1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Одбиваме да дискутираме за реформи во образованието кои владата ги наметнува на ваков инвазивен и недемократски начин. Остануваме категорично против мерката државен испит и нема да дискутираме за подобрување на високото образование сѐ додека таа не се повлече – бидејќи се коси со принципите на универзитетот како институција. Автономијата на универзитетите не е само апстрактен поим заборавен во словото на Уставот, туку е суштината на слободниот развој на критичката мисла. Ваквиот став го поддржаа повеќе од 9.000 студенти и загрижени граѓани, кои излегоа на улица во одбрана на овие принципи. Се надеваме дека исто како што министерот нѐ удостои со пофалба што маршот помина мирно и без инциденти, ќе нѐ удостои и со пофалба за издржаната аргументација против предлогот на Владата.
Сепак, земајќи ја предвид последната прес конференција на министерот и заменик министерот за образование, можеме да заклучиме дека Владата и понатаму ги игнорира аргументите и се обидува да го релативизира прашањето за државен испит, нудејќи цел пакет мерки. Сметаме дека надлежните не само што ја повторуваат истата грешка, туку и го зголемуваат револтот кај студентите и општата јавност нудејќи вакви провизорни решенија кои не навлегуваат во суштината на проблемот. Наместо секоја од предложените мерки поединечно да подложи на исцрпна јавна дебата со вклучување на сите засегнати страни, целта на надлежните е да се дисперзира фокусот, а со тоа и самата критика за неиздржаноста на предложените реформи.
Вреди да се потенцира дека владата не го испочитува рокот кој им беше даден на високообразовните институции да се изјаснат за предложената мерка, за подоцна, усвоениот став на универзитетите, односно наставниот кадар и студентите, да го земе предвид при донесувањето на одлука на седница на Влада. Втор аспект што повторно зборува за намерите на владата е фактот што во дописот до високообразовните институции не беа вклучени како точки за кои се бара изјаснување новите најавени мерки (измена на структурата на прв и втор циклус на студии, воведување на приемен испит за студенти кои го користат правото на мобилност, субјекти кои имаат право да нудат студии на трет циклус итн), или пак интегралната верзија на законот за изменување и дополнување на законот за високо образование.
Апелираме до синдикатите, образовните институции (средните и основните училишта) и наставниците да се огласат по останатите предлог мерки од доменот на средното образование, најавени од страна на ресорното министерство. Тие веќе страдаат од експерименталните, необмислени методи на надворешна евалуација во основното и средното образование. Она што е потребно е заеднички да покажеме дека образованието не е поле каде што државните институции смеат да практикуваат самоволие и да наметнуваат одлуки, туку дека бараме стратешки, добро осмислени политики, донесени во вистинска консултација со сите засегнати страни.
Надлежните очигледно не покажуваат никаков напор за дискусија, а нивното инсистирање на тоа дека „ќе има јавна дискусија“ во која ќе учествуваат сите засегнати го сметаме за празна флоскула. Иако редот на нештата вели дека Владата е онаа која прва ќе ги повика засегнатите страни на дебата, претставниците на надлежните органи беа во неколку наврати повикани на средби на наша иницијатива. Спротивно од јавните настапи на кои прокламираат некаква отвореност, тие ги одбија нашите повици. Дека дебатата е мртва, односно никогаш не постоела, покажува фактот што досега не беше одговорено на ниту едно наше писмо испратено до институциите. И не сметаме дека е „рано за дебата“ како што рече некогашниот претседател на СПУКМ, Кирил Спировски. Сметаме дека секоја друга реакција ќе биде задоцнета.
Затоа, со право сметаме дека воведувањето на ваква предлог-мерка (без претходно никој да се консултира) е симптоматично и може да се гледа во контекст на една континуирана политика на реформирање во високото образование кое не е транспарентно, ниту инклузивно. Предлогот ќе го сметаме за легитимен за дебата во оној момент кога тој ќе следи по сеопфатна анализа за слабостите во високото образование, а владата конечно со аргументи ќе ја поткрепи досегашната теза дека „државниот испит ќе го подобри образованието“.
Не сакаме влада што само санкционира, а се амнестира од одговорноста за неуспешноста на претходните реформи.
За крај, Студентскиот пленум ги разгледува можностите кои стојат на располагање за да се спречи усвојување на сега веќе предлог законот. Меѓутоа, државните институции со својата суетност и инаетливост само стимулираат поголем антагонизам помеѓу државата и академската заедница, особено студентите, нѐ тераат уште помалку да веруваме во институционалната борба, нѐ приморуваат да излеземе на улиците.
Моќта е на страната на институциите, но на наша страна се разумот и аргументите. И имаме демократско право да бидеме слушнати. Студентската борба ја започнавме со чесни и искрени намери и ќе останеме непоколебливи во своите барања.
Слики: Sean Landers