Комуњарите или непобедените

07.03.2015 13:08
Комуњарите или непобедените

Се изнаслушавме во изминативе недели многу грдотии, пцости, нагласени емоционални и мисловни регистри обоени со омраза, презир и закана, а кои го уриваат достоинството на човекот како разумно мислечко битие, кои реферираат на сенешто, и особено се однесуваат на комунистите, или како што најчесто ги нарекуваат „комуњарите“. Овој ужасен пежоративен јазичен гест, секогаш будел вознемиреност кај мене, не за друго туку заради шумот во аргументацијата која би го објаснила нивото на омраза и презир при употребата на оваа јазична кованица.

Само да потсетам: комунисти се оние кои храбро застанаа во антифашистичката борба, и кои ги дадоа своите животи за да имаме државност, институции, автономно образование, култура, јазик, политичка автономија, слобода, правда, еднаквост. Многумина од нив се погребани на „Могилата на непобедените“, во Прилеп. Многумина од нив беа млади, онолку млади (а и помлади) колку и оние кои сега ги мразат и презираат, неодговорно користејќи го зборот „комуњари“ за сенешто, без ронка знаење и почит кон суштествениот идеолошки предзнак на комунизмот. Заборавот и фингирањето на значењата и историјата се моторот на нивната омраза.

Еве, еден од тие комунисти, кои со погрдното користење и контекстуализирање на зборот комунист преточен во комуњар, се пцуени и презрени е и генералот Тодор Атанасовски. И? Што правиме сега? Има ли „генерали“ и „командати“ помеѓу оние заседнати во нелегитимно и насилно избраната и киднапирана влада, достојни на комунистите како генералот Тодор Атансовски? Генералот Апостолски? Некој јунак ќе се јави ли налик на Мирче Ацев, Борка Талески, Кузман Јосифовски Питу, Перо Тиквар, Вера Циривири Трена, Вера Ацева, Крсте Црвенковски, Веселинка Малинска... Ченто... (да нема забуни – Ченто беше комунист... оние кои го затворија и убија не беа комунисти, односно беа комунисти исто колку што и овие се патриоти! Тие беа налик на овие луѓе кои сега се нарекуваат власт, крвожедни за моќ и полни со омраза).

Дали овие бескрупулозни деца знаат што значи комунистичкото движење во светот, кои се неговите хоризонтални и вертикални значенски вредности? Кого тие го навредуваат и го презираат и понижуваат? Кои се идеолошките предзнаци кои сакаат „да ги сотрат“?

Овие деца немаат ронка капацитет за критичко мислење. Само омраза и гнев... Но белким ќе пораснат, ќе разберат еден ден... белким ќе имаат капацитет да го согледаат морето на тагата кое го создадоа од солзите на својот народ кој бескрајно го повредија...

Извор: Фејсбук профилот на авторката