По повод 1 мај ССМ ќе го претстави новото празнично мени

01.05.2014 11:12
По повод 1 мај ССМ ќе го претстави новото празнично мени

Скопје, 1 мај 2014

Сојузот на синдикати на Македонија по повод Меѓународниот ден на трудот ќе го претстави новото мени со кое им препорачува на македонските работници да го прослават нивниот најголем празник.

„ССМ отсекогаш се грижел за благосостојбата на своите работници. Овој пат повеќе обрнавме внимание на здравствените аспекти, па затоа нудиме ново, здраво, диетално мени во кое е редуцирана количината на храна која обично се јаде за 1 мај“, вели Живко Митревски.

Тој објаснува дека во менито се препорачува работниците да прескокнат еден или повеќе оброци, а и оној што нема да го прескокнат да биде преполовен и без традиционалната скара.

„Придобивките од новото мени се повеќекратни. Работниците ќе бидат здрави, ќе изгледаат подобро и ќе заштедат од буџетот за храна“, вели првиот синдикалец и додава дека новото празнично мени треба да се користи и во текот на целата година, а не само за 1 мај.

Според информациите до кои дојде екипата на Пара вести, новото мени кое ќе го промовира ССМ веќе одамна почнале да го користат невработените македонски граѓани, секој ден. Се претпоставува дека ССМ со менито сака да ја намали разликата меѓу менито на вработените и невработените. Други пак, сметаат дека Сојузот на синдикати само ја следи потрошувачката моќ на граѓаните.

На прашањето зошто ССМ и годинава нема да организира протести не успеавме да добиеме одговор, бидејќи нашиот новинар кој разговараше со Живко Митревски не успеал да разбере што зборува првиот синдикалец.

„Откако поразговаравме за менито, го прашав зошто и годинава не се организираат протести. Зборуваше и објаснуваше нешто околу петнаесетина минути, но колку и да се трудев, не можев да разберам ништо од одговорот“, објасни нашиот новинар.

Сродни статии:

Работниците протестираат со едноминутно гасење на скарите
Синдикален лидер дал оставка поради премалку организирани екскурзии и излети