Важноста на споделувањето искуства

19.12.2014 09:52
Важноста на споделувањето искуства

Доколку ни е понудено да избереме помеѓу излегување во некој бар со Џесика Алба и излегување во бар со истата група пријатели, повеќето од нас веројатно ќе изберат да излезат со „Најсекси жената во светот“ и промотерката на еко производи за бебиња. Но, можеби повторно треба да размислиме за тој избор и да се одлучиме да ја поминеме ноќта со пријателите и пиво.

Една неодамнешна студија објавена во списанието Psychological Science сугерира дека невообичаените искуства имаат социјална цена, нè отуѓуваат од нашите врсници. „Несекојдневните искуства се различни и подобри отколку искуствата кои ги имаат повеќето луѓе“, забележуваат авторите, „да се биде отуѓен и завидлив е погрешен рецепт за популарност“.

За да ја тестираат оваа хипотеза, истражувачите третирале група студенти со прикажување видео прилог. Шеесет и осумте учесници од Harvard Decision Science Laboratory биле поделени на помали групи со по четири членови. По еден член од секоја група бил сместен во кабина во која требало да гледа видео прилог со талентиран уличен магионичар кој изведува трикови пред публика. Останатите тројца од помалите групи требало да гледаат досаден видео прилог, односно нискобуџетен цртан филм. На сите им било кажано каков видео прилог ќе треба да погледнат.

Потоа, секоја помала група со четири членови, била сместена во посебна соба и на членовите им било соопштено дека треба, да ја цитирам серијата „Cofee Talk“, „да разговараат меѓу себе“. Истражувачот ја напуштал собата и се враќал пет минути подоцна.

На субјектите им била дадена анкета, која се состоела од две прашања: „Како се чувствувате во моментов?“ со скала до 100 поени, исто како и „Како се чувствувавте за време на претходната интеракција?“ со скала до 100 поени од „исклучено“ до „вклучено“.

Изненадувачки, луѓето што го гледале „несекојдневното“ видео се чувствувале полошо од оние што го гледале „секојдневното“, за 10 поени. Исто така, во просек, се чувствувале повеќе исклучени за 30 поени.

„Разговорите се базираат на секојдневни теми“, ми рече главниот автор на студијата, Гас Куни, докторант на Харвард. „Оној што го гледаше несекојдневното видео потешко се вклопуваше.“

Тогаш, зошто избираме да скокнаме со падобран или да вршиме вулкански истражувања во Исланд? Зошто некој би сакал невообичаени средби, ако баналните му овозможуваат подобар разговор? Авторите направиле уште еден експеримент во кој од нова група учесници било побарано да се претстават себеси преку два услови – гледајќи го видео прилогот со магионичарот или цртаниот филм, а потоа разговарајќи меѓу себе. Од нив било побарано да претпостават како мислат дека ќе се чувствуваат за време на разговорот.

„Учесниците очекуваа несекојдневното искуство да придонесе да се чувствуваат подобро, отколку што тоа ќе го направи секојдневното искуство“, пишуваат авторите. Со други зборови, мислиме дека правењето прекрасни нешта ќе придонесе да се чувствуваме подобро од луѓето кои не го прават тоа; всушност, ќе придонесе да се чувствуваме полошо.

Авторите сметаат дека тоа можеби е така затоа што задоволството од невообичаеното искуство исчезнува брзо, но неможноста да се вклопиме затоа што не споделуваме искуства со нашите современици – барем и некое одвратно искуство – останува.

„Карактеристиката на несоцијалните задоволства – без разлика дали се работи студениот допир на Дом Перињон или жестокото р’жење на ново Мазерати – е дека луѓето брзо се адаптираат на нив, а таквите искуства се најдобри кога се нови или ретки,“ пишуваат Куни и останатите автори, Даниел Гилберт од Харвард и Тимоти Вилсон од Универзитетот во Вирџинија. „Социјалните задоволства имаат различна привлечност. Луѓето копнеат за прифаќање, припадност и другарство, а карактеристика на овие задоволства е дека тие се поблиски до оние кои се вклопуваат, отколку до оние кои се одвојуваат.“

Во меѓувреме, луѓето кои доживеале несекојдневни искуства имале „малку заеднички нешта“ со оние кои не доживеале нешто такво, и комбинацијата која е резултат на несекојдневност, љубомора и абнормалност, била причина луѓето кои доживеале несекојдневни искуства да се чувствуваат напуштено. Со други зборови, мора да бидете во центарот на случувањата. Сепак, очигледно е дека не можеме да ја предвидиме социјалната отфрленост која може да се појави кога нашите познаници ќе ги почестиме со приказни од нашите патувања во Нов Зеланд.

Тогаш, како сето тоа може да се поврзе со едно претходно истражување кое покажува дека треба да трошиме пари на искуства, а не на предмети? Тоа не значи дека воопшто не треба да бараме нови нешта. Куни сугерира дека студијата само треба да ги охрабри луѓето „да погледнат пред да скокнат. Кога избираме какви искуства ќе имаме, (тоа покажува дека) ние само размислуваме за добивката, а не за социјалната цена.“

Исто така, студијата не треба да се сфати како критика на авантурите, туку како одбрана на славењето на секојдневноста.

Наодите се повторија во уште една неодамнешна психолошка студија објавена во Psychological Science, според која споделувањето искуства – дури и со непознати – влијае луѓето да ги оценат овие искуства како поинтензивни, отколку оние кои самите ги искусиле. Во тој експеримент, студентите се изјасниле дека повеќе им се допаднало кога заедно јаделе седумдесет процентно темно чоколадо со друг учесник во студијата. На овие учесници чоколадото им било „повкусно“, отколку на оние што го јаделе сами. Ова важи и за негативните искуства: Оние кои јаделе деведесет процентно темно чоколадо – што се покажало како непријатно искуство во пред-тестот – го оцениле како помалку вкусно кога го јаделе во исто време со некој друг.

„Кога луѓето размислуваат за споделувањето искуства, она што вообичаено им паѓа на ум е да бидат со блиските, пријателите или семејството, и да разговараат со нив,“ изјави Ерика Бутби, автор на студијата. „Ние не сфаќаме колкаво е влијанието на другите луѓе врз нас.

Студиите покажуваат зошто луѓето се поврзуваат преку страшните приказни од првите состаноци или непријатните спомени од средно училиште. Или, зошто по враќањето од одмор на пријателите им раскажуваме за неспособните туристички водичи или невкусниот хотелски појадок, наместо да им раскажуваме за прекрасните места каде што сме биле. Во социјалната интеракција, луѓето се стремат кон хуманост, а не кон впечатливост. Изгледа дека е поважно да се биде сфатен, отколку да се искуси нешто.

Извор: http://www.theatlantic.com

 

ОкоБоли главаВицФото