Престанав да се радувам на туѓи револуции

07.02.2014 09:39
Престанав да се радувам на туѓи револуции

Велат, светот останува на младите. Можеби во некое друго време и друго место ова би важело, но овде, во Македонија, сигурно не важи.

Во јуни сите ги следевме борбите на демонстрантите со полицијата на плоштадот Таксим во Истанбул. Секојдневно слушавме за ранетите и мртвите, но и за тоа дека сѐ повеќе и повеќе луѓе излегуваат на улиците како поддршка. Секојдневно слушавме за тоа како турскиот премиер Ердоган се заканува дека ке употреби сѐ поголема и поголема сила кон демонстрантите ако не се откажат. Слушнавме и за тоа дека наместо да се прикажува како полицијата ги тепа и убива демонстрантите, на турската национална телевизија се емитува емисија за пингвини. За уредниците, најверојатно по наредба на некој од владата на Турција, пингвините беа поважни од животите на луѓето.

Пред некое време почнаа протестите во Украина. Почнаа како протести против договорот на Украина и Русија, а полицијата под наредба на владата почна да ги тепа демонстрантите со цел да ги заплаши и избрка од улиците. Наместо тоа, демонстрати имаше сѐ повеќе и повеќе. Ситуацијата излегуваше од контрола. За да го спречи тоа, украинската влада донесе деколку закони. Тогаш ситуацијата уште повеќе излезе од контрола. Луѓето излегоа да ги поддржат демонстрантите и протестите станаа анти-владини и се бараше оставка од владата и претседателот Јанукович. Еден од најинтересните моменти беше орвеловската СМС порака што ја добија сите учесници на протестите: „Бевте регистриран како учесник во протест“.

После големите судири на демонстрантите и полицијата и многуте мртви и повредени, деновиве ситуацијата е мирна, но сѐ уште напната. Демонстрантите сѐ уште се на своите места во центарот на Киев и сѐ уште бараат слобода.

На 27 јануари, во Косово почнаа студентски протести. На почетокот, група студенти ја окупираше канцеларијата на ректоратот на универзитетот „Хасан Приштина“ и побара оставка од ректорот на универзитетот затоа што се докажало дека научните трудови во списанија, кои тврдел дека ги објавил за да стекне статус на редовен професор, всушност биле објавени во списанија кои не постојат. Многу од студентите што протестирале беа уапсени, а уште многу студенти сѐ уште протестираат и бараат оставка од ректорот, како и прегледување на досиејата на сите професори за да се открие кој друг лажел во својата биографија.

Денес во Босна се случија судири на полицијата со работниците од пропаднатите државни фабрики. Се палеа гуми, се фрлаа камења кон владината зграда, се ширеше мирис на солзавец. Незадоволството од економската состојба ги натера младите и старите Босанци да излезат на улица и да се тепаат со полицијата за своите права и својата слобода.

Каде сме ние во сите овие приказни? Па, заглавени некаде меѓу партиските штабови и амбасадите каде бараме работни визи за да избегаме од тука. Економската состојба во Македонија е катастрофална, повеќе од 60% од младите се невработени, додека милиони евра беа потрошени на споменици и загради за да може пренатрупаната администрација да работи. Живееме во општество затруено од национализам и омраза на етничка или религиска основа. Како студенти живееме во најмизерните услови во студентските домови и добиваме никакво образование за кое плаќаме еден куп пари.

Се случи убиство на млад човек од страна на полицаец. Што направивме ние? Се прошетавме низ градовите со натписи „ве молиме не нѐ убивајте“, запаливме свеќи и седевме на асфалтот пред кордонот полицајци. Толку. Да, убиецот доби казна, но не и оние што се обидоа да го скријат убиството. Тие и ден денес се на истите функции на кои што беа тогаш.

Се случи Бристол. Што направивме ние? Се уништи еден парк за да се изгради зграда за советот за радиодифузија. Паркобраните беа уапсени и избркани од местото во акција на единицата за брзо распоредување. Беа уапсени и наредниот ден пуштени со казни за нарушување на јавниот ред и мир.

Се случи протестот за Кежаровски. Што направивме? Ништо посебно, се собраа новинари и граѓани во не многу голем број за да протестираат за слобода на Кежаровски. Можеби за прв пат се виде една искра на вистински отпор кога новинарите се судрија со полицијата. Можеби беше кратко, но беше силно и се виде дека искрата за борба за слобода не е целосно згасната.

Што НЕ се случи? Никој и ништо не направи за криминалот во кабинетот на претседателот што беше откриен пред некој ден. Никој и ништо не направи за тоа дека младите се невработени и живеат со една мисла, а таа е како да избегаат од оваа проклета земја. Никој и ништо не направи за условите во средното музичко училиште во Битола, освен што градоначалникот на Битола рече дека партиски структури стојат зад протестите. Никој и ништо не направи за условите во студентските домови. Никој и ништо, освен некое анонимно писмо со иста содржина: Пак падна лифтот или храната е гнасна или вода тече од покривот или немаме парно или нешто слично.

Никој и ништо не презде.

И тоа боли. Многу боли.

Многу ме боли кога ќе видам или слушнам дека некој отишол во партија за да може да најде каква-таква работа или дека некој подготвува документи за да замине од овде.

Заради ова престанав да се радувам на туѓи револуции, затоа што сум љубоморен. Љубоморен сум на нивната храброст да се борат да си го вратат она што е нивно. Не се радувам на туѓи револуции и не сонувам дека еден ден и кај нас кќ се случи нешто слично и ќе си го вратиме она што ни го украдоа.

Проклети да сте сите вие виновници за состојбава во која сме.

Проклети да сме ние што ви дозволивме да нѐ доведете во ваква состојба.

Извор: sandokanblog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото