Како се расправале камилата и камелеонот

28.07.2014 09:20
Како се расправале камилата и камелеонот

Како се расправале камилата и камелеонот

Една камила, храбра и мила,
му рекла на еден камелеон:
„Ти си само евтин епигон.

Твојот преобразувачки дијапазон
оди од бизон до кантарион!
А тоа не е нормално.“

„Не сум епигон.
Моите преобразби се
прост животен нагон.“

„Или здраворазумски резон?
Или гилиптерски фазон?
Метафорички: ти уништуваш озон!“

„Мојот комбинезон свети ко лампион
зашто сум шампион! Ечи цел стадион:
Ка-ме-ле-он! Шам-пи-он!“

„Светиш ко неон
само во малоумнички реон!
Впрочем, и Нерон светел ко неон!“

„Камило зла, глупа си ко кобила!
И насилна ко горила! Стави очила:
да си камелеон - е идила!“

„Камелеон нејќу да бидам ни на сон!
Баш камелеонот е глуп ко камион!
Што зборам - камелеон глуп ко сом!“

„Камило грда и немила
- ти си шпион! Ил нечиј пион!
Не се збори така со камелеон!“

„На злото ти си ембрион,
на превртливоста бастион,
камелеону безличен ко ѓон!“

„Камила ти си полна со чувство на вина!
Товар ванила мкнеш од Каиро до Манила!
Добиваш кила! Умираш во песочна лавина!“

„Од тебе ми се дуе мочната жила
баш ко од кила; и целата станувам лила.
Паметен си ко моторна пила.“

„Центурион е секој камелеон!
А местото на камелеонот
е во: на хероите пантеонот!“

***

Со еони, низ сите зони и региони,
само едно имаат на ум милиони:
да станат камелеони!


Камилаеон

За еден камелеон викале
без многу резон:
Камила е он.
Па го нарекле камилаеон.
Нема што, јак фазон.

Илустрации: детски цртежи на камелеони

ОкоБоли главаВицФото