Разговори со студентите од архитектонските школи (5)

16.03.2015 13:12
Разговори со студентите од архитектонските школи (5)

8.

Веќе располагаме со доволно ноти за создавање симфонија: ги имаме законот на сонцето, локацијата, топографијата, размерот на зданието, надворешната циркулација која упатува на намената на зградата, внатрешната циркулација кај која неброени модерни технолошки ресурси се здружени со некои од најтрадиционалните методи на работа; најпосле, имаме примена на нови материјали, како и оние кои се користат од памтивек...

Било да станува збор за обична викендичка или џиновска палата, хидроцентрала или фабрика - предизвикот за нашата фантазија е ист. Никаде во земјата нема градба која би смееле да ја гледаме рамнодушно. Секоја е значајна по нешто, секоја има своја намена и секоја е делумно одговорна поради тоа што ја прави оваа земја поубава или погрда.

Секоја нешто само по себе е целина, а повторно е и делче од нешто поголемо. Татковината се гради со воспоставување на хармоничен однос помеѓу природата и делата од човечка рака. Чекор по чекор, од една улица кон друга, од еден град кон следниот... Зошто би имало какви било прекини во таа магија која ја чувствуваме секој пат кога со крајна посветеност пристапуваме кон градење нови објекти?

9.

Зборував за хармонијата и ја споменав можноста за нагло прекинување на магијата во која со право уживаме. Тоа е музичка терминологија... И навистина, архитектурата и музиката се сестри, зашто двете воспоставуваат размери на времето и просторот. Пропорциите се орудие со чие посредство во нас настанува чувството на магија. Тие се толку нераскинливо поврзани со чувствата што во својата најсовршена форма се доближуваат до езотеријата, јазикот на боговите. Чувствата кои во нас ги буди архитектурата се условени од растојанијата, димензиите, висината, зафатнината: математиката ни нуди клуч за постигнување целовитост, и со неа, во крајниот исход, ќе се проценува успехот на нашето дело.

Дали ќе ми верувате? Тој клуч на архитектурата, пропорцијата, е изгубен и заборавен. Таа пропорција, која во некои историски периоди била величана и сметана за клуч на сите тајни, денес повеќе никој и не ја спомнува, на неа се оглушуваат, сосема ја тргнаа од умот. Ете до каде стигнавме.

Како првенствено визуелна функција (најпосле, станува збор за објекти кои ги проценуваме со поглед), пропорцијата може да поприми метафизички својства, поврзувајќи го материјалното со духовното. Иако секогаш постои опасност таа да се претвори во обична играрија за безделниците, доколку му дадеме предност на визуелниот елемент, многу потешко ќе дојде до тоа.

Повторно ве потсетувам на оној човек кој седи на маса: стана и прошета низ сите простории во станот. Тој го наслушува говорот на сите предмети околу себе, своите другари, сведоци на најличните желби. Распоредени по неговиот стан како некакви убави мисли, тие му говорат додека минува покрај нив - покрај мебелот, ѕидовите, отворите кон надворешниот свет - премерувајќи го со чекорите гнездото во кое минал минути, часови, денови и години од својот живот.

Ќе забележите дека ниту еднаш не ја споменавме фасадата, тој збор од кој направија основа на вашите студии и кој толку често претставува параван за направените грешки. Не - овде се занимаваме со битието изнедрено од вашите мисли, битие кое располага со душа и кое ни се прикажува ненападно, само преку оние површини кои го раздвојуваат од надворешниот свет, лишено од шминка, онакво какво што навистина е... Цврстите ѕидови со отвори за прозорци од дамнина ја сочинувале основата на секоја куќа или колиба... сè додека не се појавија архитектонските школи со своите дипломи со кои го наградуваат незнаењето.

10.

Петтиот Конгрес на CIAM одржан во Париз 1937 беше посветен на изнаоѓањето архитектонски решенија за стан достоен за човекот.

Како требаше да се изгради?

