Од дневникот на Ѓорге Иванов

14.03.2014 11:10
Од дневникот на Ѓорге Иванов

15.12.2013

Денес станав порано. Ме разбуди страшен сон. Се наоѓам во студио, а спроти мене - опозициски политичар! „Дебата, Хорхе! Полемика!“ - врескаше. А новинарот се приближи до мене и ми шепна дека го изгубил списокот со прашања што му го испратив. Почнав да бегам, а по мене трчаше опозиционерот. Како што ми се доближуваше, му растеа повеќе глави и ми поставуваше сѐ повеќе прашања, од секоја глава различно. Добро е што се разбудив, ама сонот ми го еба денот. Ги откажав посетите на куклениот театар, работилницата за оригами и фестивалот на правење сарми.

20.12.2013

Кој го измислил огледалото - алал вера! Пола саат си правев муабет со него. Супер се согласувавме.

21.12.2013

Ќе пофали човек нешто и оп! - ќе го подрече. Се гледам и денес во огледало, а во огледалото - Грујо.

22.12.2013

Го покрив огледалото со чаршаф. Си знам јас кој сум. Ја сум Ѓорге Иванов, претседател на Република Македонија. Ама, знаат ли граѓаните?

25.12.2013

Се тенчи мандатов. Може ќе има втор, може не. Ако нема, луѓето треба да ме памтат по нешто. Да го кажам уште еднаш тоа со разумниот компромис? Ај не, од партија ќе смислат нешто подобро.

30.12.2013

Вчера бев на Бит-пазар. Си купив три пара чорапи, кило патлиџани и неколку пиратски дискови. Додека шетав, поткачив со рамо неколку пазарџии, да знаат дека сум човек од народот. Не ѝ кажав на Маја, ама си купив и кутија петарди. Иде нова Година, да се порадувам малку. А во чорапите - желби.

31.12.2013

10, 9, 8, 7, 6, 5, 4, 3, 2, 1, 0! Среќна Нова година! Долу Бранко, долу СДСМ! Разумен компромис! Разумни Хунзи... уствари не. Изгледа се начукав.

1.01.2014 - 27.02.2014

Зимски сон. Зен кулирање. Недејствување (особено не политичко). Смирение. Конвенција се ближи. Фокусирај се ;) Повторно кратки средби со огледалото. Ама не, подобро нека седи покриено.

1.03.2014

Хахахахахахахаха, како му го рече Тони на Бране! Линии, а-у. Браос! Алал вера! :))LOL!!!

Плус, пак ме кандидираа, а претставата беше топ. Само Јове нешто се курчеше. Нејсе...

2.03.2014

Добро е, имам фора за втор мандат. Сите ме поддржуваат. И восочните фигури од оној музејон... Само да видам до кај е работата со новиот космодиск. Пред две недели го нарачав, а уште го нема. И топ-шоп не е тоа што беше.

3.03.2014

Викаат дека автосугестијата помага. Повторувам: не сум Грујо, не сум Грујо, не сум Грујо. Јас сум Ѓорге, јас сум Ѓорге, јас сум Ѓорге... Ѓорге е индивидуа, Ѓорѓе е индивидуа, Ѓорге е индивидуа... Заеби, напорно е ова.

5.03.2014

Вчера ми се јавија од партија. Не знам кој беше на телефон. „КАКВА ИНДИВИДУА, КАКВИ БАКРАЧИ! НАРОДОТ ТЕ ГЛАСА БАШ ЗАТОА ШТО НЕ СИ ИНДИВИДУА! НЕ СЕ ЗАЕБАВАЈ, СЕДИ СИ МИРЕН. ГРУЈО ПОВЕЌЕ ЌЕ ЗБОРИ НА МИТИНЗИ, ТИ ЌЕ СЕ СМЕЕШ, ЌЕ ПРАИШ ЖМИГ-ТРЕП СО ОКО, ЌЕ ТЕ ИМА НА ТВ НА СЕКОИ ДВЕ МИНУТИ И ТВОЈ Е МАНДАТОТ“. Во право се. Убаво рекоа. А јас па, будала, се замарам...

6.03.2014 - 12.03.2014

Ништо особено.

13.03.2014

Бев на журка по повод школава за млади лидери. Супер работа. Школа за лидери Ѓорге Иванов... колку тоа моќно звучи. Не е лошо да правиме и воена академија Махатма Ганди, школа за оратори Амди Бајрам и социјалистичка партија на Ѕинго. Уствари, последново го има.

(веројатно продолжува)

Слика: Свирачиња