Сѐ уште го посетувам стариот крај

15.02.2015 14:20
Сѐ уште го посетувам стариот крај

Сѐ уште го посетувам мојот роден град
Го обиколувам старото маало и домот во кој живеев кратко
Сето тоа го нема, веќе одамна го заменија други згради
поинакви улици и други луѓе, но живо е, тука, во моето сеќавање

Ги гледам мајка ми и татко ми, се гледам себе си
Ги гледам, прават сѐ за јас да се смеам
Да ми ги олеснат болките што ме следеа од најмали нозе
Ме галеа, ме бакнуваа, ме носеа на плажа

Сѐ уште го посетувам стариот крај
Седам на крајот од улицата и ги гледам поколенијата како се нижат
Седнувам, тивко и невидливо
до внуците на моите другарчиња од старото маало

И не заборавам да појдам на гости
кај внуците на министерот и неговите пријатели
Да видам како живеат нивните потомоци
да ги допрам нивните чисти, миризливи коси
да прејдам со мојата рака преку нивните топли обравчиња

Има некој темен облак во нивните домови, во нивните животи
Има некоја сенка што лебди насекаде околу нив
се вовлекува во нивните постели
седи со нив на нивната трпеза
ги посетува во нивните соништа

Тивка како здив
Студена како сабја
Тешка како планина
Тоа е сенката на министерот и неговите пријатели

Сѐ уште го посетувам стариот крај во кој бев родена пред 109 години
Моето име е Тамара и сѐ уште го посетувам стариот крај
и внуците на министерот и неговите пријатели

(13.02.2015)

ОкоБоли главаВицФото