Хорор на квадрат

03.06.2014 09:47
Хорор на квадрат

1.

Ние навистина не сакаме да мрднеме ни чекор напред. Сакаме назад. По можност – што побргу. Толку нѐ интересира таа проклета историја што само и исклучиво со неа се занимаваме. Во неа – „воскреснуваме“. И тоа на најгрозоморен начин. Оној на терор, на хорор, на убиства, на мачења… Како ова новоиспилениве полуписмени историчари да се садисти, што ли? Па уживаат да го плашат народот со такви собитија, седат и мозгаат што погрозоморни и покрвави сцени од кои ќе ви се згади. И живот и историја. Што народ беше ова?

И некој им ја всадил, ним и на она Министерствоно за леб и игри, идејата дека колку погнасен – толку подобар музеј, колку покрвав – толку поуспешен музеј, колку посадистички – толку поедукативен музеј… Ова луѓево излегле ли некаде надвор од оваа вукојебина, виделе ли што и како работи светот, особено во музејската дејност? И за што служат таму музеите? Да ги плашат луѓето? Па ако луѓето сакаат да се плашат ќе си купат хорорче на ДВД – денес барем ги има едно чудо – и ќе се трескаат од земја дома, поудобно и поевтино.

2.

Но, шега на страна, иако всушност воопшто не е шега, нашата хорор – драмолетка како да нема крај. Сега сме до вториот дел – односно до новата „поставка“ (како не им е срам тоа така да го нарекуваат?) – во Музејот на македонскиот хорор. Којзнае уште колку делови ќе има! Како „Scream“ 1, 2, 3, 4, 5...?!И што ли друго им се мота низ садистичкине главчиња на тоа пионерчињата историчарчиња, веќе со побелени коси? Изгледа малку ни беше онаа мрачна зандана којашто ни ја смислија на почетокот и помпезно ја нарекоа (исто така) музејска „поставка“, во којашто штедеа струја во интерес на „атмосферата“, кадешто мора(в)те да се движите само со водич за да не скршите нога или од ќошовите да не ви скокнат за врат некои од разноразните заканувачки ликови кои никако не можете да ги препознаете. Изгледа тие мрачни вампири ги познаваа(т) водичите и пред нив не смеат да прават зулум! Дресирани се, што ли?

Врв на таа хорор „поставка“ беше сцената со бесилката сместена на централно место во една од салите, на којашто висеше „безживотното“ тело на некоја кукла што глумеше кутар македонски војвода, врз бесилката стоеја гарвани (или чавки, не сум сигурен), потсетувајќи на најдобрите денови на Хичкок, а сето тоа во една сенишна атмосфера од најевтините „pulp fiction“ приказни. Впрочем, неодамна токму за истата „сцена“, ама и за целиот Музеј на хоророт пишуваше и австриски „Стандард“. И тие биле „импресионирани“ од нашево чудо! Станавме потсмев на светот!!!

3.

Меѓутоа, очигледно, нашиве „историчари“ и нашиве политичари ни читаат ниту пак сакаат да слушнат туѓи мислења. Ним им е битно само нивното. Мислење, се разбира, и по нешто друго, ако има. А обично – има.

Но, повторно, шегата на страна, просто е неверојатно колку не знаеме и колку не сакаме да знаеме. Ниту пак сакаме некој да ни каже дека не знаеме. Ама знаеме со кого сакаме да се мериме. Со „Мадам Тисо“, на пример, оној и во Париз и во Амстердам. Е до таму дошла нашата музеологија во дваесет и првиот век, да си го мери, да пристите, со „Мадам Тисо“. И во Париз и во Амстердам. Не знам кој е подобар, не сум бил. Ама сум пробал, што е право, да влезам во дотичниот во Амстердам, но со помош на ИКОМ картицата (Интернационален совет на музеите) со којашто бесплатно се влегува во сите реномирани светски музеи. Е, ама таму – не може. Бараат дваесетина евра. Па ние не сме таков музеј, велат. Мора да си платите. Ги разбирам, такви циркуси во светот се плаќаат.

Не знам каков музеј ние сакаме да имаме. Очигледно таков, бидејќи се фалиме со сличностите. Иако, всушност, ги нема, зашто која будала би платила таму дваесетина евра за да го плашат со бесилки, крвои, мачења и стрелања и што ли не? Тие таму би банкротирале за два дена.

И не знам дали некој од Канадските претставници, или власти, начул дека се фалиме дека сме биле слични и со Канадскиот воен музеј. Веројатно не чуле, инаку веќе ќе ни стигнеше дипломатски протест бидејќи плеткаме една сериозна музејска институција од тој тип во нашиов „ала Тисо“ циркус. До душа, не сум сигурен дека и „Мадам Тисо“ не би реагирале кога би го виделе нашево чудо?!

Додека ние се занимаваме со измислиците од малите мозочиња на нашиве историчарчиња, на муз(е)олозите од типот на д-р Сарајлија и проф. д-р Величковски како главни „специјалисти“ консултанти на непрежаленоно ни Министерство за леб и игри, светот во музејската област бара одговори на сериозни прашања и нови и нови предизвици. И поставува граници, и тоа токму на прашања / проблеми со коишто ние така ноншалантно си играме / ги презентираме пред нашава т.н. јавност.

На пример со прашањето на приватноста, односно барањата на одделни семејства да се отстранат деградирачки и несоодветни фотографии на нивни членови во одделни историски поставки. Поточно, некои американски музеи се соочиле со барања на одделни семејства од нивните поставки да се отстранат експлицитни / јасни фотографии на нивни членови од времето на големата економска криза, коишто ги прикажуваат нивните предци во непријатни и понижувачки ситуации. И за тоа расправа(л) и Американскиот правен институт, и Смитсонијан институтот и Американската музејска асоцијација, согледувајќи го проблемот од сите правни и стручни аспекти.

А ние, во „новата поставка“ на Македонскиот музеј на хоророт – според умот на нашиве „стручњаци – историчари“ Ачковска, Тодоровски и Жежов – на публиката ќе им го прикажуваме мачењето на Цветан Димов, Мирче Ацев и Страшо Пинџур во скопскиот истражен затвор, на Иљо Антевски – Смок во тиранскиот затвор итн. Па имаат ли тие луѓе семејства денес, имаат ли поблиски и подалечни роднини, и како тие ќе реагираат на таквите сцени, дури и ако се инсценирани? И што, по ѓаволите, ќе постигнете со тоа? Зарем мачењето на овие било којзнае колку поинакво од мачењето на кој и да е друг комунист во тоа време? Или очекувате, шутраци ни едни, поголема посета на садисти како вас токму заради фактот што ќе го претставите мачењето на овие луѓе? И што би имало тооолку интересно таму да се види, освен ако човек не е болен во умот?

И конечно, зошто во таква улога не ги ставите вашите дедовци, баби, татковци, мајки… нека ги мачат нив, а публика нека гледа. И донесете ги вашите деца да го гледаат тоа.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Great Horror Campout

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура / Филм
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото