Симпатичните џуџиња во Вроцлав

26.06.2014 10:32
Симпатичните џуџиња во Вроцлав

Вроцлав, четвртиот по големина град во Полска, е дом за повеќе од 630.000 луѓе, како и за повеќе од 250 симпатични мали џуџиња - некои од нив „живеат“ на јавни места, додека други се скриени и често ги изненадуваат туристите, но и локалните жители.

Традицијата на малите метални џуџиња раштркани низ градот започнала со едно џуџе, маскота на движењето кое се викало Pomarańczowa Alternatywa (Портокалова алтернатива), а кое на симпатичен и необичен начин се борело против комунистичкиот режим во 1980-тите години. Движењето секогаш користело хумор во борбата против власта, а кога полицијата ги пребојувала нивните пароли и графити, тие на истото место цртале по едно џуџе. Во еден момент, ширум Полска можеле да се пронајдат повеќе од 1.000 вакви пребоени графити со нацртани џуџиња.

Од падот на комунизмот во 90-тите години движењето останало главно неактивно, а во негов спомен во градот е подигнат првиот споменик на џуџето во 2001 година, и тоа на улицата Świdnicka, каде движењето изведувало најголем дел од своите шеги.

Денес во градот можат да се видат повеќе од 250 џуџиња кои главно служат како забавна туристичка атракција (лов на џуџиња), а понекогаш дури успеваат да ги изненадат локалните жители кога ќе го откријат најновото џуџе. Повеќето од овие малечки метални жители на Вроцлав денес се впишани на туристичките мапи, но секогаш постои можност да откриете некое ново како ѕирка од некоја градина, или ве гледа од покривот на некоја зграда.

Извор: pixelizam.com

ОкоБоли главаВицФото