Проколнатиот младоженец

30.06.2014 09:58
Проколнатиот младоженец

Во феминистичките разговори од раните седумдесетти години - во „изречувањето на горчината“ - научив дека Сексуалната револуција е всушност измама. Дека сексуалната слобода од доцните шеесетти била стапица за жените намамени од патријархатот - како и со паролите за ослободување – во сексуални односи без оргазам, со слабички мажи со долги коси и сандали, коишто ги мразеа жените. „Збогум на сонот“, напиша Робин Морган во клетвата упатена кон машката левица 1970 година, „дека од членството во колективното раководство може да се добие што било друго освен гонореа“. И самата се придружив кон тој хор, почнувајќи во литературните списанија да објавувам квазидокументарни излагања за пропаднати љубовни врски и изјави дека е „завршено ловењето на фалуси кои совршено ќе ме ранат. Сето време бев девица... и девица сум и понатаму, алелуја“, како сексуалното разочарување да е преголема цена за зреењето. Но не се задржав долго во тие кругови и фантазијата за девственоста набрзо започна да функционира само како книжевна замисла. Разочарувањето и измамата беа премногу стварни, покрај незгаснатата болка поради нештата што мажите ширум светот сурово им ги правеа на женските тела и души, но инаку не ми годеа женските аргументи, во „периодот после политичките пожари од шеесеттите години, со кои доминираа мажите“, дека - како што тоа го вели Робин Морган - „на светлина сите мажи се исти“. Хетеросексуалните соединувања, тврдеа тие жени сè додека добро не зачекоривме во осумдесеттите, беа „грозни“, поради еротската себичност, и неефикасноста на машкиот љубовник, па затоа ја величаа задоволителната супериорност на лезбејскиот секс (па дури и мастурбацијата) и сексуалните утопии во кои внатрешниот полов однос му го отстапува местото на надворешниот. Таму каде што феминизмот некогаш изнесуваше анализи и теории за материјалната политика на сексот и полот, подготвувајќи го ослободувањето на жените од историската нужност, сега се водеше разговор исклучиво за одбојноста и болот, поврзани со самиот (хетеро)секс, како чинот на коитус, а не општеството или историјата, да претставува извор за потчинетоста на жената. Не, се бунев, јас тоа не го паметам така. Напротив, паметам дека, благодарение на Пилулата, на контракултурата на водење љубов а не војна, како и поради меѓународното движење против војната во Виетнам, живеев живот на девојка кој наполно се разликуваше од повеќето женски животи што претходеа на мојот. Изразувањето на моите желби, веќе неразубавувани со петпарачки романи за бракот и мајчинството, безрезервно подразбираше дека имам право на задоволство, возбудување и сопствен ритам. Едновремено, благодарение на гласно огласуваните борби на масите злоставени жени и мажи во Азија, Африка и Латинска Америка против Јенки-империјализмот, сите го поврзавме нивното нужно херојство со нашето одбивање на семејниот живот, потрошувачкото општество и мачизмот. Беше тоа мал но драматичен егзодус од повоената средна класа и премин во комуни и колективи, во слободна љубов и слободни семејства, револуционерни манифести и бучни демонстрации во коишто ја чувствувавме возбудливата моќ на нашата натрупана младост и страст. Она што навистина го паметам е дека секогаш, речиси без прекин, бев заљубена.

