Од сино кон црно

16.12.2014 13:18
Игор Исаковски (1970-2014)

тажни песни пеат по улиците / сонцето се топи под моите прсти / волшебноста е дел / од минатото е дел / од мене е дел / зашто сум / овде / со спомени / и желба / да оживувам мртви

КАМЕН И ВЕТЕР

те барав во летот на птиците
и во обликот на облаците
но те најдов само во мојот здив

те барав
како што се бара загубен насмев
како што се бара
залутан поглед
како пат за враќање дома

го барав твојот глас
во старите инструменти
но правот беше нем како стара пајажина
и колку повеќе те барав поглув станував

сончевината се прелеваше во туѓи коси
и водата течеше кон сите земјени провалии
и каменот ја раскажуваше мојата песна
оти ја узнал пред мене и некому друг ја кажал
од ветрот потпомогнат
а јас седев сам и нем

те барав во пазувите на ноќта
но ноќта како да те имаше во себе
па срамежливо се облекуваше
кога ќе затропав на нејзината порта

те барав во мојата коса
мислев можеби тука си се скрила
да ме набљудуваш додека се мачам
и во очите мои те назрев
но, чинам дожд, беше ги заматил

деновите станаа заслепувачки сјајни
и колнев зашто знаев:
можеби ќе те одминам
слеп за твојата светлина

те барав во клокотот на времето
и во допирот со громот

и во тркот на коњите
и во крајот на песните

и под мојата перница
и на географските карти

и во подводните шуми
и зад сите свиоци на мојот автопат

те барав во сите зборови што ги измислив
за да те воспеам

но те најдов
само во мојата душа



ПАРЧИЊА

таа чека да се расонам
за да ме чуе
месечината се појавува
кога сме разделени и
ме вика кон неа
ме вика месечината кон неа
како долг
кралски грациозен
женски прст
да минува преку моето колено и
го оставам часовникот
го симнувам од дланката го тргам на страна
понекогаш го слушам нејзиниот глас зад мојата врата
гледам во мастиката што ја оставила крај креветот
таа чека да се расонам за да ме чуе
јас ги допирам листовите на ружата кога сме разделени
дел од нејзиниот мирис останал во мојата коса
другиот дел е на перницата
го има насекаде неа ја нема
неа
не сега
ја проветрувам собата за мирисот да остане
го слушам нејзиниот глас кажав за нејзиниот глас
и месечината се провира низ сите мои пори
гледам како ме вика како ме вика
лебди во мене како сребрен чад од зелена свеќа
бојата е дел од нејзиниот мирис бојата е
бојата е дел
од нејзиниот глас е дел и јас ја собирам јас
за да се залажам додека не дојде кога ќе ја има



ПИВОТО ОДЕКНУВА НИЗ СПОМЕНИТЕ

ги кршиш прстите
од мака но
тоа е пивото
пивото те прави меланхоличен

таа ја отфрли круната
но можеби круна и не ѝ била
потребна можеби само
си ја дворел без потреба

звукот на круната во пад
те зашеметува…

мислиш на сите места кај што сте биле
никогаш не си помислил дека сликите можат
да повредат толку многу
таа до тебе со отворени очи додека влегуваш
сонце на карпите и мирисот на вашите кожи
што врие под тоа сонце но мирисот не е слика

звук на празно шише врз правливиот дрвен под
како болка да одекнува низ тебе но болката не е
дел од бесот и знаеш дека тоа пивото одекнува
низ спомените како кога сомот шушти под прстите

сомот што го соблекуваш за да допреш нежна кожа
но свилата не е споредба, свилата е мртва сомотот е скривница
и кожата е завеса
јас сакам да ријам низ мозочните клетки
и низ сите светски автопати
да бидам ветер заради слободен здив
за да оживеам уште некој
мртовец да се насмеам низ времето
да ги тргнам платната од нивните
сиви и ледени лица
да ги поведам со мене

луташ низ жолтата боја низ познатите звуци
никогаш не си подготвен да се соочиш
со мирисот што останал
нејзиниот мирис
можеби затоа се чувствуваш
изненаден
ова е уште една приказна со кратко траење
како времето да не признава заборав
како пивото да е твој вечен потсетник

којзнае,
ако бидеш доволно патетичен
можеби ќе го направиш
споменик на болката

оваа соба е место за слетување на ангелите
доаѓаат тука како да ги повикувам
но не ги а не ги одбивам

помислувам дека можеби го сакам тоа
да гледам како несмасно пафтаат овде
како шумолат со нивните преголеми крилја

звукот е дел од мојата свест
го имам во многу бои
најмногу жолта најмногу бела неа
од пена ја создавам
и ја голтам
за сликите да не ме болат но болат и болката ме носи
кон беснило кон црно длабоко

тажни песни пеат по улиците
сонцето се топи под моите прсти
волшебноста е дел
од минатото е дел
од мене е дел
зашто сум
овде
со спомени
и желба

да оживувам мртви

ОД СИНО КОН ЦРНО

најди ме во мојата двојност
избери парче за себе
земи ме како што ми доликува
спотни уште оган во вртлогот
терај ме напред
кон сонцето и светлината

терај
биди силна како случаен избор
наврти го твојот извор кон мене
земај додека ме има
густ чад исцеди од мене
болскоти прибери
со твоите големи
дланки како градови
носи ме
како сок што се наведува

Слики: Aron Wiesenfeld
Извор:
Блесок бр. 06, јануари, 1999

Исаковски е роден на 19 септември 1970 во Скопје.
Почина вчера, на 15 декември во Скопје.
Работеше како радио и ТВ водител од 1991-1999, 2001-2003, на различни фреквенции. Беше основач е и директор на културната установа Блесок. Работеше како главен и одговорен уредник и вебмастер на истоименото списание. Беше уредник на списанието на Независни писатели на Македонија, „Наше писмо“. Дипломираше на катедрата за Општа и компаративна книжевност во Скопје, магистрираше на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (Родови и културолошки студии). Преведуваше поезија, проза и есеи, од (и на) македонски, англиски, словенечки, српско-хрватски-босански-црногорски. Во негов превод на македонски, објавени се книгите на Алеш Дебељак (2), Лудвиг Гиц, Марија Тодорова, Душан Гојков, Клод Фримен, Роберт Млинарец, Јосип Ости (8), Рони Сомек, М.Т.Ц. Кронин, Горан Глувиќ, Томас Шапкот, Џек Галмиц, Герит Бусинк, Ханс ван де Ваарсенбург, Том Петсинис (2), Сибила Петлевски (3), Хенк ван Керквијк (Дејвид Винвуд), Павле Горановиќ, Предград Луциќ, Хенри Милер, Оља Савичевиќ Иванчевиќ, како и една антологија на црногорската поезија.
Ги објави делата: Писма (роман, 1991), Црно сонце (поезија, 1992), Експлозии, трудна месечина, ерупции… (раскази, 1993), Вулкан – Земја – (поезија, 1995), – Небо (поезија, 1996, 2000), Гравири - Blues говорница (многу куси текстови, 2001), Песочен часовник (раскази, 2002), Длабоко во дупката (поезија, 2004), Пливање во прашина (роман, 2005, награда Прозни мајстори, 2005), Blues говорница II (многу куси текстови, 2006, годишна награда за најдобар визуелно-графички дизајн на печатена книга, 2007), Стажирајќи за светец (поезија, 2008), Ноќта е најтемна пред разденување (поезија, 2009), „Љубовна“ (поезија, 2011), „Смртта има коса од морска трева“ (поезија, 2013) и „Песни од големата соба“ (поезија, 2014).
Објавуваше во многу домашни и странски списанија. Делата му се објавени на англиски, холандски, романски, словенечки, хрватски, српски, бугарски, црногорски, босански, чешки, унгарски, полски, словачки, корејски, хебрејски и турски, во дваесетина земји.
Низ својот краток а толку интензивен и исполнет живот Игор сработе и проживеа барем три обични човечки животи. Дупката што ја остава во македонската култура просто е ненадокнадива. Како и дупката во срцата на оние што го познаваа. Многу ќе ни недостасува.

 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото