Исчезнатиот Ѓ.И. откриен во Швајцарија

04.03.2015 10:27
Исчезнатиот Ѓ.И. откриен во Швајцарија

Во Женева вчера беше пронајден изгубениот Ѓ.И., анонимус познат и како Хорхе, кој јавно се претставува како претседател на Република Македонија, функција на која беше избран од неговиот шеф, премиерот Н.Г., на предвремени избори - предвреме и наместени и непризнати од еден владин партнер и уште од еден милион гласачи - приватно познат како мајстор за поправка на многу апарати, освен на државниот. Последен пат беше виден в пелагониско негде в некое село, во прилог за поплавата нарачан и емитуван на каналите затрупани од куртон-вести. Откако пукна првата бомба со прислушувањето, му се изгуби секаква трага и глас. Јавноста почна да го повикува - иако знае дека тој не реагира по допрен глас, што не е началнички - убедена дека треба да се јави, без разлика што е претседател и што државата - државата пред сè - сега е во најголемата безбедносна и политичка криза во историјата. Ризикувајќи тој да го каже тоа што го знае: да ги поддржи тие што сега се закануваат со ликвидации, а другите да ги проколне до седмо колено.

Значи, лицето кое го изгуби образот, како што граѓаните на неговата (?) земја ги изгубија човековите права во неговиот и во мандатот на неговиот шеф, се најде во Швајцарија за да се „обрати“ на т.н. Сегмент на високо ниво на Советот за човекови права на Обединетите нации. Каква иронија на судбината! На нашата.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња