Ајде!

25.12.2014 12:32
Ајде!

Еве како го доживеав иницирањето на оваа граѓанска платформа со цел ПОЛИТИКАТА КАЈ ГРАЃАНИТЕ.

Нека остане запишано:

На #Ајде! имаше интензивно споделување енергија. Имаше и симболика во местото и начинот, па и во датумот. Имаше симболика и во 123-те столчиња кои сами си ги носевме, а и во токму толкавиот број луѓе сплотени и артикулирани во еден глас што викаат – Ајде, доста е веќе(!) и во тоа имаше симболика. Да се разбереме едно нешто, она што се случи на 23 декември е само иницијација.

„Ајде!“ е име што не е кратенка од банални референци, туку е самата по себе повик за делување, за демократска акција.

Се случи „Ајде!“. Се случи она што требаше да се случи оној пат, онаа година, кога ги набркаа на клоци избраниците од опозицијата од нивните работни места, или оној пат кога видоа дека од Отпорот не бидува ништо (зашто некој од внатре силно го поткопувал), дека овие другиве се глуви, дека се ѓонови, дека ништо не ги допира, дека народот е во грч исплашен и му треба нешто да го поткрене, а тоа да е инвентивно и пред сè искрено. Тогаш, набрканите пратеници требаше со столчињата од дома на грб да се нацртаат пред Собранието на Р. Македонија и од тука да продолжат да дебатираат, тука да им работат комисиите и сите партиски тела да ги префрлат пред Собрание. Да се скрстат на булеварот со шалови и ракавици, да јадат тоа што ќе им донесе народот и од тука и така да ја заработат платата. „Ајде!“ се случи сега, а требаше да се случи оној пат после последната лакрдија со изборите, па и тогаш требаше опозициските пратеници да се нагрбелат со столчињата пред Собранието на Македонија (не внатре во дувлото), и од тука да го прават она истото што го предлагам погоре. И тоа да трае, и да трае… и конечно да си ја заслужат пратеничката плата што и ден денес ја земаат, а не ја сработуваат. Па така и тогаш народот да почне да се идентификува со нив и нивната борба. Но не, тие одбраа да слават во Старо-новиот театар, па со тоа да ја преминат непреминливата граница што се вика „Скопје 2014-та“, одбраа да ја темпираат бомбата и се надеваат на некаков ексклузивитет, на некаков спектакуларен драматичен пресврт. А пресврт во оваа констелација на медиумски и институционални сили многу тешко може да направи сама една врхушка, па колку таа и да е искрена во намерата. Ајде сега да не навлегувам во тоа, оти ми се креваат сафрите од сите погрешни методи, курци и луѓе… и кои погрешни потези истите ги правеле до сега.

Сега, време е на нас.

Фотографија: Томислав Георгиев

Aјде да не бидеме неми посматрачи. Ајде заедно да ја изградиме оваа граѓанска платформа која вели – политиката кај граѓаните. Ајде да не ги оставиме овие што владеат да ни ја раскурцаат до крај државата, а овие другиве да не ги оставиме раат да дишат. Ајде да им покажеме на оние вазални ешалони дека она од што треба да се плашат сме НИЕ – граѓаните. Ајде да покажеме дека ние сме совеста на оваа земја и дека нема да останеме настрана од ова што ни го прават. Ајде да се избориме за демократија, за она што е наше, што ни припаѓа. Ајде да покажеме дека нè има, дека сме многу и дека не можат да постигнат сите да не заокружат. Ајде да им покажеме дека ни е грдо, дека не нè оставаат да се реализираме, дека нè гушат. Ајде да им докажеме дека знаеме дека знаат и дека знаеме дека ни се плашат, па затоа се обидуваат да нè поделат, да нè етикетираат како елитисти, соросоиди, дежурни протестирачи, вакви-такви платеници… Ајде нека видат дека не сме виртуелни ликови скриени позади тастатурите. Ајде да излеземе и да им се покажеме и да им докажеме дека не им се плашиме, дека доста ни е веќе од нив. Оваа диктатура конечно почна да се клати, а тоа не го направија пратениците од опозицијата со нивното не/делување, ниту лидерите на опозицијата, туку граѓаните и пред сè оние чисти наши деца – студентите. Тие се оние кои ја затресоа оваа моќна машинерија што повеќе од осум години на овој или оној начин продуцира страв. Тие им порачаа на владетелите: Доста беше молк!

Ајде сите да се сплотиме, да се солидаризираме и да не им молчиме, луѓе мои…

Ајде!

Приклучете се на официјална Фејсбук страна на АЈДЕ! 

Во прилог и прогласот:

 

ОкоБоли главаВицФото