Брус Ли, Александар и Крали Марко

21.01.2010 10:26
Alexander_the_Great.jpg

Како Австрија успеа на целиот свет да му прикаже
дека Моцарт е Австриец, а Хитлер Германец?

Секој дијалог започнува со размислување, а размислата е само дијалог со самиот себе, во себе.

Прва слика: На 26 ноември 2005 година во градот Мостар, Босна и Херцеговина, беше откриен бронзениот споменик на Брус Ли. Споменикот е лоциран во градскиот парк во „Мостар“, со природна големина од цели 1.68 метри. Зошто беше поставен споменикот? Одговорот од локалците одговорни за ова беше: „За да стане симбол на солидарност во етнички поделениот град“. Кинезите не реагираа, иако ова е прв споменик на овој голем мајстор на својот занает, Американците уште помалку, дури и со симпатии ја дочекаа оваа луцидна иницијатива за меѓуетничко помирување. Кинезите не истрипуваа дека „Босанците нешто им ја крадат историјата“, или слично. Сѐ помина во најдобар ред.

Втора слика: Крале Марко. Син на српска фамилија, растен во Прилепско, споделен и во српскиот и во македонскиот фолклор, опеан и таму и ваму, без некакви конфликти околу неговото наследство, или авторски права врз неговиот херојски лик и дело. Крале Марко стана Крали Марко и тоа во налепница на локално пиво, но дури ни тоа не предизвика некои меѓудржавни бранувања или други сериозни ремети.

Трета слика: Во Скопје наредната година се подготвува (според медиумските извештаи , целосни и потврдени службени информации за жал нема), поставување на споменик на Александар Македонски. Ова веднаш беше дочекано на нож од Грците, кои, според нив, полагаат авторски (copyright) права на овој угледен војсководец, и сосема спротивно на реакцијата на Кинезите, речиси споулавеа во своите бурни реакции кои се сведуваа на пиратериски речник, најчесто од типот „крадење историја“. Предигра за ова беа преименувањата на видни инфраструктурни единици во Македонија (аеродром, автопат, со бонус стадион).

Четврта слика: Хипотетички, што би се случило ако во некоја игра на политичките актери утре некој знаменит објект го наречеме „Чак Норис“? Човекот веќе е опеана легенда, а неговиот локален рејтинг расте од ден на ден. Дали Американците, во случај да го искористиме неговото име, би се бунтувале и би презеле нешто, онака на тема крадење историја, име, наследство, што ли?

Што се крие зад овие 3-4 слики, кои само навидум изгледаат како произволни споредби. Зошто се реалностите такви какви што се: споделено или преземено наследство врз некој историски, или општопознат лик, личност, идентитет, херој, водач, и слично, а дијаметрално различни?

- Првиот, елементарен и фундаментален, одговор е: ПОЛИТИКА. Ако „споделувачите“ на некој лик имаат политички конфликт или проблем, тогаш историјата станува „коска“ во која политиката се реализира како војна со историски средства. Токму во таа смисла, спор кој произлегува од таква политичка перипетија не може да се каже дека е „ирационален“. Au contre, тој е „убер-рационален“! Може единствено да се дискутира што стои зад политичкото, но тоа не може да се игнорира или да се фабрикува како „ирационално, етичко, дволично...“, или што и да е друго.

Кинезите немаат никаков проблем или конфликтуозно сценарио со Босанците vis-à-vis Брус ли, па зошто би се р’чкале со нив? Американците уште помалку. Следствено на тоа, интерпретациите ќе бидат во обратна насока, ете видете како се слави ликот на нашиот голем син и кунг-фу виртуозот ширум светот. Ако нема политички конфликт, споделените ликови од минатото ќе бидат употребени дури и за градење на братство и сродност меѓу народите.

- Покрај политичката димензија, втор валиден момент е „градењето нација“. Ако една нација користи одреден лик во својот процес на градење нација, тогаш поверојатно е дека ќе се создаде конфликт ако и друга нација токму истиот лик прегнантно го користи во својот процес на градење нација. Принципот на „владеење со оригиналот“ овде е поизразен. Ваква корелација постои во редица примери помеѓу Македонија и Бугарија. Во суштина ваквите конфликти на „симболичкиот инвентар“ на нациите наликуваат на некаква племенска војна во која едно племе „му грабнало тотем на другото племе“, и сега има некаква брканица околу тотемите. Од оваа позиција работава ја гледаат „рационалните“ Европјани. Вратете го тотемот или договорете се нешто, тоа е тоа. Тоа е реал-прагматизмот на ЕУ машинеријата, кој беше видлив и во спорот Хрватска-Словенија, но и во оној помеѓу Македонија и Грција.

- Доаѓаме до рамниште (трето) на кое може да се види дека во ваквите „војни за симболите“ се работи за виртуелна игра речиси од типот на оние „бубаторски“ игри, од редот на „Magic – The Gathering“, фрлате некакви карти и по целосно произволно утврдени правила на играта водите борба, опа јас тебе со оваа магија и мантра, па ти мене со онаков штит, и така натаму. Она што се крие зад ваквите „игри“ се сосема реалните „борби на моќ“, т.е. конфронтации на чистата моќ, каде правдата, правото и другите етички категории не се воопшто валидни. Клучниот проблем, згора на сите муабети и различни гледања, е што буквалистичкото сфаќање на „Војните за симболите“ (а буквализмот секогаш доминира) води кон сурова манипулација со оние кои најмногу ги чувствуваат последиците од ваквите конфликти, па конфронтациите се претставуваат како ирационални, неправедни, дволични, надвор од разумот и слично. Со ова симболичкото се качува на квадрат (двојно се кодира), и добива признаци на целосна виртуелност, со нужен ефект „шашардисивање“ на обичниот посматрач (во стилот, аман!). Самиот ефект на шашардисување треба: да оневозможи рационален пристап кон самиот проблем кој би го разоткрил во својата „режираност“, но и да ги емоционализира колективите кои се фрлени во конфронтација. А емотивно попалените поединци и групи се најлесни за манипулација.

Suma sumarum, врвот на трагичарската драматургија од овој тип е што и покрај ваквиот „инфантилизам“ на политички режираните војни за симболите, послабите се секогаш далеку поголеми жртви кои се осудени на трауми во сите можни сценарија.

Слични содржини

Став
Став
Духови [к:1]
Став

ОкоБоли главаВицФото