Професорите се тие кои ги испрашуваат кецарошчињата од власта, а не обратно

30.12.2014 12:25
Професорите се тие кои ги испрашуваат кецарошчињата од власта, а не обратно

Всушност, со ова, владата признава дека донела противуставни промени.

Да драги мои, тоа прават кецарошите. Кога не знаат нешто, тие почнуваат да зборуваат за болната мајка, починатата баба, автобусот што касни, комшијата кој ждрига и спремни се да зборуваат за сè, само да не одговараат на поставеното прашање.

А прашањето е: зошто власта си дозволува негирање на автономијата на Универзтетот и со тоа отворено кршење на Уставот на Република Македонија, односно загрозување на нејзиниот уставен поредок?

Наместо да одговорат на поставеното прашање, кецарошчињата од власта сакаат да нè вовлечат во нивната игра без ум и разум, без правила и ред. Сакаат да нè внесат во затворениот круг на себедокажување во кое ќе заборавиме кој бил всушност оној кој требало да одговара.

Што мислите, што ќе се случи ако им наведам труд објавен во списание со импакт фактор (кој лично не го признавам како мерило на мојата стручност, исто како што не го признаваат ниту професорите во Европа и во светот) Ќе речат: е, ама само едно. Ако дадам две, ќе кажат: само две. Ако дадам три, ќе кажат: ааа, ама не се во последните 5 години. Ако дадам од последните 5 години ќе кажат: а во последните две? И така натаму и во бескрај.

Затоа, да се разбереме.

Професорите се тие кои ја контролираат власта (како граѓани и како професионалци и стручњаци), а не власта професорите. Разбирате?

Професорите се тие кои ги испрашуваат кецарошчињата од власта, а не обратно.

Професорте создаваат систем на евалуација на власта, а не обратно.

За да станеш пратеник, министер или премиер не се бараат никакви квалификации, не се бараат никакви проверки, не се бара никаква професионалност, не се бара знаење, не се бара стручност.

Професорот е стручњак во одредена област кој станал стручњак следејки соодветна процедура, стандарди и проверки од страна на професионалци од неговата област. Се разбира, не зборувам за новокомпонраните професори кои ги отвораат сите врати со партиската книшка.

Заради ова, мислам дека засилениот и раширен напад врз професорите е со цел да се сврти вниманието од прашањето кое не можат (или не смеат ) да го одговорат.

И, да, постигнаа нешто многу страшно. Од овој момент го поддржувам секое здружување на професорите, па и она во кое е вклучена Ванковска.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Свирачиња