Право на град (3)

16.10.2015 16:41
Право на град (3)

Но, и сите тие пукнатини во системот се премногу очигледни. Ние сè повеќе живееме во поделени, фрагментирани градови, кои сè повеќе се центар на конфликти. Како ние го гледаме светот и ги дефинираме можностите зависи од тоа на која страна се наоѓаме и кои видови конзумеризам ни се достапни. Во изминатите децении, неолибералниот пресврт повторно ја врати класната моќ во рацете на богатите елити.11 Во само една година неколку менаџери од хеџ фондовите во Њујорк натрупаа три милијарди долари како лични заработки, а бонусите на Волстрит за поединци во последните неколку години скокнаа од околу пет милиони долари до точката од 50 милиони долари, колку што се плаќаат врвните играчи (сокривајќи ги од јавноста цените на недвижнините на Менхетен). По неолибералниот пресврт од доцните осумдесетти, во Мексико никнаа четиринаесет милијардери, и Мексико сега се гордее со најбогатиот човек на планетата, Карлос Слим, во исто време кога приходите на сиромашниот слој на населението во таа земја стагнираат или дури бележат пад. Кон крајот на 2009 година (откако помина најлошата фаза од крахот) во Кина имаше 115 милијардери, 101 во Русија, 55 во Индија, 52 во Германија, 32 во Британија и 30 во Бразил, во споредба со 413 во Соединетите држави.12 Резултатите од оваа растечка поларизација во дистрибуцијата на богатството и моќта неизбришливо се вткаени во просторните форми на нашите градови, кои сè повеќе прераснуваат во градови утврдени со фрагменти, заградени заедници и приватизирани јавни простори држени под постојан надзор. Неолибералната заштита на правата на приватна сопственост и нивните вредности стануваат владејачка форма на политиката, дури и за пониската средна класа. Во светот кој се развива, особено, градот

„се кине на различни одвоени делови, од што јасно се образуваат мноштво ‘микродржави’. Градските населби во кои живеат поимотните граѓани, каде се пружаат сите видови услуги, како што се учењето во ексклузивни школи, натпреварите во голф, тениските терени и приватната полиција која патролира во областите, се преплетуваат со илегалните населби каде вода има само во јавните фонтани, каде не постојат санитарни системи, каде струјата ја краде привилегираното малцинство, каде патиштата во дождливите периоди се претвораат во калливи канали и каде делењето заеднички куќи е правило. Изгледа дека секој фрагмент живее и функционира автономно, држејќи се цврсто за она до што можел да се дограби во секојдневната борба за преживување.13

Во такви услови сè потешко е да се одржат идеалите на урбаниот идентитет, граѓанството и припадништвото, кохерентните урбани политики, кои се веќе загрозени со ширењето на малаксаната индивидуалистичка неолиберална етика. Дури и идејата дека градот би можел да функционира како колективен политички ентитет, како место во чии рамки и од каде можат да еманираат прогресивни општествени движења, изгледа, барем на површината, сè поневеројатна. Па, сепак, во суштина постои цел спектар урбани општествени движења кои тежнеат да ја надминат изолираноста и да го преобликуваат градот во поинаква општествена слика од онаа која ја даваат силите на градежните компании, поддржани од финансиските фондови, корпоративниот капитал и локалниот државен апарат кој е сè повеќе претприемачки насочен. Дури и релативно конзервативните градски администрации бараат начини како да ги користат своите овластувања за да експериментираат со нови начини на создавање урбан живот, како и со демократизацијата на управата. Дали постои урбана алтернатива и, ако постои, од која страна може да дојде таа?

Меѓутоа, апсорбирањето вишоци преку трансформација на градот има уште помрачен апсект. Таа со себе повлече последователни бранови урбано реструктуирање по пат на процесот „креативна деструкција“. Тоа речиси секогаш има и класна димензија, бидејќи секогаш оние кои се сиромашни, кои немаат никакви привилегии, како и оние кои се маргинализирани од политичката сцена, први страдаат во овој процес, и тоа во најголема мера. Се бара насилство за да се оствари нов урбан свет на рушевините од стариот. Осман насилно ги разбил старите париски квартови, во кои живееле сиромашните, користејќи ја моќта на експропријацијата заради претпоставеното јавно добро, и тоа го правел во име на унапредувањето на граѓанството, преродбата на животната средина и обновата на градот. Тој свесно го испланирал укинувањето на поголемиот дел од припадниците на работничката класа и другите непокорни елементи, заедно со валканите индустрии од градскиот центар на Париз, каде претставувале закана за јавниот ред и мир, јавното здравје и, се разбира, политичката власт. Создал урбана формула каде се верувало (неточно, како што се покажало во 1871 година) дека е можно да се обезбеди доволно ниво на надзор и воена контрола со кои би било лесно да се контролираат револуционерните движења со воена сила. Но, како што истакнал Енгелс во 1872 година:

Во реалноста, буржоазијата има само еден метод за решавање на станбеното прашање, во одредена смисла – тоа значи, решавање на тоа прашање така што решението секогаш одново го обновува тоа прашање. Овој метод се нарекува „Османов“, [под кој] ја подразбирам практиката која сега стана вообичаена, а која се состои во правење раздори во работничките квартови во нашите големи градови, а особено во подрачјата кои се сместени во центарот на градот, сосема независно дали тоа се прави заради јавното здравје или заради разубавување на градот, или пак заради поголема побарувачка на големи деловни простори во центарот на градот, или заради сообраќајни потреби, како што е поставувањето железнички пруги, прокопувањето улици (што понекогаш изгледаат како да имаат цел да ја отежнат борбата со барикадите)... Без оглед на тоа колку и да се различни причините, резултатот секогаш е ист: срамните улички исчезнуваат со задолжителната придружна самобендисаност која неконтролирано ја излеваат претставниците на буржоазијата, гордеејќи се со тој застрашувачки успех, но додека трепнат со очите тие повторно се појавуваат на некое друго место во градот... Тие легла на секакви болести, валкани ќумези и подрумишта, во кои капиталистичкиот начин на производство ги втерува нашите работници, каде се принудени да ноќеваат, не се укинуваат, туку само се преместуваат на други локации! Истата економска нужност што прва ги создала, ги создава и на некое друго место.14

Фактички, требало да поминат повеќе од сто години за да заврши буржоаското освојување на централен Париз, за последиците од тоа освојување да ги видиме во последните години, во бунтовите и дивеењата кои се случија во овие издвоени делови од предградијата во кои маргинализираните доселеници и невработените работници и младината се чувствуваат сè повеќе заробени. Се разбира, тажната приказна овде е тоа што процесите кои Енгелс ги опишал се јавуваат секогаш одново во капиталистичката урбана историја. Но, Роберт Мозес го „искасапил Бронкс“ (како што се изразил брутално) и следеле долги и гласни жалопојки на групите и движењата од околните градски населби кои се соединиле со реториката на Џејн Џејкобс, на незамисливото уништување не само на вредното градско ткиво туку и на цели заедници и резиденти и нивните долго негувани мрежи за општествена интеграција.15 Но, во случајот со Њујорк и Париз, каде веќе еднаш се покажа дека на бруталната сила на државните експропријации успешно им се спротивставија немирите од 1968 година, се јавува многу поподмолниот и позлобен процес на трансформација, манифестирајќи се преку фискалното дисциплинирање на демократските градски влади, пазарите со земјиште, спекулирањата со сопственоста и класифицирањето на земјата за оние намени кои генерираа највисока можна стапка промет во условите за „највисоки и најдобри намени“. Енгелс премногу добро ја разбрал целта на тој процес:

Растот на големите модерни градови неприродно и колосално ја зголемува вредноста на земјата во одредени подрачја, особено во оние кои се наоѓаат во центарот на градот; зградите изградени на тие подрачја ја намалуваат таа вредност наместо да ја зголемуваат, со оглед на тоа дека тие повеќе не им припаѓаат на изменетите околности. Тие се рушат и на нивинте места никнуваат други. Пред сè, тоа се случува со работничките куќи кои се наоѓаат во центарот и чии закупнини, дури и во услови на најголема пренаселеност, никогаш не можат да надминат одреден максимум, или тоа го можат само незначително. Тие згради се рушат и на нивното место се подигнуваат продавници, складишта и јавни згради.16

Обесхрабрувачки е кога ќе се помисли дека сето ова е напишано 1872 година, бидејќи описот на Енгелс директно се однесува на современите урбани процеси во повеќето земји од Азија (Делхи, Сеул, Мумбај), како и на современата гентрификација, да речеме, во Харлем и Бруклин во Њујорк. Процесот на преселување и одземање, накратко, исто така лежи во срцето на урбаниот процес во капитализмот. Ова е сликата во огледалото на апсорбирањето на капиталот преку урбаниот обновен развој. Разгледајте го случајот на Мумбаи, каде шест милиони луѓе официјално се сметаат за жители на сиромашни квартови од градот, населени на земјиште кое во поголем дел е без легален сопственик (на сите мапи од градот – местата во кои живеат тие се оставени празни). Со настојувањето Мумбај да се претвори во глобален финансиски центар кој би можел да му конкурира на Шангај, се разгорува експанзијата на развојот на имотот и на тој начин земјиштето кое го заземаат жителите од сиромашниот крај станува сè повредно. Вредноста на земјиштето во Дарави, едно од најугледните зафрлени места во Мумбај, се проценува на две милијарди долари, а притисокот да се исчисти сиромашниот крај (заради заштита на животната средина и социјални причини, кои го прикриваат одземањето на земјиштето) секој ден расте сè повеќе. Финансиските сили, поддржани од државата, принудуваат на насилно расчистување на сиромашните краеви, а во некои случаи го одземаат теренот кој цела генерација го заземале нивните жители. Акумулацијата на капиталот на земјиштето преку активностите на прометот со недвижности цвета, додека земјиштето се добива речиси бесплатно. Дали луѓето кои се протерани од земјата добиваат обештетување? Среќниците добиваат некаков ситнеж. Но, иако индискиот устав одредува дека државата има обврска да ги штити животите и благосостојбата на целата популација, без оглед на кастинската или класната припадност, и да ги гарантира правата на доживотно домување и засолниште, индискиот Врховен суд донесе и вонсудски и судски пресуди кои го редефинираат ова уставно барање. Со оглед на тоа дека жителите од сиромашните краеви се илегални сопственици, а многумина не можат недвосмислено да го докажат својот долгогодишен престој на земјата, немаат никакви права на обештетување. Признавањето на тоа право, како што вели Уставниот суд, би било еднакво со наградување на џепчиите за нивните престапи. Заради тоа жителите на сиромашните краеви или се противат и борат или се селат со својот преостанат имот на периферијата, крај патиштата, или каде што можат да најдат минимум простор.17 Слични примери за одземање на правото на сопственост (иако помалку брутални и повеќе легалистички) можат да се сретнат во САД, преку злоупотребата на правото на истакнат посед со помош на кое се вршени раселувања на долгогодишните резиденти во поприфатливите станбени простори во корист на намената на земјиштето од повисок ред (како што е заедничката управа – кондоминиуми и супермаркети). На соочувањето во Врховниот суд, либерално ориентираните судии извојуваа победа против конзервативците, изјавувајќи дека за локалното ниво ваквиот начин на однесување, заради зголемување на основицата за нивниот данок на имот, е совршено во согласност со уставот.

Во Сеул, во деведесеттите, градежните компании и градежниците изнајмувале групи насилници кои наликувале на сумо борачи, со цел да упаѓаат во населбите и да ја уништуваат со палки не само надворешната фасада на куќите туку и целиот имот кој им припаѓал на оние кои ги изградиле тие куќи со свои сопствени средства, на падините од ридовите, уште во педесеттите, на земја која до деведесеттите стана земја со висока вредност. Повеќето од тие околни ридови сега се прекриени со високи згради кои не ги покажуваат белезите од бруталните процеси за расчистување на земјиштето со кои беше овозможена нивната изградба. Во Кина, на милион луѓе им бил одземан просторот кој тие долго го заземале. Лишени од правото на приватна сопственост, тие можат да бидат едноставно отстранети од земјата со декрет на државата, со нудење некаква минимална исплата во готовина за малку да им помогнат на патот на преселбата (пред земјата да им се предаде на градежниците по висока профитна стапка). Во одредени случаи луѓето своеволно се селат, но исто така се јавува и масовен отпор, што е вообичаен одговор на бруталната репресија на Комунистичката партија. Во случајот со Кина, често се иселува населението на рабовите од селата, илустрирајќи го значењето на аргументацијата на Лефевр, која остроумно беше поставена во шеесеттите, дека јасната разлика која некогаш постоела помеѓу урбаното и руралното бледнее, претворајќи се во куп порозни простори на нерамномерниот географски развој под владејачка команда на капиталот и државата. Во Кина, руралните заедници на рабовите од градовите преминаа од тешката и слабо платена работа за одгледување зелки во лежерен статус на градски рентиери (или барем како што правеа нивните општински партиски лидери) кои преку ноќ стануваа управувачи на кондоминиуми. Таков е случајот и со Индија, каде сега политиката на стимулирање зони за специјален економски развој, фаворизирана од страна на централната влада и владите на одредени држави, води во насилство насочено против земјоделските производители, меѓу кои најголемиот чин на насилство е масакрот кај Нандиграм во Западен Бенгал, кој го оркестрираше водечката марксистичка политичка партија, за да се отвори патот за крупниот индонезиски капитал, кој е подеднакво заинтересиран за развојот на градскиот имот како и за индустрискиот развој. Во овој случај правата на приватната сопственост не можеа да обезбедат никаква заштита.

А така е и со сличниот прогресивен предлог за доделување на правото на приватна сопственост на илегалните доселеници со цел да им се понудат средства кои им овозможуваат да излезат од бедата. Тоа е вид предлог кој е ставен на дневен ред кога се во прашање фавелите во Рио, но проблемот е во тоа што сиромашните, под товарот на несигурноста на приходите и честите финансиски тешкотии, можат лесно да бидат убедени да го разменат тоа средство за исплата во готовина по релативно ниска цена (богатите вообичаено одбиваат да го дадат својот вреден имот за која било цена, што е причина заради која Мозес го искасапил сиромашниот Бронкс, а не имотната авенија Парк). Се обложувам дека, ако продолжат сегашните трендови, за петнаесет години сите тие ридови, кои сега ги заземаат фавелите, ќе бидат прекриени со високи кондоминиуми со величествен поглед на заливот во Рио де Жанеиро, додека некогашните жители на фавелите ќе бидат истиснати и принудени да живеат во некоја оддалечена периферија.18 Долгорочниот ефект од приватизацијата на општествените станови во централен Лондон, која ја презеде Маргарет Тачер, беше да се создаде таква рента и структура на цените на домувањето во целото метрополитенско подрачје за да се исклучи можноста луѓето со ниски приходи, како и оние кои ѝ припаѓаат на средната класа, да бидат сопственици на недвижности каде било во близина на градскиот центар. На тој начин, проблемот на пристапното домување, како проблемот на сиромаштијата и достапноста, навистина се турнати под тепих.

Овие примери нè предупредуваат дека постои цела палета навидум „прогресивни“ решенија кои не само што го префрлуваат проблемот на некое друго место, туку всушност и го зацврстуваат, истовремено продолжувајќи го златниот ланец кој ја затвора ранливата и маргинализирана популација во рамки на орбитата на обртот и акумулацијата на капиталот. Ернандо де Сото надмоќно образложува дека недостатокот на јасно утврдени права на сопственост е она што ги држи сиромашните долу, во состојба на беда, во поголем дел од глобалниот југ (игнорирајќи го фактот дека сиромаштијата сериозно се забележува и во земјите во кои веќе се воспоставени јасни права на приватната сопственост). Се разбира, ќе има случаи каде гарантирањето на таквите права во фавелите во Рио или во сиромашните краеви во Лима ќе ослободува индивидуална енергија и претприемачка иницијатива кои водат до лично унапредување. Често придружен ефект е да се уништуваат колективните модуси на општествена солидарност и заемна поддршка, насочени кон непрофитно максимизирање, додека секој агрегатен ефект речиси сигурно ќе биде поништен во отсуство на сигурно и адекватно наградено вработување. На пример, Џулија Елијачар забележува дека во Каиро овие навидум прогресивни политички мерки креираат „пазар на одземање“, што во суштина тежнее да ја исцица вредноста од економијата заснована на заемна почит и реципроцитет, во корист на капиталистичките институции.19

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел

___________________________________________

[11] Dejvid Harvi, Kratka istorija neoliberalizma, Mediterran Publishing, Novi Sad, 2012; Thomas Edsall, The New Politics of Inequality, New York: Norton, 1985.

[12] Jim Yardley and Vikas Bajaj, “Billionaries’ Ascent Helps India, and Vice Versa”, New York Times, 27 july 2011.

[13] Marcello Balbo, “Urban Planning and the Fragmented City of Developing Countries”, Third World Planning Review 15:1 (1993): 23-5.

[14] Friedrich Engels, The Housing Question, New York: International Publishers (1935): 74-7.

[15] Marshall Berman, All That is Solid Melts Into Air, London: Penguin, 1988.

[16] Friedrich Engels, The Housing Question: 23.

[17] Usha Ramanathan, “Illegality and the Urban Poor”, Economic and Political Weekly, 22. july 2006; Rakesh Shukla, “Rights of the Poor: An Overview of Supreme Court”, Economic and Political Weekly, 2 sept 2006.

[18] Поголем дел од ова мислење го следи делото на Hernando de Soto, The Mistery of Capital: Why Capitalism Triumphs in the West and Fails Everywhere Else, New York: Basic Books, 2000; да се погледне критичката анализа во: Timothy Mitchell, “The Work of Economics: How a Discipline Makes Its World”, Archives Europeennes de Sociologie 46:2 (2005): 297-320.

[19] Julia Elyachar, Markets of Dispossession: NGOs, Economic Development, and the State in Cairo, Chapell Hill: Duke University Press, 2005.

Извор: David Harvey, Rebel Cities: From the Right to the City to the Urban Revolution, Verso, London, 2012

Слики: Дејвид Емит („Бездомни роботи“)

Слични содржини

Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Општество / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото