Сега си силен, но зад аголот те чека сенката на „слабиот“

05.05.2015 01:38
Сега си силен, но зад аголот те чека сенката на „слабиот“

„Секој човек знае дека е појак од некои околу него и дека е послаб од некои други… дека живеејќи сам во состојба на целосна анархија, би бил камшик за послабите или жртва за посилните, и би живеел во постојан страв. Токму затоа во секое општество, дури и во најсуровото, повеќето луѓе сфаќаат дека во еден миг мора да се откажат од теророт кој им го приредуваат на другите, на „послабите“, бидејќи кога-тогаш, тие ќе сфатат дека постојат посилни од нив“, вели Роберто Еспозито, италијански филозоф. Е сега, да видиме што вели Никола Груевски, македонски премиер, архитект, магистер, иден доктор, примерен студент, музеолог, археолог, судија, адвокат, полицаец, урбанист:

„Клучно е што математиката го развива мозокот, ја развива логиката, рационалното размислување, или народно кажано, ги развива виугите на секој млад човек. А мозоците се нашиот најсилен ресурс, кој не се троши, туку се развива. На крајот на краиштата, некој ќе научи и повеќе, а некој ќе научи и помалку. И не е важно кој колку ќе научи, важно е обидот, важно е фокусот, важно е човек да се обидува да научи затоа што на тој начин се развиваат когнитивните функции на мозокот“, рече Никола и остана сѐ уште жив.

Но доколку се осврнеме на она што го вели Еспозито, тогаш треба да му порачаме на Груевски: о, ти (на)силнику што сееш тегобност низ телата на оние кои се посилни од тебе а кои ти ги обезмоќи, растерај ја маглата од својот заматен мозок и сфати дека ниту една математика нема да ти помогне кога ќе го слушнеш заедничкиот крик на оние што ги рани толку многу, на оние што мислиш дека се послаби од тебе, оти не ги положиле тестовите за твојата алаш-вериш математика, ама ги научиле лекциите за слободата, за заедницата, за чесноста, за борбеноста, за доблесноста! О, ти лажен месијански демо-христијански гласу, разбуди се од празнината на твојата самозаљубена реторика, и сфати дека наскоро само прав ќе остане од сите твои зборови, а не само децата, туку и сите ние ќе полагаме тестови во кои ќе треба да го покажеме своето знаење за тоа како еден „мал диктатор“ ни ги уништил минатото, сегашноста и иднината. О, ти исплашен човеку, стуткај се и заплачи над тагата што ја расеа врз својата земја. оти сега си силен, но зад аголот те чека сенката на „слабиот.“

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Александар Јосифовски