Возач сфатил кој има предност на кружниот тек кај Католичка

16.07.2014 13:49
Возач сфатил кој има предност на кружниот тек кај Католичка

Скопје, 16 јуни 2014

Емил Алексовски (29), економист од Скопје, вчера успеал да сфати кои возила имаат предност на кружниот тек кај Католичката црква.

Младичот кој има возачка дозвола веќе десет години, вели дека откако постои споменатиот кружен тек, не успеал да разбере кои возила имаат предност и никој не можел да му го објасни тоа.

„Кога ќе прашав некој возач дали се снаоѓа на кружниот тек кај Католичка, сите ми одговараа потврдно. Меѓутоа, кога барав да ми објаснат кои се правилата кои важат кај кружниот тек, никој не ми даде јасен одговор. Главно спомнуваа дека предност има оној кој се наоѓа од десната страна и оној кој е поблиску до кружниот тек, што беше контрадикторно“, вели Емил.

Овој возач објаснува дека постојано се придржувал до правилата кои варирале од случај до случај.

„Ако одам кон автомобил кој го управува жена, пензионер, или возилото е на некој од внатрешноста, јас имам предност. Немам предност во случај ако доаѓа таксист или некој скап автомобил кој го вози кратко шишан маж. Во останатите ситуации не постоеше некое јасно правило. Некогаш давав гас, некогаш кочев, сè зависеше од расположението, времето и периодот од денот“, открива Емил.

Стојан Илиевски, единствениот припадник на сообраќајната полиција кој знае кои возила имаат предност на кружниот тек, го поздрави фактот дека постои возач кој сфаќа како функционира кружниот тек кај Католичка црква, и го замоли Емил да им го објасни тоа на што поголем број негови пријатели.

„Се надевам дека ќе има повеќе успех од мене, кој со години безуспешно се обидував да им го објаснам тоа на моите колеги“, вели Стојан.

При посетата на нашата редакција Емил детално објасни кои возила имаат предност на кружниот тек. За жал, за време на неговото излагање диктафонот се расипа, а ниеден од новинарите на Пара вести не можеше да го повтори неговото објаснување.

Извор: www.njuz.net