За мечката и за филмот

28.11.2017 16:33
За мечката и за филмот

Г-дин Тричковски нè информира за најновиот (национален, се разбира, тие ништо под национално!) продукт на рифеншталките, филмот „Дупката на Триумфекалната капија“. Едната режисјорка, другата – разбира се – продуцентка и главна актерка! Добро е да се знае, кога веќе надлежните не нè информираат. Не знам дали во филмчето – пардон: во филмиштето, зашто тие ништо не прават под супериорната големина! – ќе има место и за нашана локална ѓоа Аманпур шмизла, која што милува да зауздува. Би ѝ личело со двене, нели? Иста школа. Ама ова и не е некаква вест.

Но, каква врска имаат мечката и филмот? Никаква, се разбира. Освен што, за мене, еднакви по неверојатност се двете вести: мечка му украла две пушки на ловец и Агенцијата за филм успеала да врати 300.000 евра од хрватскион „продуцент“! Затоа и ги поврзувам, заради неверојатноста на постапките, заради фантастичноста на дејствијата – чиста научна фантастика! Тозија со право се фали „на сва уста“, што би рекле, дека вратил барем една третина од украдените пари. Повторувам: се фали со право зашто за изминативе месеци не слушнавме некој да врати некакви пари. Освен Финансии што враќаат главно странски кредити. Другите – земаат! Дури и за бизнис класа, зашто патот им бил долг. Па кој ѓавол тогаш одиш таму, џенем, дури во Аргентина? И јас би, додуша, ама нема кој да ми плати, па нека е и економска класа. (Роберт како да се исплаши од шмизлана, што ли? Иако, за право, ни јас не сум многу за по патиштата!). Што стана бе со ова младиве, од старт па – на луксуз? А ние што патувавме автостоп, на времето? Да, ама друго време беше.

Но, зборот беше за филмот, општо, ама и поединечно. Бидејќи тој, македонскиот филм, се престори во општа забава – да не речам заебанција – во која се вклучува кој како ќе стигне, а особено во актуелниве продолжетоци на (демек) рашомонијадата наречена „серија Македонија“. Што всушност целосно одговара и на нашите дневнополитички збиднувања, речиси како пресликани, каде што едни напаѓаат, други се бранат, трети гледаат сеир, оние кои инкасирале малку треперат… не од студ туку од страв… оние кои сакаат да инкасираат малку повеќе се двоумат зашто веќе нема гага по системот мама на тате, тате на бате, бате на едикојси. Но, всушност, дојдовме дотаму да оценуваме треjлери наместо серии, адвокати – по правило неписмени за култура, со чесни исклучоци – да ни држат предавања дека веќе покренале тужби и слични будалаштини. Тужби – за што? Затоа што нивниот клиент имал рок да сработи тоа што требал да го сработи, а за што земал милион евра, ама – не го сработил? И сега се вади со треjлер? Божем тоа е исто како епизода, или епизоди – колку и да се – за една серија? Па ако е и од адвокати, многу е. Знам дека тие гледаат првенствено да инкасираат – демек од тоа живеат, а ние божем живееме од нашите огромни наследства, акции и дивиденди – ама до толку да нè прават луди? Или нивните клиенти се еднакво луди, па се надополнуваат? И никој, особено не оној „продуцентон“, ама и неговиот адвокат, не кажуваат зошто чоекот не испорачал ниту минутка од серијата, ама ги зел парите? Кое е образложението? Барале пролонгирање на терминот? Ма немој, а што правеле во изминатиот период? Палеле свеќи во црква – католичка или православна сеедно, нели Господ е еден – и се молеле за нова победа на баграта? И после: све ќе то народ позлатити, по стоти пут!? Ја ги мислев тоа Хрватите малку попаметни, признавам. Па веќе се во ЕУ. Ама изгледа дека тоа не е никаква гаранција. Еднаш бараба – цел живот бараба!

И сега, повторно за мечката и повторно во врска со филмот. Веста што ја цитирав вели дека мечката му украла на ловџијата две пушки. Можете да ја замислите мечката како го прави тоа, како се камуфлира, се прикрадува, лази… и цап – отидоа пушките. И тоа двете. Е јас така го замислувам и директорот на Агенцијата за филм кој, според зборовите на „продуцентот“, го сторил тоа „незаконски и самоиницијативно“, без Финансиска полиција или Јавното обвинителство. Го замислувам Медо како се шуња, женска чорапа на глава обавезно, влегува во банката каде што е сметката на „јадрановци“, и цапцарап – отидоа 300.000 евра! Не знам во што би можел да ги стави, не се малку пари, сигурно имал некој куфер на тркала – од оние поскапите, зашто тој е по скапите работи, така велат – или во некоја вреќа, што е помалку веројатно. Како и да е, и мечката и Медо се офајдиле!

Извинете, ама колку наивни и глупи нè мисли оној Хрватон? И недоквакани? Па ако навистина ги има бараните (според Договорот) епизоди односно целата платена прва сезона, зошто не ги даде таму каде што треба? Или нека испрати копии до премиерот, на пример, до цела Влада, до медиумите? Зошто дополнително се резили со некакви трејлери од 3-4 минути кои што, демек, треба да заменат цела една сезона? Мислам, добро, јасно е дека со претходнине македонски званични претставници, особено во филмот, странците и домашните можеа да прават што сакаат. Дури, како мечката, да украдат две пушки од ловџијата. Овие испокрадоа стотици милиони евра! Ама уште да играш на таа карта? Е па треба да си многу глуп.

Апропо овој потег, сè си мислам дека таква „операција“ мораше да се направи во целата култура, уште летото. Требаше да се одземат од сметките на „корисниците“ сите од пуфлата однапред дадени пари за реализација на будалаштините на нејзините клиенти. Ќе се спасеа добри пари. Вака, половина година клиентите си шетаа со парите в џеб, ги реализираа – делумно или целосно – замислените глупости со фирмата на Министерството на чело, и никому ништо. Алуминизиранион сликар отиде дури во Полска, не го собра цела Македонија. И сите ја претставуваа(т) – македонската култура. Како да не!

За крај, не знам дали Тозија ќе ги отвори и случаите со рифеншталките, со оние дистрибутерски кражби на ЕУ фондови, со сите оние македонски „филмски“ идиоти кои така здушно и мафијашки работеа со/во тотално заробената (филмска) држава… Или, посоодветно: дали ќе му дозволат? Зашто ние секогаш имаме два аршини, еден за „наши“, друг за странци. И по правило, „нашиве“ се секогаш привилегирани. Како да ни е полесно кога „наши“ нè крадат?!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Игор Скалецки

ОкоБоли главаВицФото