Во „Демонскиот љубовник“, 1989 година, непомирливата Робин Морган ја критикува постојаната пропаганда на митот за херојот: „Ете го него“, пишува таа за припадникот на Црвените бригади, ИРА и другите борци, „млад, виток, облечен во црно,со лице во сенка или замаскирано со капа, со движења брзи и економични како кај некоја ѕверка-грабливка, со мускулесто тело што не ги носи само магичните алатки на смртта туку и магијата на самата смрт, неговата потполна посветеност. Тој е фанатик на посветеноста, мешавина од бурност и дисциплина; тој е очаен и затоа ранлив; тој ризикува до крајност и затоа е храбар; тој е идеалист а сепак е закоравен рационалист. А најмногу од сè, тој потполно ѝ е предаден на страста. Но неговата страст е смртта. Тој е она што минува како ‘машкост’.“ Занимлив е посебниот „квалитет“ на нејзиното согледување - презирот кој сепак одѕвонува низ одеците на нејзиното помладо, погладно и пострасно битие, она коешто им се восхитувало на таквите луѓе и копнеело по нив едноврено гадејќи се и стравувајќи од нив. Тие херои се величествено присутни во нивните тела. Тие претставуваат идеал (и за мажите и за жените) на можна акција низ нивната физичка подготвеност, телесност посредувана од нивниот општествен и политички ангажман. Мирјам Еделсон, канадска работничка активистка, отворено пишува за тоа: „Некои од тие мажи (активисти во работничките синдикати) поседуваат моќна физичка привлечност. Тие се практични луѓе. Луѓе од акција. Не треба тоа да го интелектуализирам. Тоа е длабок и висцерален одговор спрема оние коишто поседуваат моќ, повремено демонстрираат самоосознавање, и покажуваат горделива, паунолика милност. Но, доста за тоа. Можам само да се потсетам себе дека своето либидо го оставам дома додека го трпам најдолгиот напад на пролетна треска од времето кога бев во последниот клас на средното училиште.“ Демонскиот љубовник е страшен со својата самостојна моќ и дисциплината, и готски привлечен со проколнатоста што ја носи во своето тело како трага на предодреденост. Придодадете ја кон тоа возбудата од идентификувањето со неговата социјалистичко- револуционерна политика - помислите на совршенството при глетката на главата на Че врамена со лавја грива на постерите во спалните соби на левичарите ширум светот - и нашата судбина како заљубени жени беше запечатена. „Сфаќам“, продолжува Робин Морган, можеби дури премногу точно, „дека не сакам тука да се најдат и други жени. Сакам да ги сочувам од тоа.“ Но таа исто така сака да биде онаа избраната. „Сакам да бидам единствената. После секој состанок заминувам во тоалетот и повраќам. Си велам себеси дека тоа е стрес од револуцијата.“ Но не сакаат сите меѓу нас да ги исфрлат тие демони од своите тела. Како што не сакаме оптимистично повлекување - што го направи самата Робин Морган – во безбедноста на брачната врска. На крајот на краиштата, херојот-бунтовник и не постои поради свадба. Тој е самото отелотворување на престапот. Неговиот дух е слободен, одгледан во состојба на спротивставување, недостапен за интимните барања. Со тоа сè станува уште поволшебно, повозбудливо - тоа е предизвик на маж кој е надвор од дофатот на љубовта. И поромантично: анимација на еросот поттикната од слатките маки на недофатливите и минливи соединувања вденати во пренатрупаниот дневен ред на херојовата повисока ствар. Неговите љубовници така се барем поштедени од она спласнување во „спокојот на брачната врска“, како што тоа британската феминистка Елизабет Вилсон го предвидува во зборникот „Левицата и еротичното“, како заклучување на поразумните љубовни врски. Во тоа постои дури и одредена женска гордост. Како што проститутката му вели на Џек Николсон во филмот „Телесно осознавање“: „Само вистинска жена може да сфати дека најчистата форма на љубов всушност е љубовта кон човек што ја лишува од себе... Таа не му е потребна, бидејќи тој се има самиот себе.“

Во пријавата за учество на една програма за уметнички журнализам во Банф бев напишала: „Во една низа од ‘авто-прози’ ја истражувам еротичноста поврзана со страдањето и мачеништвото, посебно во политичките драми на ‘студената војна’ и ‘новата левица’. Како личност која во текот на шеесеттите едновремено ги откри политиката и сексуалноста, мошне сум заинтересирана за нераздвојната поврзаност меѓу политичкото и сексуалното возбудување, како и за начините на коишто постојано ме привлекуваат херојски фигури во краен отпор и жртвување. Поради речиси десетгодишното патување низ источна и јужна Европа, таа привлечност сега е претставена со опсесијата да ја раскажам личната историја на возбудувањата што во мене ги предизвикуваа престапниците, живи и мртви, во Полска, Украина и Грција.“

Во јули 1987, во Ванкувер, го читам дневникот на Л. Страници на неизострен, претенциозен феминистички ентузијазам - нејзиниот книжевен но опиен речник на просветлувањето – кој ненадејно и силовито завршува во една драматична приказна за загуба на нејзиниот партнер. Нејзиниот средовечен љубовник се заљубил во некоја студентка. Тука Л. останува без својот феминистички речник и тонеме во еден јазик на бес, одмазда, зло, љубомора, презир, страв, во англо-саксонскиот речник. И не се соочуваме со феминистички пример, туку со болна жена пред којашто токму се исправил фантомот на самотијата, поради кого вреска и завива. И додека го читам тоа, помислувам дека така изгледа да се биде средовечна жена и да се има можеби последниот љубовник: тоа е тоа, тоа е крај, нема да има други. Што треба таа да направи - да ѝ го отстапи пленот на помладата жена и, во спокојот на менопаузата, непопречувана, однатре да ја прегрне подисушената жена? Но од тоа чувствувам болка во срцето. Помислувам дека и јас некогаш имав исти чувства како Л., пред една деценија, додека уште бев во триесеттите години, кога бев повитка, со порамен стомак, поиздигнати гради, без бели влакна. Кога кожата на моето лице сè уште не се собираше по рабовите на образите и брадата, кога подочњаците не ми беа наборани, како вчера, додека се наведнував над огледалцето (помислувајќи: значи, ова е лицето на средовечна жена, наведнато над љубовникот во кревет). Сега љубовниците ги претворам во пријатели, а потоа многу години после самата врска, во инспирација за текстови во коишто тие не ја будат мојата потреба туку сожалувањето. Тоа е, значи, цената за мирот: ослободувањето од женските немири.

„Но, што ќе правиме со копнежот... кој може вашиот тил или дланка да ги претвори во вистинска сексуална експлозија?“, се прашува Ајлин Филипс во „Левицата и еротичното“.

Затоа, мојот план за „Проколнатиот младоженец“ може да се состои во истражување на еротските можности на женската хетеросексуална желба по ладењето на пепелта на Сексуалната револуција. После исчезнувањето на моите содружнички во одаите на бракот, родителството, разводот, целибатот, смртта; после сите промени во сексуалното престапништво и фрагментацијата; во постмарксистичко очајување поради алчноста и дигитализацијата; што ми шепоти сеќавањето за мојата пожуда?... Изнурнувам од тие соништа. Не сакам да ги оставам, сакам да се вратам и да ги продолжам тие бакнежи. Се будам и помислувам на моето лице што се подигнува во кујната, во исчекување на Мартиновиот бакнеж. Сите гледаат додека нашите тела се соединуваат, стискаат, прегрнуваат. Тоа прекрасно лице, сините очи, црните кадрици. Усните што се гоштеваат, јазикот што се превртува по устата, прстите што поигруваат по вратот и рамената, дланките што ги опфаќаат дојките, со Мартин, поведи ме, одведи ме во Табор, да јурнеме низ моравскиот автопат, раскажувај ми приказни за Јан Хус и за неговите востанија, за групите мажи и жени што го поседувале овој пејзаж пред да претрпат пораз и да исчезнат, поведи ме во житните полиња, каде што нозете речиси ни се допираат со мртвите, поведи ме на плоштадите со калдрма близу до погребните клади, нахрани ме со диви бобинки и изгаси ја мојата жед со вино. Станувам немирна и незадоволна кога ќе се присетам на Мартин и на таа кујна, како заедно се смееме, си упаѓаме еден на друг во збор, како ни се допираат усните, и потоа бегам, се откинувам од тоа фантомско себство што го држеше Мартин во прегратка.

А што пак чувствувам за Игор во Лондон, чијашто дланка ме држи за дланката и ме води низ ходниците на Би-Би-Си и праќа нежни трепети низ моите раце како да ми ги допира дојките, брадавиците... А и она насмеано флертување низ разговор. Се тераме меѓусебно на смеење, што е добро. Му зборувам за ресторанот што би сакала да го имам некаде на Медитеранот, би можел и тој да дојде, би дошол, би пристигнал една ноќ од далеку, би седел во аголот и би причекал сите да заминат, потоа би пришол до шанкот испрскан со вино, во онаа кафеава кожна јакна, со рацете во џебовите, со лице избраздено од умор, а јас ќе ги изгаснев светлата и ќе ја заклучев вратата пред задишаното море, а тој ќе ме стигне на крајот од скалите што водат во мојата соба, ќе ме спушти на подот под светлина на ѕвездите и тука ќе ме земе. Во Лондон, кога ќе исчекорам од комбито во Кенсингтон и кога ќе се свртам кон него и неговото семејство за да се простам, тој ми ја граба раката и ги спушта усните врз моите прсти, и уште додека ја повлекувам раката, сфаќам дека тој сака да ја држи и љуби и јас, иако доцна, сакам да му ја вратам, да ја отворам дланката со неговите усни, да го осетам неговиот јазик помеѓу моите прсти, да му ја опфатам брадата и да го подигнам неговото мило руско лице кон своето и да му втиснам бакнеж.

Љубљана, 21 мај 1988... Повторно на рингишпил. Младич, со совршена фигура, анорексичен од револуционерната дисциплина, со раскопчана кошула од која ќе се забелее дел од рамото, место што би сакала да го бакнам. Дали Томаж го осети тој бакнеж на своето рамо, врз истегнатата, свежа кожа... Седам наспроти него, крај неговата кујнска маса, додека дождот плискоти по затворените прозорци, и помислувам да ги вовлечам прстите во неговата кадрава коса. Ги симнувам очилата од неговото ковчесто лице и го гледам - ми возвраќа со ненадеен синоок, детски, кратковид поглед. Дали го посакува она што јас го сакам? Да ја однесам свеќата до неговиот тесен кревет и да го прегрнувам во тој тесен простор додека надвор беснее дождот...

Посакав да му кажам „Во другиот живот би сакала да водиш љубов со мене“, но иако тоа навистина не го изговорив, дури и така беше неискрено. Тој друг живот не постои. Го сакам овој живот, со него во овој кревет. Имам намера да го заведам. Подоцна ми пишува од разни места, каде што бега. А сега ништо. Едноставно исчезна од сите приказни. Добро. Рамнотежата е повторно воспоставена и можам да почнам.

Мирна Косташ (Myrna Kostash) е родена во Едмонтон, во Канада, во семејство со украинско потекло. Автор е на неколку non-fiction книги, меѓу кои се и „Сите Бабини деца“ (1977), „Нема шеги во светот на тинејџерките“ (1987) и „Крвни врски: патувањата во источна Европа“ (1993). Исклучително е активна во канадските литературни организации, вклучувајќи го и канадскиот ПЕН. Текстот што го објавуваме е предговор кон нејзината книга „Проколнатиот младоженец“ која излезе од печат во 1998 година.

Извор: Маргина бр. 40
Слики: Сара Ен Џонсон

ОкоБоли главаВицФото