Перо во кошот на Иванов

20.03.2014 11:38
Перо во кошот на Иванов

И со новиот политички шут, капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Перо Антиќ, повторно промаши и пак разочара најголем број од негови фанови. Овој пат се јави од САД, каде што настапува за Аталанта: „Иако не сум политички определен ниту имам потреба да бидам, мојата целосна поддршка оди за господинот Ѓорге Иванов“, соопшти единствениот македонски претставник во најсилната светска лига, НБА. Првата утка, која сите навивачи-патриоти ја оценија како големо предавство, му се случи пред две години на натпреварот со Барселона во Истанбул, кога како играч на Олимпијакос, пред илјадници гледачи низ светот, се претстави кратко и јасно: „Перо Антиќ, ФИРОМ“. Нигде Македонија. Потоа се правдаше дека бил приморан да ја изговори кратенката (остана нејасно зошто не ја кажал целата референца).

Овојпат разочарувањето е уште поголемо. Антиќ, кој претендира за прво политичко перо меѓу обрачите, се претстави како агитатор во највулгарната смисла на зборот. Како спортист и капитен, тој е репрезент на сите играчи, навивачи и љубители на кошарката во Македонија и, ако имаше малку смисла за фер-плеј, за каква-таква етика, немаше да им удри ваква политичка банана. Зошто имал потреба, уште пред кампања, да ја обзнани својата политичка определба и со што бил „приморан“ да го уфрли гласот во кошот на Иванов? Образложението дека претседателот го поддржал и кога репрезентацијата не се пласира на Олимпијадата и по слабиот настап на Европското, не е доволно за срамниот реванш.

(редакциски коментар во Слободен печат)

Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото