Културата е мајка, а институциите се деца

06.06.2014 11:56
Културата е мајка, а институциите се деца

Културата го проникнува целото општествено поле. Културата е најсуштинскиот од сите општествени процеси. Дури и економскиот развој е културен процес. А развиеноста или неразвиеноста на општеството најчесто не му се наметнати однадвор туку тоа самото ги избира.

Меѓу другото, поимот култура ги опфаќа идеите на некоја заедница за тоа што е вистинито, добро, убаво и ефикасно. За да бидат „културни“ тие идеи мораат да бидат општествено наследени и обичајни, но мораат да бидат и чинители на различни начини на живеење.

Со други зборови, културата се однесува на она што Исаија Берлин го нарече „стремежи, вредности и слики на светот“, кои се одразуваат во говорот, законите и рутинската практика на некоја општествена група која има способност самата да се надзира и проценува.

Значи, доколку културата е мајка а институциите се деца, тогаш е јасно дека вредностите содржани во институциите имаат огромно влијание врз однесувањето на луѓето. „Затоа културните вредности се моќни и треба сериозно да се земаат на институционално ниво и на ниво на општествена акција“, вели културологот Томас С. Вајснер.

Се разбира, не зборуваме во некакви апсолутни категории кои можат „културолошки“ да ги регулираат и најситните општествени механизми. Културните вредности се еден аспект на целокупната култура, тие не се фиксирани туку се менливи, прилагодливи и за нив може да се преговара. Културните верувања и практики се средства за прилагодување, а не некакви фиксни обрасци кои ги одредуваат институциите.

Но, пак велам, нивната важност не смее да се занемари. Еве еден конкретен пример за важноста на човечките убедувања, дури и кога тие се произволни, ирационални или дури и контрапродуктивни. Како што пишуваат Даглас и Вилдавски во една антрополошка студија од 1982, племето Леле во Заир е соочено со многубројни сериозни опасности, вклучувајќи ја тука и големата низа потенцијално смртоносни болести. Сепак, луѓето од тоа племе се преокупирани само со три работи: со бронхитисот, помалку опасна болест од пневмонијата со која исто така се погодени; со неплодноста; и со опасноста од гром, ризик кој е многу поредок од туберколозата од која често страдаат, но главно ја занемаруваат.

Едно друго јужноафриканско кралство, пред повеќе векови, било потполно уништено кога неговите уважувани пророци повикале сета стока да се убие и ништо да не се сади. Главешините и мудреците предвиделе дека ќе настане златно доба; наместо тоа се случила глад, како што еден рационален систем на верување можел да предвиди.

Значи, културните вредности, најчесто одредувани токму од моќните и „умните“ во секое општество, заедно со одлуките што моќните ги носат, самите по себе не се гаранција за разумност и ефикасност, а да не зборуваме дека не се гаранција ниту за „вистинитото и убавото“, иако главешините, духовната и политичката власт, се оние кои ги пропишуваат и естетските и етичките норми.

Безброј пати е потврдено, дури и кога се обидуваат да донесат рационални одлуки луѓето често не успеваат во тоа. Културологот Роберт Б. Еџертон вели:

„Во различни општества човечките суштества се способни за сочувство, добрина, дури љубов, и понекогаш можат да покажат восхитувачко умеење да се соочат со предизвиците во своето опкружување. Но тие исто така се во состојба да се држат до верувањата, вредностите и до општествените институции кои создаваат неразумна суровост, непотребни страдања и монументална лудост во нивните меѓусебни односи, како и во односите со другите општества и кон физичкото опкружување во кое живеат. Луѓето не се секогаш мудри, и општествата и културите кои ги создаваат не се идеални адаптивни механизми, совршено создадени за задоволување на човечките потреби.

На Ескими им зборува за снег! Го знаеме тоа, ние овде, на парчево земја збиено меѓу различни и често меѓусебно спротиставени културни и цивилизациски матрици. Знаеме дека власта овде најчесто била неразумна, недомаќинска, помпезна... Но, знаеме и дека постојат времиња кога самите луѓе, и овде и насекаде, умеат „монументалната лудост“ да ја потстават, како што вели Шекспир, како сонце кое насекаде го простира својот сјај! И ден денес имаме многубројни примери за нашата понекогаш фрапантна неспособност да го организираме општеството според рационални теркови...

Затоа, да не им се смееме на Африканците опседнати со трите големи проблеми, бронхитисот, неплодноста и громот! Во многу нешта, и тоа во многу крупни нешта, ние со години покажуваме недостиг на елементарен разум... Огромен дел од нашиот државен буџет се троши неефикасно, а често и неразумно и коруптивно... Наместо правдата, чесноста, аналитичноста и процедурите кај нас сè уште владеат авторитаризмот, непотизмот, врските, произволноста... На една страна непромислено и криминално се трошат големи пари, на друга нема ни за најосновните потреби... Контролата и надзорот се слаби зашто е ниска работната култура, но и затоа што е голем стравот од паѓање во немилост... Јавноста, пак, е иста како нејзините политички и економски господари: острастена, површна, често бескрупулозна, впрегната во клановските борби, без подлабоки и подалекусежни согледби и во постојана потрага по крв а не по темелно решавање на работите (зашто тоа е долготрајно, напорно и здодевно)...

Се разбира, констатацииве не значат дека нашата или африканската култура самите по себе се на пониско цивилизациско рамниште од западната рационална култура, но значат дека зборуваме за култури и општества кои се на различни нивоа на човечкото искуство.

Најпосле, речено е погоре, луѓето културата на одреден начин ја избираат, ја прилагодуваат и менуваат. Така што, и од нашите ангажмани, колку и да изгледаат безначајни на микро ниво, зависи дали овдешнава култура ќе ја смениме во насока на европските стандарди.

Утрински весник, февруари, 2005

Слики: Sibylle von Olfers

ОкоБоли главаВицФото