Некролог за Валканиот Хари

29.01.2010 15:26
Валканиот Хари

Дали причината поради која го сакам Валканиот Хари е чисто мачоистичка (потсвесно): тој огромен фалусоиден магнум? Фасцинацијата од она што мажот го сака, а (често) го нема? Не е. Не се жалам, но и да е поинаку – каква корист од тоа?

Дали причината е потребата некаде (сосем малку) да и’ дадам можност на ЗИП („Забава и пропаганда“) да продре во мојата филмска интима, а Хари ми изгледа како најпростодушниот лик? Не е. Валканиот Хари дури има некои особини на авторски труд. Матрица, вонзабавна смисла...

Дали причината е „хуманиот сарказам“ со кој се служи Хари, т.е. што ме потсетува на (мојот омилен глумец) Хемфри Богарт? Не е. Боги би го изел Валканиот Хари за појадок и би го залил со огромна количина виски.

Дали причината е тоа што во серијалот за овој неприлагоден лошко (вечна американска финта) силно се чувствува духот на 60-те и 70-те години кога беа реални (и пожелни) праведните самураи кои не го спасуваат светот во името на новиот светски поредок, туку зашто тоа е начинот кратко и јасно да им порачаат на лажните авторитети: „Ебете се!?“... Хм... Не е. Иако е вистинско задоволство да се видат крадците и мангупите, кои се кријат од законот, како се мочаат во гаќи пред судбината (читај – малиот топ на Хари).

Дали причината е убедувањето дека Валканиот Хари е прототип и неповторлив оригинал од кој допрва следеа крвниците – серијалите за Рамбо, Роки, Терминатор итн? Делумно. Но – не. По дефиниција на смислата на ликот, Хари би се борел против овие типови, бидејќи тие се производ на естаблишментот. Но таа битка би била изгубена, па Хари не би ни сакал да го видам во тој двобој. Имено, сè уште никој не го победил системот, а да преживеал.

Дали моите некритички задоволства од филмовите за споменатиот лик се раководат од темата за одмазда? Не. Ако ја прифатам сосем реалната можност дека без соодветната доза таблети, (сè уште) живото чувство за самоконтрола и понекоја заостаната емоција, можеби, би завршил на некој покрив со пушка во раката (се обложувам дека не сум единствениот), тогаш е праведно да се каже дека одмаздата е слатка, но дека наликува на постхумните одликувања. Бесмислена е. Иако го грее срцето.

Дали тајната е во паралелата која може да се повлече меѓу серијалот на Леоне за осамениот јавач-праведник и Валканиот Хари? Не е. Или барем не е само во тоа. Наликуваат тие еден на друг, неоспорно. Убаво е да се види прстот забиен во окото (и газот) на правоверните каубојци од 50-те и полицајците кои се подготвени да ги заораат браздите на „новиот начин на живот и правда“! Но тоа не ги објаснува моите (тајни) и постојани излети во ваквиот вид филмови.

Причината е самиот Валкан Хари, алијас Клинт Иствуд. Последниот (харизматичен) лошко на американскиот филм, кој во своите улоги или филмови кои ги режира ги задржува принципите како што се: кодексот на честа (макар и најмалиот), грубата хуманост, неприфаќањето на злосторството без да се фати за боздоганот, и вечниот изглед на тип кој “дошол да ја заврши работата која никој друг не сака да ја прифати“.
Иствуд не е ни глумец ни режисер кој го одбележал филмот. Нема ни улоги ни режии кои би го сместиле на врвот на мојата интимна А или Б листа...

Но Клинт е на врвот на моите јунаци од детството, пубертетот, а богами и зрелиот период. Како „Политикин забавник“, како цртанот „Густав“ кој е километри пред „Симпсонови“, како фармерки со тесни ногавици, како црнокоси кои предат „ррррр“ додека се бакнуваат, како татко ми додека ги реконструира римските ископини и ги спасува парите и оружјето на еден исчезнат свет...

Клинт е таа причина! Господин кој мириса на алкохол, опасност и (слатки) пороци. Емотивен мажјак кој успева да спаси и лиги како „Мостовите на Медисон“ (признавам – го гледав поради Клинт) или ладнокрвниот бегалец од Алкатраз кој им остава цвет на своите прогонувачи...

Зад широкиот грб и исуканиот колт на Хари Иствуд стои засекогаш исчезнатиот период на нежност и какви-такви идеали: филмови кои мирисаат, своерачно отсвирени музики (човечки фактор), добра трева, евтини патувања, јасни непријатели и пријатели од доверба, добар фудбал, жени кои се даваа со стил, зими со снег и лета со сонце...

Пред чудовишниот колт на Хари стојат: политичката коректност, хуманитарниот империјализам, каматарскиот октопод со мотото – „New order has begun“, лиценцираното знаење, унитарниот јазик, досадниот секс, изрецитираната музика, мутираните болести, дизајнираните идоли, стерилните геноциди, болниот луксуз, „паметните“ идиоти, симулираната уметност, обездушеноста...

Застрелај ги дркаџиите, Хари!


Извор: P.U.L.S.E

 Chitav do momentot koga

 Chitav do momentot koga avtorot na tekstot vika deka Bogart bi go izel Dirty Harry so wiski. Dupeglavci koi go forsiraat Bogi kao najfaca moze da se slikaat na brzo foto. Eat shit & die....punk !

"...Клинт Иствуд. Последниот

"...Клинт Иствуд. Последниот (харизматичен) лошко на американскиот филм...". Чек да погодам, The Beatles се последниот рок бенд? Ти чиче не си баш некој филмаџија, а? Текстов e ѓердан од бисери. "Иствуд не е ни глумец ни режисер кој го одбележал филмот." ми е омилен. Дуел помеѓу Хари и Роки? Ева еваа

PS
До ОКНО
"... деновиве излезе списокот книги што ќе бидат издадени со помош на нашата Влада: 95% македонски автори. А од тие 95% македонски автори, најмалку 80% се чист шкарт, „литература за огрев“, како што вели младиот писател Букарски..."
А ова? Ова го подржувате? Или ова е подобро дека е нережан шкарт? Можеби и не се разликувате толку од нашата Влада што се однесува до стандардите, Колја?
 

кој е бе тој Хемфри Богарт?

кој е бе тој Хемфри Богарт?

ОкоБоли главаВицФото