве, па и во нашиве (божем) професионални асоцијации, стварно немаат поим ни што значи поимот музеј, уште помалку што и како треба да работи. За првине две „структури“ сум апсолутно сигурен дека тоа не го знаат. Тие бре брате, кога одат / ги носат во странство, трчаат ко муви без глава низ дуќани и бувљаци. Нив музеи не ги интересираат. Тие влегуваат во музеј само ако ги внесат насила, како по казна, или ако некој таму организира модна ревија, како во Даут пашин амам.

Третава „структура“, да не грешам душа, би требало барем да има поим од овие нешта, иако и тоа не е до крај проверено. Зашто, зарем би смеела да им се провлече ваква глупост? И истата да ја премолчат?

Додека ние се занимаваме со измислиците од малото мозоче на д-р Сарајлија и неговите лековерни „умници“ од Министерството за леб и игри, светот во музејската област бара одговори на нови и нови предизвици. На пример, со прашањето на приватноста, односно барањата на одделни семејства да се отстранат деградирачки и несоодветни фотографии на нивни членови во одделни историски поставки. Или, што ако полицијата / тајните служби ги побараат снимките од отворањето на некоја изложба со цел да се „провери“ публиката, како ќе реагира управата на музејот? Или, мора ли музејот да прифати баш секаков подарок? Еден американски пример вели дека музејот се откажал од подарок (ѕиден цртеж од Сол ЛеВит) зашто демонтажата, транспортот и повторната монтажа чинеле далеку повеќе од вредноста на делото. Нешто сосема слично како нашиот случај со Кираца Висулчева, при што за „подарокот“ требаше дури да се гради посебен музеј (?!), па нашиве „стручњаци“ најдоа соломонско „решение“ да го окупираат прекрасното здание на Сарајот во Ресен, каде „поставката“ чмае. И сето тоа се направи само врз основа на некаква будалеста политичка, а не стручна / професионална проценка на дотичното творештво. Итн, итн.

Нашиве „новинарски“ главчиња не се заморуваат со такви размислувања. Тие упорно ги чекаат соопштенијата од Министерството за леб и игри и ја „просветлуваат“ јавноста со неверојатно количество будалаштини. И воопшто не им пречи што во тие постапки на Министерството царува очигледна глупост, незнаење, дилетантизам, беззаконие, што тие нивни „акции“ се втемелени на нечии фикс идеи исчепкани од малиот мозок на секакви пациенти кои едноставно не знаат што да прават со себе цел божји ден па смислуваат идиотштини.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Скулптури на сликите: Аганета Дик

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото