Дизајн за турбо-фолк

10.09.2014 12:52
Дизајн за турбо-фолк

Авторската изложба „(Ест)етика на национализмот - Дизајн за турбо-фолк“ на хрватскиот дизајнер Бојан Кристофиќ беше отворена на 27 август во галеријата Миксер Хаус во Белград.

По двете изложувања во Загреб, како и споредното предавање и објавениот есеј, Кристофиќ одлучи да започне турнеја со истата. Така Белград се најде на мапата како прва станица.

По претставувањето пред белградската публика, изложбата ќе биде преселена во Скопје.

Турбо-фолк музиката може да се смести во различни дискурси, кои можат дури и да бидат контрадикторни. Таа од една страна може да се дефинира како забава на работничката класа, додека од друга страна ја поврзуваат со крајните десничарски идеологии. Настаната на темелите на новокомпонираната (народна) музика, српската култура ја познава и под називот кирилица.

Кристофиќ, пак, се потпира на терминот на Алексеј Монро - порно национализам и додава - најцелосен израз за националистичка идеологија во форма на популарна култура. Било да сме нејзини поклоници или пак жестоки противници, турбо-фолк музиката е исткаена во милјето на српско-југословенската култура и како таква носи со себе многу причинско-последични појави, настани и состојби. Во скорешната историја на земјите од поранешна Југославија, турбо-фолк музиката е феномен кој првобитно е користен како орудие во кавгите, за потоа да опстане како жица која (сепак) ги спојува сите раскарани нации. Овој феномен на културна пракса на масите, од аспект на дизајнерската струка, го разгледува и Бојан Кристофиќ, авторот на проектот.

Изложбата во Миксер Хаус е нискобуџетна изложба која на скромен начин дава концизен преглед на развојот на индустријата на турбо-фолкот со компаративен преглед на одредниците на политичко-социјалните случувања, кои всушност создадоа плодно поле за настанување на самиот феномен на турбо-фолк музиката.

На оние кои се заинтересирани за подетална анализа и резултати од истражувањето, им препорачувам да го прочитаат есејот на Кристофиќ од сајтот на ХДД. Во тој текст, Кристофиќ појасно зазема позиција и дава коментар на главната тема на своето истражување - односно социјално-дизајнерскиот аспект.

Кристофиќ ја гледа дизајнерската пракса како пракса на работ на елитното и масовното, која со своето дело нужно е нурната во масовната култура. Исто така, се повлекува паралела помеѓу дизајнерската пракса и индустријата на турбо-фолк музиката, како појава која балансира помеѓу маргиналното и масовното. На дизајнерската пракса потоа ѝ дава модернистичка визија на целисходноста, и го истражува текот и правецот на движење на овие мисли во музичката индустрија, дефинирајќи го нејзиното замирање (со негови зборови - атрофија) со зачетокот на турбо-фолкот.

Изложбата ја сочинуваат: временска линија која започнува во 1956 година, а завршува во 2013, како и примероци од омоти на плочи. Иако турбо-фолк музиката најчесто се врзува за деведесеттите години, во осумдесеттите, па и во 70-тите и 60-тите, Кристофиќ ги бара корените и претходницата на она што ќе уследи подоцна - што во музичка, што во визуелна смисла.

Понатаму се опишани појавувањето и развојот на некои од најдоминантните личности, како Светлана Ражнатовиќ, Драгана Мирковиќ, Јелена Карлеуша, Драгана Мирковиќ, Жељко Шашиќ, Иван Гавриловиќ, Северина, групата Колонија, Дино Мерлин итн. Некои од авторите, истакнува Кристофиќ, се опфатени во истражувањето поради нивното подоцнежно приклонување кон сцената или сличната општествена улога која ја имале, повеќе отколку изричната и апсолутна припадност на турбо-фолк сцената.

Временскиот период опфатен со истражувањето се протегнува низ неколку децении. Затоа, на прв поглед, многу е тешко да се снајдете во морето на шаренолики графички решенија. Од оние потрадиционалните, во кои остатоците од умерено-модернистичките типографски елементи и понатаму играат улога во градењето на смерното, граѓанско расположение, до одредени излети во светот на хипи типографијата (чијшто пример графичарите во тоа време можеле да го најдат во решението на белградското студентско списание Видици или пак графичките решенија на Арсовски), па сè до зашиленото писмо со кое е испишано името на Халид Бешлиќ и неговот албум „Отров“, кое личи на типографските решенија на рок и метал бендовите како AC/DC или Iron Maiden. Оваа умереност и слаткоречивост на идилата, заедно со СФР Југославија, наскоро ќе доживее крах. Настанува турбо-фолк музиката која „во полн сјај“ ги донесува сите свои придружни елементи. Првенствено ја карактеризира сатурацијата на сетилата. Кристофиќ радо ги прифаќа стиховите на Рамбо Амадеус, кој го дефинира турбо-фолкот со зборовите - какофонија на сите вкусови и мириси.

Нешто повеќе за самата изложба и истражување ни кажа авторот на изложбата.

Кажи ни за почеток нешто за самото истражување. Овој аспект често не ѝ е познат на публиката, а сепак може да биде многу интересен. Како дојде до темите, како течеше истражувањето? Напомена дека и самиот сакаш да слушаш турбо-фолк додека работиш навечер.

Темата на дизајнот за турбо-фолкот до мене практично дојде сама од себе, кога морав набрзина да осмислам предавање за студентскиот фестивал кој во 2011 го организираа моите колеги од Студиите по дизајн на Архитектонскиот факултет во Загреб. Тогаш мојот фокус всушност не беше на турбо-фолкот, туку само на омотите на плочите на новокомпонираната фолк музика и сродните музички жанрови во Хрватска и Словенија, бидејќи ми се чинеше дека на публиката тоа може да ѝ биде забавно и интересно.

Нешто подоцна, од природната фасцинација од турбо-фолкот како многу комплексен музички и (суб)културен феномен, се роди идејата за проучување на дизајнот на турбо-фолкот (од визуелната комуникација, преку модната, па сè до продукт-дизајнот во смисла на сценографија на концертните сцени и слични намени), за да се дојде до одговор на прашањето како е можно еден таков феномен слободно да егзистира на маргините и во средиштето на етаблираната култура, зависно од перспективата, и секако, каква е улогата на дизајнот во тој процес.

Треба да се каже дека истражувањето сè уште е во уводна фаза, најмногу поради недостиг на буџет и бројни други обврски кои не ми дозволуваат да се посветам во целост на овој проект, па затоа до скоро бев во потрага по нови соработници (по изложбата во Загреб, некои млади зналци во други области изразија желба за соработка). Поради тоа, фокусот на изложбата за сега сè уште е на омотите на плочите и дисковите како примарен медиум за визуелна комуникација на турбо-фолкот, но тоа со тек на време ќе се прошири, како што и контекстуализацијата ќе продолжи да се продлабочува и поврзува.

Дали контактираше и некои од музичките изведувачи чиишто албуми влегоа во твоето истражување?

Морам да признаам дека не контактирав, до сега не сум помислил дека има потреба од тоа, иако можеби тоа не е лоша идеја. Но, на пример, Нада Топчагиќ вчера беше на изложбата и ми рекоа дека била пријатно изненадена од поставката, па затоа, никогаш не вели никогаш.

Колку ти се познати дизајнерите кои стоеле зад турбо-фолк продукцијата?

Искрено, за сега не се занимавав толку со самите авторски имиња во областа на дизајнот за турбо-фолк, туку со самиот дизајн кој многу зборува сам за себе. Впрочем, целта на тој дизајн најчесто е во целост да стави нагласок на изведувачот или изведувачката, на ѕвездата, додека дискографската машинерија која ги придвижува (во што се вклучени и дизајнерите) свесно останува во сенка, а тука лежи вистинската моќ. Дизајнот за турбо-фолк, или за естрадата воопшто, денес ретко кога го создаваат веќе профилирани имиња (постојат исклучоци, како работата на сараевското студио Трио/Фабрика на омотите на плочите на Дино Мерлин), а почесто графчките оддели на дискографските куќи.

Дали ти е познат односот на нарачателот (музичкиот изведувач) и графичкиот дизајнер?

За жал, за сега сè уште не располагам со никакви информации за тој однос, а ни постарата литература не го опфаќа тоа. Една од задачите кои ќе се наметнат во понатамошното истражување сосема сигурно ќе биде и комуникацијата со дизајнерите кои соработувале со турбо-фолк ѕвездите и нивните искуства.

Освен паралелите кои можеме интуитивно или свесно да ги повлечеме (од почетните модернистички, па хипи, рок, а можеби дури и њу вејв примери), дали ти се познати личните аспирации и примери (од дизајнерска природа) на луѓето кои графички ги обликувале омотите за албумите?

Во овој случај, како и во многу други, тешко е да се издвојат некои влијанија кои би биле од „чисто дизајнерска природа“. Движењата и стиловите кои ги споменуваш секако имаат свој визуелен јазик и свои комуникациски кодови, и нивните дизајнерски аспекти секако влијаеле и на турбо-фолкот, при што предничат темелите на новокомпонираната музика, трансформираните референци на геометриска апстракција, како и поп-примерите од западната култура и културата на Блискиот Исток. Покрај сето тоа, на дизајнот за турбо-фолк повеќе влијаеше развојот на дигиталните технологии отколку некоја специфична традиција на дизајн.

Наведи некои од личните фаворити меѓу омотите на изложбата и образложи го изборот.

Ќе истакнам два примера. Извонредна метафора за многу од тоа што сакам да кажам со изложбата, е двојната компилациска ЛП плоча објавена по пвоод 20-годишнината од работата на една дискографска куќа, специјализирана за новокомпонирана фолк и забавна музика. На предната страница од омотот го гледаме лицето на сите изведувачи/изведувачки сместени на плочата, како Кемал Маловчиќ, Наташа Владетиќ и други. Сите тие позираат и се смеат во препознатлив манир, додека насловите на нвините песни го комплетираат носталгичниот, дури и малку тажен повод. Меѓутоа, од внатрешната страна нè чека огромна фотографија на фабриката каде плочите се печателе, и пригоден текст, пишуван во стилот на самоуправниот социјализам, со кој управата на фабриката им го честита на успехот на работнциите и публиката во текот на првите четири петолетки. Тој чуден, денес навидум бизарен спој на естрадната музика и дискурсот на социјалистичкото самоуправување ќе биде модел за испреплетување на идеологијата, музиката и дизајнот од 1990-тите години па сè до денес. Исто така, тука е и една плоча од предвоената ѕвезда Нада Топчагиќ, која ја поттикнала спонтано да дојде на изложбата, да слика селфи и да се појави на ТВ прилог на B92.

Денес 1990-тите години се интересен феномен за многумина, дотолку повеќе што временската дистанца конечно достигна ниво кое ни дозволува донекаде емотивно да се оддалечиме, односно пообјективно да ги согледаме сите појави и настани карактеристични за овој период. Која беше твојата цел со ова истражување - каде може да нè одведе критичкото промислување на овој феномен?

Истражувањето има неколку цели, од кои во овој момент ми е најлесно да ги артикулирам следните: прво, да ѝ се даде на публиката систем од информации за дизајнот за турбо-фолкот, општествено-политичките компоненти на самата музика и контекстот од кој произлегла, заради еманципација на свеста за учеството во поп-културата и проширувањето на можноста за избор во конзумацијата и креацијата на поп-културата (и дизајнот како нејзин составен дел). Второ, имам желба да поттикнам расправа и за улогата на дизајнот во потесна смисла, за критериумите за негово вреднување и методите за толкување, и за неговата политичка и општествена улога. Клучното прашање е: може ли некој вид дизајн да биде маргинален во контекст на струката, но изразито влијателен на општествените текови, и како и зошто? Деведесеттите се тука како отворена книга од која може да се научи и заклучи по нешто.

Извор: www.designed.rs

ОкоБоли главаВицФото