Како се создава „политика на страв“ во градовите

08.08.2014 14:20
Како се создава „политика на страв“ во градовите

Во октомври минатата година Бредли Герет, етнограф од Универзитетот Оксфорд, ја објави книгата „Explore Everything: Place-Hacking the City“, академска монографија која ги тематизира (не)можностите кои неолибералниот град им ги дава на своите граѓани, поаѓајќи од тврдењето дека физичкиот простор е кодиран исто како и оперативниот систем на компјутерската мрежа и исто така може да биде хакиран - истражен, инфилтриран и ре-кодиран.

Станува збор за студија која ја следи четиригодишната истражувачка пракса на субкултурната дружина London Consolidation Crew (LCC) чијшто член бил и самиот Герет, а која со цел повторно откривање, реапропријација и реимагинација на урбаниот простор во Лондон, градот со можеби највисок степен на надзор и контрола на Земјата, неовластено влегува во инфраструктурните, напуштени урнатини и простори во изградба. Нивните активности се дел од поширокото движење Urban Exploration (UrbEx).

Меѓутоа, намерата на Герет била со ова истражување да го побие неодамнешното гледање на UrbEx низ призма на „туризмот на урнатините“ и да покрене расправа за политичките аспекти и практики, односно да ги вклучи во дискусијата за прашањата на јавниот простор, милитаризацијата на градскиот простор, надзорот, субверзијата, обликувањата на урбаните заедници и критичкиот ангажман во просторот.

Феноменот на растечко обезбедување односно милитаризација на градскиот простор е предмет на книгата „Cities under Siege: The New Millitary Urbanism“ на урбаниот географ Стивен Греам. Проблематизирајќи ја државната тактика на надзор над урбаното секојдневие, т.н. доктрина на безбедноста, Греам реферира на концептот на Фуко за „ефектот на бумеранг“, кој подразбира дека Запад презема цела низа политички, општествени, правни и географски експерименти претходно применувани во колониите, со цел уредување на животот на сопствените жители според тие модели - што ги нарекува „био-владеење“ и „био-политика“. За Жижек, „био-политиката“ за поефикасно управување со животот е всушност политика на стравот. Имено, во меѓувреме, кога стручното управување и администрација ја заменува старата идеолошка борба, единствен начин на воведување страст и активна мобилизација на луѓето е создавањето страв - темелниот составен елемент на денешната субјективност: страв од имигранти, злосторства, сексуална изопаченост или напаствување итн.

Според Греам, новиот милитаристички урбаизам е демонстрација на техники и норми на безбедносната милитаристичка доктрина која, со упориште во политичката и екстремна десница, ги гледа градовите како проблематични простори - места на концентрација на субверзијата, отпорот, непослушноста и протестите кои им се закануваат на националните држави. Политиката која управува со нив делува надвор од јавната сфера - ги игнорира демократските механизми на граѓанското општество и го поткопува правото на политичкото несогласување.

Таквото „уредување на градот“ подразбира граници, огради и контролни точки, бетонски бариери отпорни на експлозија, компјутеризиран видео надзор, биометриски надзор и контрола на пристапот од воен тип, кои ги штиат утврдените енклави и безбедносни зони (деловните квартови, дипломатските зони, туристичките одредишта, комплексите на воздушни и водени пристаништа, просторите за спортски манифестации и т.н. gated communities) од надворешниот свет - бунтовен, осиромашен или опасен.

Се чини дека милитаристичката доктрина, односно политиката во спрега со сè посилниот сектор на индустријата за заштита суптилно го менува поимањето на „нормалниот“ урбан живот - алатите се превентивен назор, криминализација на политичкото несогласување, уништување на сржта на граѓанските права и опсесивното обезбедување на секојдневниот живот кое ги поткрепува општествата со сè поголема нееднаквост. Добар пример на таквото обликување на јавната сфера во склад со „доктрината на стравот“ е новиот шпански закон за јавна безбедност, оценет како неуставен, кој, на пример, го криминализира неовластеното јавно собирање.

Илустративен и ваквиот сè почест рекламен дискурс:

„Бидејќи целиот свет секојдневно сведочи за сè поголем пораст на криминалот, прашањето на безбедноста станува од пресудна важност за секого. Во почетокот, индустријата за безбедност најмногу покриваше простори од јавен карактер, како што се аеродромите и банките, но се’ повеќе се сè повеќе се свртува и кон потребите на поединецот кој бара сигурност за своето семејство во сопствениот дом.“

Социологот Зигмунт Бауман смета дека „законот и поредокот сè повеќе се сведуваат на ветување за лична безбедност и стануваат значајна, можеби и главна идеја во политичките манифести и изборните кампањи“. Според зборовите на криминологот Реј Сурет, „луѓето прикажани на телевизија наликуваат на граѓани-стадо, кои овчарите-полицијата ги чуваат од волците-криминалци“. Таквото опкружување неминовно влијае на нашата перцепиција на животот во градот и драстично ги менува условите на урбано живеење, односно условите за живот на човештвото воопшто, бидејќи постојано растечкиот број на светското население го сочинуваат во најголема мера (сè почесето повеќемилионските) градови.

Урбанистката Нан Елин вели дека заштитата од опасност била основен мотив за изградба на градовите-тврдини во Месопотамија, средновековна Европа или населбите на американските Индијанци. Меѓутоа, денешните градови од засолништа се претворија во главни извори на опасност. Тие во истиот простор ги собираат пријателите, непријателите и странците - тој есенцијален и неопходен дел од животот во градот, денес демонизиран. „Рововите и бункерите“, наменети за одвојување, оддалечување на странците и спречување на нивниот влез, стануваат некои од највидливите аспекти на современите градови - иако се појавуваат во најразлични облици и иако се настојува да се вклопат во градскиот пејзаж и со тоа да се „нормализира“ вонредната состојба во која живеат граѓаните зависни од безбедноста.

Овде, изгледа, успешно се нормализира. Камерите за надзор, дел од милитаристичката урбана инфраструктура, во јавниот постор на Загреб се појавија кон крајот на 2011 година за потребите за надзор на јавните паркинг површини, а по примерот на Лондон, градот во кој на улиците и плоштадите ги има убедливо најмногу. Иако без соодветни табли кои би ги информирале за нивното присуство и целосни информации за користењето на видео снимките, поставувањето поминува без поголем интерес од јавноста.

Минатата година, покрај постоечките 225 камери на 75 локации (попис), градот набави уште 150 нови и ги постави на педесетина места во градот. Како повод за тоа засилување во центарот на градот се наведува детонација на експлозивни направи на главнот загрепски плоштад чиишто извршители се откриени токму благодарение на камерите поставени на таа локација. На секоја од досегашните локации се поставени две фиксни и една подвижна камера со висока резолуција, а секоја од нив покрива 100 метри оддалеченост. Три камери на една локација вредат 4 илјади евра.

Од средината на минатата година и загрепската полиција има увид во видео-надзорот на јавните површини, за што јавноста, се чини, не е благовремено известена. Пристапот до градскиот видео-надзор се темели на членот 5, став 1, точка 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а интересно е и тоа дека се преговара за овластувањата на полицијата во својот центар да ги презема снимките од камерите за надзор за да може секојдневно да ги користи во своите истраги.

Опасноста која ја носи таквата „политика на стравот“ е оддалечување на луѓето од јавните површини и изнаоѓање вештини и способности потребни за заеднички јавен живот. Освен тоа, несигурноста создава страв, но кога таа ќе се отстрани, од улиците исчезнува и спонтаноста, флексибилноста, можноста за изненадување, авантури. Останува досадата.

London Consolidation Crew во лудистичката субверзија ги испробува границите и слабостите на безбедносниот систем на градовите во потрага по бизарни, убави и нерегулирани подрачја каде е можно да се изгради личен однос со просторот.

Нивното дејствување се потпира на претходните облици на критички ангажман во просторот, како модерна стратегија на соочување со современиот политички момент, истовремено впишувајќи „алтернативна географија на градот“.

Урбаното истражување и инфилтрација е своевиден омаж и приспособување на оние претходни практики и концепти, како на пример ситуационистите, кои бараа слобода на просторот преку реакција на санитизацијата на секојдневието. Повеќето активности на LCC се одвиваат во глобалните главни градови каде секојдневните искуства и средби се затапени како со сетилното преоптоварување (за што можете да читате овде) така и од зголеменото обезбедување на секојдневниот живот. Контекстот е речиси ист како во Париз од 1950-тите, кога Ги Дебор пишува дека „модерниот спектакл го опишува она што општеството може да го понуди, но во тоа строго одвојувајќи го она што е можно од она што не е дозволено.“ И понатаму се соочуваме со производство на урбан простор на градот како спектакл кој треба да биде гледан, а не доживеан.

Иако урбаните истражувања и инфилтрацијата можат да се опишат како откривање на запуштениот простор и скриената инфраструктура, можно е да се сфатат и како процес кој ја стопува зоната на „меѓуместата“ во ткивото на остатокот од градот со бришење на границите на неможото и можното, видливото и невидливото, направеното и ненаправеното. LCC во пракса ја демонстрира идејата за инфраструктурален град кој е континиуран, постојано поврзан, додека социјалниот град на кој му служи е поделен. Герет го нарекува трансформативнот потенцијал на ваквото дејствување „преродба на бунтовната субјективност“. Истражувањата на градските урнатини, инаку невидливата привременост на градилиштата и големиот подземен метрополитенски инфраструктурен систем на Лондон го променија начинот на кој членовите на групата го доживуваат просторот. Тие почнуваат да откриваат сè околу себе. Повеќе не го разгледуваат градот во прикажаниот облик - сè што гледаат е погодно за инфилтрација. Едноставно одлучуваат да ги игнорираат законите кои се во спротивност со здраворазумското користење на просторот, повикувајќи се на идејата дека јавно финансираниот простор треба да биде јавно достапен. Онаму каде што не се нуди, тие едноставно си го земаат правото на град.

Извор: pogledaj.to
Фотографии: Бредли Герет

Слични содржини

Општество / Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори / Став
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија

ОкоБоли главаВицФото