Со разоткривање на структурата или со нејзино прикривање? Кога зборувам за „прикривање“ не мислам на нејзино омаловажување - баш напротив. Елементите на структурата треба да се афирмираат и да се изнесат на виделина, да се направи од таквото определување основен постулат на нашата архитектура.

Дали ќе ги направиме столбовите видливи или не (независно од нивната улога во носењето на товарот на зградата), е работа на лично чувство за естеика и околу тоа не би требало да се расправаме. Можеме да одиме од една крајност во друга, при што само ќе стекнеме увид во широкиот дијапазон на крајно разнолики решенија. Доколку сте склони кон ситни препукувања, оваа тематика ќе ви понуди исклучително плодно тло за нив. Но, прашањето со кое денес се занимаваме е далеку посериозно: „Каква е природата на нештата кои имаме намера да ги градиме?“. Здравиот разум, кој мора да си го најде своето место во структурите на системот, подлежи на истите законитости на кои почива и нашата програма искажана во плановите и пресеците. За судбината на архитектурата не одлучува расправата за поединечните аспекти, туку за нејзината суштина.

11.

Пред малку, во жарот на расправата за креативноста, можевте да ме слушнете како се повикувам на минатото - минатото кое отсекогаш ми било единствен учител и ми остана најдобар советник.

Секој разумен човек кој ќе се упати во неистражените области на архитектонската дејност мора да најде упориште за своето вдахновение во лекциите од изминатите векови. Сведоштвата кои времето ги поштедило имаат трајна човечка вредност. Тоа наше културно наследство можеме да го наречеме фолклор - поим со кој го означуваме она најдоброто во креативниот дух на народната традиција, традиција со која е опфатено сè, од живеалиштата за луѓето до живеалиштата на боговите. Она најдоброто во креативниот дух е токму синџирот на традициите кои го обликувале тој дух и чијшто секоја алка не е ништо друго освен едно дело, дело кое своевремено претставувало иновација, а често и револуционерен придонес за културата. Историјата, која се потпира на камени меѓници, ги сочувала само тие вредни сведоштва; имитациите, плагијатите и делата настанати како плод на компромис се надминати, заборевени или уништени.

Почитувањето на минатото е одраз на синовски став, својствен на секој творец: секој син чувствува љубов и почитување кон својот татко.

Се посветив на изучување на фолклорот од раната младост. Во позрелите години вложив многу труд за да ја спасам чудесната алжирска цитадела која сакаа да ја уништат под изговор дека служи како скривалиште на многу жестоки момци; во друга прилика успеав да ја спасам старото марсејско пристаниште кое отсекот за друмски сообраќај сакаше прекутрупа да го претвори во голема клучка на сите автопатишта на југот на земјата. Најпосле, тука е и примерот на старото градско јадро на Барселона, каде ја искористив можноста да укажам на значењето на зачувување на историското наследство на нашите градови. Меѓутоа, сето тоа не ги спречи моите критичари да ме обвинат дека систематски работам на уништување на минатото!

12.

Споменатото почитување, љубовта и одушевувањето никако не би требало да се помешаат со дрскоста и негрижата на оние татини синови кои одлучиле да се поштедат себеси од поголеми напори, продавајќи им ги на наивните купувачи делата на своите предци. Благодарение на таа жалосна капитулација на интелектот, од оваа земја сè уште бара да се облекува во фолклорни партали. Куп плашливи, бедни и „ништи духом“ сонуваат за тоа, и веќе се спремаат градовите и селата - целата земја - да ги прекријат со својата лажлива архитектура. Солон строго ги казнувал таквите злосторства.

Имав 23 години кога по пет месеци патување, најпосле се најдoв пред атинскиот Партенон. Неговото „чело“ стоеше исправено, но бочната страна на храмот беше урната. Столбовите и деловите на главниот венец, разнесени од експлозијата на барутот кој Турците го чувале во внатрешноста на храмот, сега лежеа расфрлани по земјата. Со недели смерно, грижливо и занесено преминував преку тие камења кои, одново поставени на местото каде некогаш стоеле, оддаваа најубави созвучја кои можат да се замислат: звук на труба од никаде, вистината на боговите! Допирот е друг тип гледање. Скулптурата и архитектурата можат да се милуваат кога формата им е толку вешто вообличена што сама ја води раката.

