Топло тивко место

17.12.2014 11:36
Топло тивко место

10 март 2009, 22:50

Долго одложував да го почнам дневников за Апокалипса. Не сакав да мешам проза и веб кодови, проза и тендерски спецификации, проза и апликации… А сите овие вториве ме притискаа да ги направам. Дури и му спомнав на Примож дека доцнам, дека го пробивам рокот, дека уште не сум почнал со пишување. Не сакаше да крене раце од мене. Па еве, почнав. Ми дојдоа слики за топло тивко место. Иако напишав неколку песни последниве денови (а некои можеби ќе закачам и овде) нешто ме повлече кон проза. Малку проза, ништо претенциозно, ништо значајно. Малку автотерапевтска проза. Да избистрам мисли и да си дадам здив.

На 5 март ми пишал Ханс. Пораката ја видов дури вечерва. Заскитала низ ебаните џанк фолдери. Ханс пишува дека Тристан Виндторн ненадејно умрел. И дека е тажен. Ханс. Толку. Зјапам во мониторов и сè си мислам дека не треба да мислам. Дека треба да треснам едно остро дилит и да му се јавам на Тристан. Да го прашам што прави, дали ќе се гледаме во Норвешка или во Македонија. Или на некое трето место? На некое топло тивко место… А знам дека Ханс е во право. Тристан го нема и ние сме тажни. Толку. Што повеќе, кога човек ќе размисли?

Ми се одвртуваат наназад деновиве. Што имам јас да запишам? Што ми се случи? Што, навистина, некого би го интересирало? Гола вода. Ветер и магла, што би рекол Џовани во идната книга поезија. Ми го прати финалниот ракопис вчера вечер. Го исчитав, малку зборевме и на телефон. Побарав уште песни. Ми прати и од тие кои ги исфрлил. Првата ме доби веднаш. Ќе треба да ја преработиме книгата, да ја пресклопиме. Ќе биде уште една добра книга. Добар ми е Џовани. Сакам да објавувам добри книги. Макар и да не се продаваат како ѓубрињата кои ми ги пикаат под нос. Нека. Оние спецификации, апликации и другите дрндупки ќе покријат уште некоја книга. Само едно ме плаши: ќе знам ли да им се израдувам, онака, од џигер и со голтка во уста? Во февруари објавив две: третата книга хаику на Јосип, втората книга поезија на Саш. Толку други тракатанци имав за средување што не стигнав ни да ги погледнам како што треба. Книгата на Саш има ѕуцки на корицата. Се карав со печатарот неколку денови, после едноставно му кажав што му следи ако не се оправи. Требаше тоа да му го кажам уште првиот момент, тибам финиот…

А Саш е фина. Седиме во Круг другиот ден попладнето, пиеме полека, и она вели: „Ма океј е, Игор, ќе поминеме и вака“. Многу е фина. Јас на нејзино место ќе барав нов издавач. Сериозно. Иако и некои од моите книги излегоа со грешки на кориците, со грешки во печатот. Срце ме боли кога ќе помислам. А дека ќе има некое второ издание на некоја од нив – нешто не верувам. Но, којзнае, сè бива, па и тоа… И Љупчо, кој направи две долги фотосесии за насловната на „Аквариумот на Барби“ од Саш, и тој е фин. Додуша, со него пиевме доцна навечер, светлото и не беше некое, ама и тој рече било океј. Ете ти. Само мене не ми е океј. Јебга.

После ме однесоа на некое друго место. Ме изнесоа од Круг, а освен таму и во Џетро, ретко каде седнувам. А и ретко воопшто седнувам некаде. Пијам дома, пијам понекогаш и пијам по малку. Тивок сум. Топло ми е овде, дома. Сеедно што работам ко стока, понекогаш нешто од тоа и успева. На другото место беше тутка, музиката беше труба. Џејмито беше океј. Ги испив сите пари што ги имав и кога ги запалија светлата за фајронт тргнав дома. Баш ко пред 10-15-20 години. Само што сега дома значи баш дома. И што знам дека не сум сам. И секогаш кога ќе се вратам од надвор ги ѕиркам девојките, им ги местам покривачите, гаснам телевизори, кревам книги. Така спијат моите три девојки, со еден куп реквизити, спремни за секоја трошка сон. И кога ќе ги видам така заспани, некако се смирувам. Некако е полесно.

Со Калина го средуваме долниот стан неколку дена. Во него поминавме убави години. Многу го сакаме тој стан. Таму Сара прооде. Таму ја направив Babylonia. Таму… И овде е добро. И има повеќе простор. Но и таму и овде местата се топли и тивки. Наши. Не знам што би правел без нејзе. Да не ја најдев Калина, сега можеби ќе бев у пет пички мајчини. Алкос, наркос, пропаднат, што знам јас… Треба почесто да се потсетувам на тоа. И да му се радувам на ова што го имам. Тибам будалиот…

Е, кога се вратив дома после светлата на фајронтот, напишав песна. Ретко ми се случува веднаш да знам дали ми е песната добра или не, колку длаби и колку кажува. Ама, ете, ми се посреќува во последниве 2-3 години, сè почесто уште на прва знам дали ќе ја биде. Оваа ја бидна. Сама се напиша. Којзнае каде во мене спиела и колку ме чекала. Следниот ден станав рано, некако како замелушен, како после цела ноќ секс. Наакан од светлина, топлини… Од една песна. Ни џејмито од минатата ноќ не го памтев. Само песната. „Добро“. Така се вика.

Во последно време станувам рано. После ми е чудно кога во еден попладне мислам дека е пет. Спијам по 3-4 саати, ретко сонувам, се будам наспан. Веќе десетина дена. Единствено паметно што почнав да правам пред спиење е што престанав да се прашувам што сум сработил во денот. Самото нека си се сработи, да го таквам… Ми треба да се олабавам, тоа и од хеликоптер се гледа.

Некаде читав дека воркохолизмот е сличен на алкохолизмот. Жими газов. Ниеднаш не сум полетал од работа. Од алкохолот, да. Не којзнае колку често, ама да. Со оглед на тоа колку имам испиено до сега, јас сум всушност добар и искусен летач.

Подобро ќе биде да си наточам една отколку да дрндам за пиењето.

Си точам, преку мраз, земам шише студена вода. Годи. Лизга. А кашлам ко магаре, веќе три седмици. Ништо не помага. Ни цигари, ни студена вода, ни антибиотици… Денеска лекарката ме фукна на инхалација. Тоа малку помогна. Ама после бев целиот замелушен. Којзнае што имаше смешано во тоа растворот, ама бев ко збичен. И возев точак, полека, како да лебдев. А ветер бричи, север-северозапад. Се пика под кожа. Јас бавен. Долго време не погледнав на саат. Стигнав кај Брицо, седнав на шиш, го слушав што зборува, и пак не гледав на саат. А обично гледам, зашто Брицо е талент. На секои минута-две нешто ќе сецне, тук-таму, а во меѓувреме гестикулира додека раскажува. Така, моите поткаструвања знаат да потраат, ако не го контролирам. Денеска го оставив. Се изнамуабети. После ми беше мило што го почестив малку време. Зашто, всушност, се почестив себе. Внатре беше топло, пријатно. Во паузите меѓу неговите зборови, слушав како ветрот надвор завива. Се гледав во огледалото. Бевме во примирје, јас и Исаковски. Се трпевме.

Кај Жабарот нарачав чај додека околу мене фрчеа ќебапи и пива. Не ми посака душа. Роберт си нарача Бадел бренди (еј, од кога тоа не сум го видел!) и божем ќе се договаравме за промоцијата на книгата на Саш. А се договоривме кога книгата ја ставив на маса. Толку. Ама, добро ни дојде, си направивме домаќински муабети. Неговите деца се помали, тој допрва треба да го решава станбеното прашање. Од сето тоа, ми се вратија многу филмови. Исаковски, си викам после, па ти си океј, што се измачуваш со грижи? Ама, ај, примирјето е слатко додека трае.

Веќе десетина дена, секој ден освен недела, одам на терапија за грбот. Пукна по средина кога носејќи кеси се свртев кон Калина. Ниту кесите беа тешки, ниту нагло се свртев. Ама, ко Орфеј, ја ебав работата. Среќа што овојпат бељата ме снајде мене, а не мојата Евридика. И ете ме мене, на терапија, масажи, курци-палци. Се оправам, полека… Тоа што бааги дремам пред машина не помага којзнае колку, ама види го првиот пасус па ќе видиш и дека не сум имал некој избор.

Во Македонија ечат рекламни кампањи за избори. Локални и претседателски. Фрик шоу со бонус програма. Не гледам ТВ. Не читам весници, освен стрипови и култура. Ама, џабе се бранам кога цел град е преплавен со факин фул сајз билборди, големи ко куќа. Кај и да се свртиш, те демнат. Ко во анимираните филмчиња Ноди: Ноди добива наградно патување, и сите му се умилкуваат, во г’з му се пикаат. И сите викаат „Избери ме мене, мене! Мене избери ме!“. Така и околу мене: фаци милион а лик некако не гледам. Штета. Сè ми се чини дека направиле лоши избори за избориве. Еден од ликовите ми дојде и на врата. Ми донесе брошура со својата програма. На гости ми беше Кате, се немавме видено сто недели. А имаме маса работи за завршување. Некои и дента ги завршивме. Другите можат и да почекаат, ќе им дојде време. Откако ја испратив, дојде Фари да го смени бојлерот во кујната долу. Па дојде Виктор за да правиме понуда за некој e-commerce сајт. Па дојде Бобан, оној печатарот на книгата на Саш. И кога сите ги решив, седнав да ја погледнам брошурата. Ме изненади гестот. Тие од СДСМ секогаш се дигнати. А еве ги сега како тропаат по врати. И, ја гледам јас брошурата, пушам и чадам ко локомотива… И вика внатре: младина, иднина, дрндрндрн. Па си викам, ало бе еј, па што кој мој ти се кандидираш кога младина = иднина. Кандидирајте некој млад. Ама вистински млад. А и другиве не се нешто поарни. Тие не тропаат по врати. Оставаат во сандачиња. Типов што сака да ми биде градоначалник, пратил екипа да наполни сандачиња. Мислиш брошури ставале? Неее, тоа е толку, ова, passé… Во сандачето ме чекаше аудио ЦД и мрсно скапа честитка за осми факин март. „Мене, а бе мене избери ме…!“ Децата му видоа аир на цедето. Сара го пушти и со Лина танцуваа некои полуиндијански-полуабориџински танци. Којзнае во што ги погодија тоа љубовните поп тралалајки. А фанови се на U2, веќе неколку месеци рокаат гитари по дневна. Ако не се Ирците, тогаш се Stones. Како и да е, подобро од кое било цеде со детски песни. Особено кога ќе помислам колку детски фестивали имаме во Македонија, и колку болно-амбициозни родители кои сакаат од своите неталентирани деца да направат ѕвезди… Ма, што болно-амбициозни? Тие се едноставно болни. Точка.

Кога сум кај децата, ми паѓа на памет Ивце-Пивце, мојот стар радиски колега кој сега има дневна емисија на Телма ТВ. Се вози Ивце со некое дете и му поставува прашања. Се возат на задно седиште од некое мало ауто и си прават муабет. После го носи малото да си избере подарок. Па во Мекдоналдс. Или обратно, сеедно. Ај, си викам, симпатично е што шпара за студио и светло, а и со малово ауто не трошат многу бензин. Ама, пази заеб! Кумата на моите девојки, Башо, решила внукот да го однесе кај Ивце-Пивце во емисија. И, оп – тарифа! Илјадарка за учество… Тибам, кај отиде светов? Па за кој мој ги имаш сите тие силни спонзори, за децата ли да ти плаќаат? Следно е дека Дедо Мраз ќе почне да штрајкува и да бара бенефициран работен стаж. Јас барам на тие деца да им се плати, а не да им се наплати. Зашто, ебеш емисија за деца во која деца нема. Така, ѝ објаснив на Сара зошто нема да оди кај Ивце-Пивце за својот роденден. Јас ќе се мотам со неа низ град и ќе јадеме негде. Она повеќе сака пилешко на жар отколку хамбургер – „Тато, а бе ова некако гумено ми е“, ми рече кога првпат ја однесов во Мекдоналдс. После посака уште еднаш, беше уште погумено, и сега од далеку го заобиколува. Сака конкретно месо, и да е добро спремено.

Пред три дена имаше настап, Сара играорката. Се нацртавме сите, цела свита во Дом на АРМ. Помина и тоа. Сара беше задоволна. Сите ѝ честитавме. Кога завршија честитките, кога ја соблече носијата, ме погледна со очите кои се исти како моите (или барем јас така ги гледам) и ми рече „Тато, сега не сакам да јадам дома, сакам надвор да јадеме“. И, седнавме во Пивница. Калина ѝ нарача пилешко, јас мрцнав една пица со кулен, стуткавме неколку пива и ете, прославивме и осми март. Пивница беше единственото место кое не беше накрцано. Напротив, имаше еден куп слободни маси, сè беше в ред. Освен што се заседовме па после трчавме дома за да стигнеме во шест. Имав договорено луѓе да го гледаат долниот стан. Бидна и тоа, го издадовме на 17 дена. Лудо, ама не сум ни јас поарен. После нè сретнува Драган на улица, со Калина му кажуваме за 17-те дена, и вели: „Па издавај го на ноќ, ебате, хахаха!“ Јас се уфурав у тој филм, и му викам „Ќе си направам и рецепција!“, а он додава „Со пешкири и постелнина, здиплени, на купчиња“. Додека одиме натаму со Калина, ја прашувам „Од кај му текна на купчињата, ебате беља…?“

Станот треба да се среди. Денеска купив аспиратор за ВЦ, филтер за кујнски аспиратор, квака за влезна врата, дрн ова, дрн она. Два саати поминав со алати во раце. Сè повеќе ја користам левата. Откако пред година или две (еј, како понекогаш се губам во годиниве, чудо едно!) го скршив зглобот на десната рака, сè повеќе работам и со лева. Така сум послободен, знам дека не зависам од само една дланка. И ми беше добро да го правам тоа. Додека Калина го средуваше шанкот, бев готов да ѝ речам „Жено, ако згусти, го знам и овој занает“, ама ништо не реков. Прво, зашто знам уште неколку занаети. Второ, зашто веќе одамна е згустено, ама ние некако се снаоѓаме. Не знам како, може помага тоа што работиме ко скотови.

Додека јас така си чепкам по најсвежите сеќавања, ете писмо од Елфи, девојката на Тристан. Вели дека тргнал во болница на тестирање и дека едноставно паднал. После откриле дека му експлодирала аортата. Голем беше Тристан, и како физичка појава. Така се заминува, пријателе, мој брате Викингу, во експлозија. Ќе те преведам, како што и планирав. Само биографската белешка ќе ти ја дополнам. Ќе ти ја додадам 2009 како цифра. Нема лутиш, тоа е тоа. Поздрави ја екипата таму горе. Чувајте ми топло тивко место. Да клацкаме нозе од облаци.

11.03.2009 00:47

Слики: Jorge Santos
Извор:
Блесок

 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото