За слободата на изразување, за пцуењето и за господарот на мувите

07.06.2014 11:08
За слободата на изразување, за пцуењето и за господарот на мувите

ВМРО-ДПМНЕ се спротивставува на политичката и партиската злоупотреба на невладините организации

 

Ајде вака малку да пробам да објаснам:

1. Една ластовица не ја прави пролетта. Две исто така. Ама десетина дефинитивно ни сигнализираат дека дошла пролет. Еден негативен извештај за слободата на медиумите и слободата на изразување не ја прави државата неслободна, ниту два, меѓутоа, десетици негативни извештаи би требало да претставуваат јасен сигнал дека има проблем.

2. Држава која е постојано во одбранбена позиција и став на негирање на секоја критика, забелешка или укажан недостаток, е лоша држава. Таа држава нема намера да ги открие сопствените пропусти, нема намера да ги поправи грешките и ќе се залажува и себе и своите граѓани дека е сѐ во ред, сѐ додека не попуштат сите шевови и не се распара државната структура.

3. Паднавме во стапицата на кецарошите од последната клупа. Во моментов слободата на информирање и изразување во Македонија е сведена на слобода на пцуење, плукање, омаловажување и навредување. Бидејќи власта ова го применува и го разбира, таа нема ништо против ваков начин на разбирање на слободата на информирање и изразување. Можеш до бесвест да го нарекуваш Груевски глупак, можеш да го нарекуваш Миленко дебела свиња, можеш да се смееш на мустаќите на Гордана Јанкуловска или на тапиот мил поглед на човекот со посебни потреби кој ја води државата. Ни влакно нема да ти фали. Меѓутоа, во моментот кога ќе се зафатиш со анализа, кога ќе успееш нешто да издејствуваш на штета на власта и посебно кога ќе удриш по најслабата точка – парите, во тој момент се соочуваш со седумглавата аждаја.

Единственото нешто што јас му го замерувам на Насер е тоа дека беше кратковид и наивен. Пред само две години тврдеше дека е на добар пат да најде заеднички јазик со власта, па дури ги убеди и странците во тоа. Не, нема преговори со бандити и терористи. Посебно не кога ќе ја узурпираат власта, а демократијата ќе ја претворат во непрепознатлива карикатура.

Долго време не можев да најдам соодветна асоцијација за делувањето на овие луѓе, па се двоумев меѓу фашизам и мафијашко делување. Многу грешев. Оваа структура нема капацитет да следи каква било идеологија (па ни фашистичка) и е премногу инфантилна за да може да биде препознаена како мафија. Јас би ви препорачала да си ја повторите (или ако не сте ја прочитале да ја прочитате) книгата „ГОСПОДАРОТ НА МУВИТЕ“. Мислам дека токму таква група на здивени деца во моментов ја спуштаат Македонија на скалилата на цивилизацијата сѐ подолу и подолу кон конечно дивјаштво.

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Слика: Свирачиња