Ситније, Циле, ситније (2)

06.10.2014 02:47
Ситније, Циле, ситније (2)

6.

Кога нашиве турбо-фолк тутмаци, и „државни“ и „уметнички“, би биле барем малку свесни какви сè негативни сигнали испраќаат со своето фолкерско поведение и однесување, можеби би се замислиле. Или не? Па колку пати до сега беше пишувано токму за ваквата одлука на Министерството за култура да се вплетка таму каде што апсолутно не му е местото – во откупот на дела за македонските музеи? И – што? Ништо. Ете ги, упорно си објавуваат нови конкурси за следната година, што ќе рече дека тие се цврсто решени да ја тераат приказнава до сто и едно, и назад. Со сесрдната помош на македонските уметници, се разбира.

Првото можно прашање што Европа ќе си го постави е: толку ли се македонските институции неспособни па не можат самите да определат што е тоа што им треба од ликовната уметност? Или, толку ли се директорите на овие институции неписмени и необразовани, нестручни и слепи, па не знаат да селектираат дела што им се неопходни? (И можеби тука ќе бидат блиску до вистината!). Или, толку ли се македонските институции, сосе стручниот кадар, кримогени и неконтролибилни, па некој однадвор мора да им ја средува работата? (Судејќи според неодамнешните „ситуации“ во Музејот на Македонија, и тука можеби ќе бидат во право!). Но, од друга страна, и директорите и поголемиот дел од „носечкиот“ (ама во буквалната смисла на зборот, зашто нив за друго и не ги бидува) стручен кадар во македонските институции од областа на културата се токму избрани и по мерка на „излези момче“ стандардите на Министерството за култура. Па тогаш што е проблемот да се реализира замислената и зацртаната турбо-фолк политика и во откупот на ликовни дела? Впрочем, тие исти „кадри“ им ја реализираат „ситније, Циле, ситније“ годишната програма. Тогаш, зошто оваа „операција откуп“ мора директно да ја реализира Министерството за култура, а не нивниот „кадар“ во институциите? Зарем толку не си веруваат едни на други? И зарем навистина мислат дека овие шушумигиве поставени на раководни позиции ќе се осмелат да им противречат? Или „кадриве“ во институциите го немаат списокот на подобните, односно оној друг список – на неподобните. На оние кои не смеат да добијат откуп. Оние од „entartete“ листата. Или пак ги јаде јанѕа сепак некој од нивните пулени договорени однапред да не помине, да не се случи некаков преврат, некаков „Отпор“ можеби, па нивните кикиритки да останат без откуп, и без пари, нормално. Зашто, очигледно е, целава процедура е само за тоа – да им се дадат парите на една утврдена листа квазиуметници (оние другине тука играат улога на декор, ама не се свесни, но за тоа подоцна!).

Второ, има ли Министерството, или некој од оние „стручњаци“ што седнаа на неморалната комисиска клупа, сознание дека ваков типично болшевички зафат во откупната политика се случува и некаде другаде, во некоја друга демократска земја, или земја којашто барем малку држи до својот културен и цивилизациски углед? Може ли некој да нè просветли со таков податок? Или барем сличен, колку да си го подзачистат образот? Низ европските музеи (да се задржиме само на нив) годишно циркулираат десетици вистински ремек дела со за нас непоимливи парични износи. И сето тоа тече прилично нормално, според одредени институционални / професионални или државни процедури. И таму, богами, се работи за сериозни милионски суми (во евра, се разбира), а кај нас за четири милиони денари или шеесеттина илјади евра. Колку што, на пример, би требало да биде откупот на едно до две сериозни дела за музејска колекција. А нашиве со парите купиле дела од 54 („реномирани“) уметници! Па дајте, ве молам. Кој е овде луд, а кој глуп? Та зарем е можно за некакви пишливи шеесеттина илјади евра – зашто толку изнесувал буџетот за откуп за оваа година – да се избербати образот и на Министерството, и на државата во целина, а особено на институциите што утре ќе треба да ги примат овие „подароци“? Во случајов не ги спомнувам членовите на т.н. Комисија, зашто тие веќе седнувајќи на таа однапред инфицирана работна маса се согласиле да си го извалкаат образот и професионалната чест. Ако ги имале, се разбира. За некои сум сигурен дека ги немале, и ги немаат, ама ме чудат колеги кои на една моја Иницијатива упатена до ИКОМ и АИКА за отворен протест против ваквата турбо-фолк откупна политика на Министерството изразуваа поддршка, а во праксата прават друго. Ама, нели, човечкиот образ трпи сè?

7.

Трето, или не знам кое е веќе по ред, можно ли е ниту еден, барем еден од македонските уметници чии дела беа откупени на ваков каубојски начин, да не се запраша зошто оваа фарса се прави токму вака? Можно ли е никој да не ги видел сите (најблаго речено) сомнителни „процедури“, сите апсурдни нијанси на оваа турбо-фолк откупна „политика“? Та не се од вчера, барем поголемиот дел од нив, не се ни од завчера. Кога во минатото еден државен орган со занимавал со откупна политика на музеите – вака, директно, безобразно, мафијашки? Или, почувствуваа мирис на евра и заборавија на сè?

Има ли некој од овие уметници кој ќе застане јавно против ваквото понижување, против дампинг политиката што ја спроведува Министерството за култура, против резилот што им го лепат на имињата? Или навистина ќе се продадат за пет-шест илјади евра? А меѓу нив има и такви кои поминале и сито и решето, кои биле низ светот, се судрувале со секакви предизвици. Но ова не е предизвик, ова е – нешто сосема друго. Ова е нечесна дубара, ама легализирана, зашто ја извршува државен орган. Ќе се согласат ли навистина сите од списокот да бидат сценографија вредна две-три илјади евра, а направена со цел да го покрие она потенцијално ѓубре што се крие позади? Ќе прашаат ли кои се тие други фамозни „реномирани“ македонски уметници кои утре со сила ќе им бидат напикани во депоата на македонските музеи? Или повторно, по којзнае кој пат, ќе се задоволат со трошките? Со коската што оние упорно им ја фрлаат, а овие се глодат меѓу себе кој прв ќе ја фати? И нема ли да им биде под честа да седат / да бидат на ист список со оние бараби кои годиниве ги полнеа џебовите со наши / нивни пари за – ништо, за лепе очи? И ќе се согласат ли, повторно и повторно, по којзнае кој пат, со очигледната ситуација дека во Македонија владее турбо-фолк менталитет што упорно нè влече на маргините на европската култура и уметност? А можеби сметаат дека тоа не е нивна грижа? А чија би била?

8.

Четврто, или кое е по ред: ќе се огласи ли некој од овие (от)купени македонски уметници против небулозите од типот дека „благодарение на оваа иницијатива, генерално ќе се пополнат некои празнини во музејските колекции“ (Симон Шемов), или дека се надеваат „дека овој тренд ќе продолжи“ (Жанета Вангели). Кои се тие празнини, и од каде вие господа ги знаете? И зошто не ги пополнувавте порано, ама за вакви пари? И кој тоа тренд да продолжи, овој на мафијашки избор на однапред наштимани откупи? Се сеќава ли господинот колку негови дела има во Музејот на современата уметност, а колку во Националната галерија? А во другите музеи? И колку тој би сакал да има? Да му се направи специјална, негова поставка? Се сеќава ли и госпоѓата колку нејзини дела се наоѓаат во најзначајните македонски институции и што сè направија за неа македонските институции изминативе петнаесеттина години, на кои што сега им лепат вакви шамари? За какви тогаш трендови овде станува збор? Па имате ли барем малку срам?

Или, можеби, сите (от)купени се согласни и со рефренот на оној шарлатан кој ужива да се нарекува „Рембрант“, а кој нè подучува дека недостатокот на арт-маркет кај нас е проблем на „…нивото на културата на побогатите луѓе кај нас кои, за жал, не се култивираа“ (sic!). Ма немој! А кој тоа овде, во оваа вукојебина може да се култивира покрај вакви некултивирани уметници? И како воопшто може да постои „арт-маркет“ (ова му е остаток од амстердамските денови!) со вакви уметници кои од дома продаваат по едни цени, во галерии по други, а во Министерство за култура по трети, багателни цени? Па зарем богатите луѓе, па и во Македонија, се будали да инвестираат во вакви шарлатани, кои сами си ја уриваат цената? И кој сега ќе им ја надомести загубата со ваквите дампинг цени и на оние малку колекционери кои инвестирале во некои од овие „реномирани“ македонски уметници кои сега самите си се распродаваат? Односно, дали веќе од утре – а така би било логично – цените на делата на овие турбо-фолк миленичиња значително ќе паднат како некаква ориентациона вредност и како кон нив ќе се однесуваат оние постари колекционери или новите потенцијални купувачи? Мислеле ли барем на тоа овие? И каков ли би бил тој „арт-маркет“ на турбомакедонски начин, каде Министерството за култура би си организирало свои „аукции“ со дампинг цени, „уметниците“ би се заебавале кој како сака и како ќе стигне со цените на нивните дела, па дури и ќе ги донираат по партиска наредба? Па има ли такви будали овде, богати или не, кои би плаќале за вашите заебанции, шутраци ни едни?

Кон првиот дел

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Марк Солис

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото