На политичарите им е преку глава од ветувањата на граѓаните за тоа за кого ќе гласаат

27.02.2014 14:05
На политичарите им е преку глава од ветувањата на граѓаните за тоа за кого ќе гласаат

Скопје, 27 февруари 2014

Повеќето политичари во Македонија се согласни во оценката дека на граѓаните повеќе не може да им се верува кога станува збор за предизборните ветувања.

Празните приказни полни со демагогија и лажните ветувања на граѓаните за тоа за кого ќе гласаат, се нештата кои најмногу ги иритираат партиските активисти кога доаѓа предизборен период, покажува истражување спроведено меѓу политичарите.

„Штом се распишат избори, почнува добро познатата приказна од која со месеци не можеме да живееме. Каде и да се свртите, ги слушате граѓаните како зборуваат за тоа за кого ќе го дадат својот глас, што сѐ ќе направат за нас на изборите, а всушност само ни влеваат лажна надеж, бидејќи секогаш се испоставува дека го измислиле сето тоа“, вели Марко Кондевски од партијата Обединети фотејли на Македонија. „Ние политичарите бараме само едно, а тоа е подобар живот после изборите. Се прашувам како можеме да го очекуваме тоа кога граѓаните секогаш нѐ извисуваат“, додава тој.

„Кога почнува предизборната кампања, граѓаните по цел ден не ги тргаат од телевизија. Сѐ што слушаме се празните приказни од типот 'ќе гласам за овој, ќе гласам за оној', а на крајот ништо од тоа не се остварува. Ни ветуваат дека ќе изградат доверба, ќе ја отворат душата, ќе ги впрегнат сите свои ментални капацитети на гласачките места, но сето тоа е обична лага и веќе ми се смачи од нив“, вели Маја Велевска од Партијата за демократско доживотно владеење.

Доколку продолжи трендот на граѓанска демагогија пред секои избори, политичарите се согласуваат дека во иднина повеќе не треба да ги пуштаат граѓаните во своите домови, дури ни за време на слава или роденден.

Извор: www.njuz.net