Живот на свеќа - каква ли е нашата среќа?

31.01.2014 11:57
Живот на свеќа - каква ли е нашата среќа?

Денес, во 21 век, во време кога техниката ги доживува најголемите достигнувања, модерниот начин на живот мора да го живееме и да го газиме ние, бидејќи ако не го газиме, тој ќе нѐ згази нас. Во време кога сите нормални општества се грижат за себе да си го направат животот практичен и многу полесен, кај нас во нашата земја овие „патриоти“ во име на патриотизмот нѐ вратија пред времето на Тесла, односно цели два века назад. Шокиран сум од посетата на некои домови, кои поради финансиска немоќ - жртви на овие „патриоти“ кои им скроиле судбина што ни самиот ѓавол не би можел да им ја скрои - живеат во беда, без струја и без основни услови за живот. Имам завршено факултет, велат, ама ете, за мене нема работа. Па како ќе имаш работа во ова ненормално време, кога си чесен човек, кога не си измеќар, тапкач по рамо, шпион. Ним не им требаат луѓе со совест, на зијан се од такви луѓе. Во време кога многумина размислуваат каде да одат на летување, каква гардероба да купат за сезоната која доаѓа, какво возило да паркираат во својата гаража, ние се враќаме многу столетија назад и останува уште да започнеме да го живееме животот на нашите предци, да појдеме во пештери и дрвени колиби.

Алал да ви биде ВМРО-ДПМНЕ! Навистина се грижите за граѓаните! Сите нѐ запустивте, осиромашивте и нѐ доведовте на питачки стап и сигурно вашата основна кампања би требало да биде „ УКРАДИ, УНИШТИ, ОСИРОМАШИ, ИСПУСТИ “.

Го остваривте вашиот вистински проект кој не беше јавно напишан во вашата програма. Да тоа е точно, нѐ потчинивте, нѐ осиромашивте, нѐ уништивте и ликувате над таа победа. На сите ни ја одзедовте насмевката, на некои и гордоста, сеењето страв е вашето најмоќно оружје кое го искористивте до максимум и целосно нѐ уништивте. Нема повеќе надеж за промени, нема повеќе храброст кај народот за да ви каже ДОСТА Е, го скршивте и покоривте и го оставивте самиот себе да се уништи, не можејќи повеќе да ве гледа и слуша. Тоа е најголемата придобивка од вашето владеење, тоа е вашиот придонес во нашето граѓанско општество, тоа е она што досега на ниту еден болен ум не му успеало во нашата држава.

Поголемиот дел од населението во Македонија остатокот од никаквиот живот го живее во супстандардни услови, без струја, без најосновните елементарни потреби кои би требало да ги има во своите домови. Повеќето луѓе веќе не се радуваат на тропнувањето на вратата, затоа што знаат дека единствениот кој пристигнал на нивната врата е поштарот или курирот на извршителот кој им носи некои сметки или извршни решенија. Во нашата држава единствено работат нотарите, извршителите, вашите законски рекетари кои на секој можен начин сакаат да ја одерат кожата на народот и само тие да се богатат. Се разбира, и вие господо. Им влегуваат во домовите им го земаат одамна дотраениот мебел и останата своина и ќе го исфрлат на буниште ако треба, но не им го оставаат на сиромашните и обесправени граѓани. Ни во турско не било вака, имале исав, имале жал. Вие им оставате единствено да одберат дали ќе си умрат порано или подоцна мачејќи се во оваа агонија, оставени сами на себе како да немаат ништо придонесено, оставени да цркнат сами како да се болни од лепра. „Алал“ да ви е, сите нѐ убивте без ниту еден испукан куршум.

Во нашата држава веќе одамна владее голема немаштија и сиромаштија, во нашата држава веќе поголем дел од населението се обидува да преживее, а не да живее, наспроти некои „одбрани“ кои гледаме како аздисуваат со нашите пари и како на шега си прават разно-разни тендер оргии со единствена цел: кој ќе испумпа повеќе пари од буџетот каде што сите придонесуваме. Гледаме како ги товат задниците со лесно заработените пари. Без трунка совест , со голема доза на глувост го пречекоруваат немоќниот и не го слушаат крикот на гладните.

Случка која ќе остане вечно врежана во моите сеќавања: посетата на домот на младата сограѓанка која во рекордно време го има завршено филолошкиот факултет, но судбината ГРУЈО си поиграла со нејзиниот живот. Родителите со маки и го плаќале факултетското образование делејќи некој денар од нивните скромни примања, со надеж за подобро утре на својата ќерка, за да може да биде самостојна и свој човек, но сега, сама со својата мајка, без струја, со тенки свеќи, со надеж дека ќе ѝ се насмевне среќата.
Дали за тоа учела, дали за тоа се промовира школството во нашата држава?

Знаењето е сила, знаењето е моќ! Тоа е една кампања на ДПМНЕ, која кога ја промовираа ни самите не веруваа во тоа.

Ова е само една од многуте животни приказни, вакви случаи во Македонија има многу и сите пополека одиме накај нивните судбини. Сите сме кројачи на својата судбина? Јас велам дека Грујо е ковач на нашата судбина.

Влатко Ристески
Граѓански активист
Претстедател на ОДРАЗ

Слики: Свирачиња