Пишанки или раскази на вересија

18.02.2014 14:20
Пишанки или раскази на вересија

ПАМПЕРС

После неколку серии водење љубов (да не речам добар секс), погледнав кон телевизорот и видов реклама за Памперс. Не сакам да алудирам на ништо, но ми се пресекоа нозете...

ПЛЕТЕЊЕ

Ќе ти земам мерки и ќе сплетам џемпер, волнени чорапи, шал, капа и ракавици. И ќе ги облечам, па ќе те носам секаде со себе. Нема повеќе да се расправаме каде да одиме.

РЕЦЕПТ

1 цеден портокал
1 цеден лимон
малку вода
две лажички мед

Во стаклена чаша, задолжително. Подготвувај ми го овој напиток наутро и ќе те сакам цел ден, до следното утро. Не барам многу, нели?

КУКЛА

Седам во излог и гледам во минувачите. Некои од нив застануваат и гледаат во мене. Постојам за тие мигови. Убаво сум нашминкана, а гардеробата ми е од најновата колекција. Тоа е сѐ што ми треба. Исполнета сум, со пластика.

ЗАКАНА

Внимавај да не ме налутиш зашто ќе ти ја искубам косата, ќе ти ги искорнам веѓите, ќе ти ги запалам трепките, видот ќе ти го расипам, нема да можат диоптрија да ти одредат. Ушите клапести ќе ти ги направам, а кажав веќе дека косата ќе ти ја искубам, така што оддалеку ќе ти се гледаат. Носот на неколку места ќе ти го искршам, ниту најдобриот пластичен хирург да не може да ти го исправи. И предните заби ќе ти ги искршам, нема да имам време за другите, зашто ќе треба да продолжам со кршење на екстремитетите, па прстите, еден по еден, нема ниту едно ковче здраво да ти оставам. А, да... И едно ребро ќе ти земам, за секој случај.

УЛОГА

Една жена цело време молчи. Или подобро да речам, премолчува. Седи на сцената, на едно столче покрај масата, стуткана. Кога некој од ликовите ќе ѝ се обрати, таа само повторува: „Ах, уште рака-две да имав...“ Друго ништо не кажува. На крајот од претставата главниот лик ја нарекува мајка.

ЉУБОВ

Се познаваа одамна, од детството. Кога беше мал, тој сакаше да порасне за да ја освои. Кога остаре, сакаше да биде повторно млад за да не ја изгуби. Таа го љубеше сето тоа време и остана вечно млада. На крајот, како воопшто да не се познаваа.

ОЧЕКУВАЊА

Една жена се омажила за човек кој многу го љубела. Имале четири деца: две машки и две женски, секое дете си имало и брат и сестра. Живееле во голема куќа, со голем двор. Во дворот одгледувала разни цвеќиња, во градината зеленчук, а во овоштарникот речиси сите овошки што успевале во тој регион. Чувала кучиња, мачки, верверички, многу птици, ги одржувала коњите во шталата, а се грижела и за рибите во аквариумот што го сместила во дневната. Секој ден подготвувала појадок уште пред да се разбудат другите, ручекот задолжително го поставувала во 15 часот, а вечерата пред последниот дневник. Одела на спиење откако сите ќе заспиеле, но била среќна, задоволна и исполнета.

Еден ден го прочитала овој запис во една книга и се подзамислила.

ОПЕРАЦИЈА ПРЕРОДБА

Ќе направам неколку пластични операции, ќе ги отстранам сите несовршености и ќе ги измазнам сите нерамнини. Ќе бидам прекрасна, речиси совршена. И ќе имам за што да зборувам, одреден период. Потоа ќе се обидам да се самоубијам.

ПОФАЛБА

Има еден човек, цел живот добива пофалби, од сите страни, и ништо повеќе. Поголеми успеси нема. Сите го потчукнуваат, де по едно, де по друго рамо, некои несмасни го потчукнуваат по грб, а имало и такви што се обиделе да го потчукнат по газот. Тој така вели, не знам. Од толку потчукнувања, човекот се подгрбави. Сега сите му се насмевнуваат, непријатно им е да го потчукнат. И насмевката е еден вид пофалба, ако ништо друго, вели и ја наведнува главата.

ВЛАКНО

Се сеќавам дека на мојата улица живееше еден човек од кој сите бегавме. Неговата куќа однадвор изгледаше пристојно, освен дворот, кој се гледаше дека не е уреден подолго време. Се плашевме да пријдеме поблиску, но верувавме дека живее сам затоа што зад себе оставаше непријатен мирис, ретко се бањаше, а уште поретко се бричеше. Носеше нечисти алишта, па се обложувавме дека и чорапите многу му смрдат. Најчесто си ги стискаше мозолчињата на лицето, си чепкаше во носот или ушите, а откако ќе се најадеше си ги чистеше забите со долгите нокти обележани со црни траги. Храната му ја даваше една госпоѓа од соседната зграда, велеше дека и онака би ја фрлила, па подобро некој да ја изеде. Еднаш го гледавме додека јадеше и останавме подзинати. Тоа го правеше како да јаде во некој отмен ресторан, а седеше на блиската клупа. Вешто го сечеше месото со нож и вилушка, се бришеше со бело крпче после секој залак, џвакаше полека. Сѐ до моментот кога ги збрчка веѓите, лицето му се стутка во израз кој оддаваше одбивност, гадење, а од устата полека влечеше... Влакно! Долго и тенко. Веднаш ја исплука храната што ја имаше во устата, се напи вода и остатокот им го подели на кучињата и неколку мачки кои, по навика, беа во негова близина.

Извор: Пишанки или раскази на вересија, Слово Љубве, Скопје, 2012.
Слики: Руи Пињо

Олгица Станковска е родена 1987 година во Скопје. Студирала Македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје. Првиот мал чекор за неа, но значаен нашата млада литература го прави испраќајќи текстови на конкурси, па охрабрена од позитивните коментари, одлучува да ја објави книгата „Пишанки или раскази на вересија“. За себе и за своите текстови не сака многу да зборува, само срамежливо се насмевнува.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото