Подобро да пеам песна стара, но своја

13.06.2014 13:11
Подобро да пеам песна стара, но своја

Мојот постар брат

На брат ми стварно сум горд
зашто е
оториноларинголог.

Другарите мои
јазик кршат
кога зборуваат
за брат ми,
но јас им помагам
без да бидам строг:
Оторино Ларинголог.

Некои од нив имаат брат
учител, адвокат,
инженер, монтер,
новинар, винар,
писател на блог.
Но никој нема брат што е
ѓоамити бог:
оториноларинголог.

Пак повторувам, слог по слог:
оториноларинголог!


Хеликоптерот на баба

Нашата баба
му вели на нашиот дедо:

„хеликоптер
да се набави е редно“.

Со него ќе се служат
не по небо за да кружат

туку да летнат
до својот балкон

и да можат да влезат
во својот салон

лифтот во зграда
кога е во блокада.

Оти, знајте, нозете
се премногу тешки

за толку многу
скали - пешки.


Страшен дожд

Една капка слета.
Друга капка слета.
И третата и четвртата слетаа,
но петтата не.
Дождот се смири,
капките веќе не претаат.

И ете сончев зрак
светка низ облак.


Најсмелиот бран

Еден ден минатото лето
на брегот
одвоени од целиот свет
на песокта лежеа
една хартија шарена,
една кифла жолта,
една цигара
дамна згасната,
една од море исфрлена
рипка малецка
жива, па уште се тресе,
и три дамна набрани
веќе исушени цветови
и двајца мали
заталкани ракови.

Безбројни бранови
редум пристигаа
и сите запињаа
како рака да пружаат
нешто од тоа
кога се враќаат
со себе да повлечат.

А еден бран малецок
посмел од сите други
уште повеќе се испружи
и уште похрабро,
но и тој невешт беше
и ништо не дофати.

Жал ми е
што никогаш нема да дознам
што токму сакал
тој малецок бран
од песокта да дофати.


Чадорите на вујко ми

Мојот расеан вујко
кога времето е облачно
та излегува надвор,
ва рацете секојпат носи
по два чадора.

Еден
да има
дождот кога ќе се јави.
Вториот:
да го има
кога чадорот бр. 1
некаде ќе го заборави.


Нилски коњи во градинка

Нилските коњи
не одат на школо.

Клупите таму се толку мали
што сосем би се распаднале
и ако коњите би се стуткале.

Затоа кога се сосем мали
ги водат во градинки општо,
кајшто не седат на клупи
и не учат ништо.

Само си играат (општо)
на едно игралиште.
И се бањаат.
И се сончаат.
Друго ништо.

Но, одвреме навреме
некој мал питомец
стравотно зинува,
како устата да ја раскинува.
А потоа редот
никого не одминува:
нилските коњчиња пусти,
сите со ококорени усти!


Училиште на Дивиот запад

Во школите таму негде
за сметање имаат дозволи:
не со крушки и јаболки
туку со куршуми и пиштоли.

Таму првачето не смета
ни со молив ни со прсти,
а сметањето е весело,
без измачувањата пусти.

Учителот си шетка, си дума,
не прашува колку се
две крушки и една крушка,
туку куршум и два куршума.
А ученикот ко од пушка
од пиштолот пука три пати
- кај сфати - сфати -
и само вели:
„Толку е“.

Тогаш друг ученик прозива
учителот од чудната школа,
па и тој набрзина, одоздола,
вади пиштол од футрола.


Крај маса

Дали е лута
малата Мира
па солза
се стркалала
низ обравчето
преморено?

Не е лута.
Овојпат
нешто лут
бил - ренот.


Кепеци во зима

Што кепеците прават
в шумите среде зима?
Активност некоја има
времето што им го крати?

Дали од снег себе си градат
колипки и палати?

Од снегот благо ли вадат?

Или нешто друго прават?
Активност некоја имаат?

Или цела зима
од нивните куќарки тутун чади
дур си ги чешлаат долгите бради?


Стариот штурец

Кога стариот штурец
ќе ја затегне гитарата
и ќе ја испее песната
своја, онаа старата,

слушателите млади
кои него го слушаат
почнуваат да се бунат
и да негодуваат

оти тој својот напев
убав, но стар,
уште си го држи
на репертоар.

А тој пак си мисли:
а зошто друга некоја?
Подобро да пеам
песна стара, но своја.

Цртежи: Maurice Sendak (Big Green Book)

ОкоБоли главаВицФото