Се вратив на Запад. Откако претходно ги обиколив Неапол и Рим, каде ги видов славните „архитектонски стилови“ кои на сомнителен начин ја отсликуваат онаа вистина која ја спознав на Акропол, ќе сфатите дека просто не можев да го прифатам „учењето на Вињола“. Тој Вињола! И зошто баш Вињола? Каков е тоа договор со ѓаволот чии одредби сè уште го врзуваат модерното општество за Вињола? Ги истражив бездните на академизмот. Не смееме да се залажуваме: академизмот е начин на не-размислување кој им одговара на многумина - на сите оние кои се плашат од напорната креативна работа, без разлика колку радост подоцна може да донесат нејзините плодови.

13.

Но, Вињола не е фолклор. Поради сè поголемото присуство на челикот и армираниот бетон, како и поради неумоливиот пораз на идеите на Вињола, фолклорот денес се претвори во алтернативно оружје кое поединци очигледно сакаат да го употребат против истиот тој челик и бетон чија победа веќе делува извесна.

Изучувањето на фолклорот не ни нуди некои волшебни формули за решавање на проблемите на современата архитектура. Тоа на присен начин нè запознава со основните, природни потреби на човекот, предочени преку решенијата кои одолеале на забот на времето. Фолклорот ни покажува „гол човек“ кој се облекува, се снабдува со орудија и предмети, прави соби и куќа, задоволувајќи ги нужните потреби на разумен начин и обезбедувајќи го оној вишок кој ќе му овозможи да ужива во материјалната и духовната благосостојба.

Сето тоа е испробувано и проверувано со векови, така што остава впечаток на целовитост и совршена ускладеност со законите на одредена локација и клима.

После локомотивата се појавија нови средства за брз превоз. Целиот свет се преврти наопаку. Сто години стравотија и восхит, поробување и освојување на слободата! Од нас денес се очекува да стекнеме јасен увид во збиднувањата и да изнајдеме решенија; во овие бурни времиња, преполни со настани кои се извлекуваат од човечка контрола, на нас останува да ги откриеме размерите кои единствено се во состојба да излезат на крај со неумереноста како корен на секое зло. Фолклорот овде ни нуди поетски излез, можност да ѝ подариме чувства на земјата и да го изразиме креативниот инстинкт. Фолклорот, како најдобар дел, или цвет на традицијата... Цвет... Под „цвет“ подразбирам процут, ширење на новите идеи... Немам намера да ве наведам да ги подражавате цветните мотиви на сликите, скулптурите, плетилата или керамиката... Фолклорот е предмет на изучување, а не нешто што би требало да се експлоатира.

Изучувањето на фолклорот е поучно. Нашите високи школи би направиле далеку попаметна работа кога би ги испратиле студентите во француските села, а не во Рим. Ослободени од римските стеги, црпејќи ги животните сокови од родната земја, вооружени со орудијата на модерната технологија, архитектите тогаш би ги здружиле силите во настојување да создадат нов фолклор. Тоа е главната задача која им претстои на луѓето од оваа машинска цивилизација.

По тоа прашање сосема се согласувам со конзерваторот од Националнот етнографски музеј Жорж-Анри Ривиер (Georges-Henri Rivière) и Урбен Касан (Urbain Cassan). Тие двајца, со група млади архитекти, ревносно собираат артефакти од сите краеви на земјата за да им овозможат на заинтересираните лица увид во целата слика. Додека повеќето луѓе се предаваат на малодушност и очај, во исчекување на денот кога машинската цивилизиација и самата ќе изгради сопствена култура, тие настојуваат на стручен начин да попишат и архивираат сè што е подложно на исчезнување и што може да биде сомелено од зазбивтаните тркала на прогресот.

Младите луѓе посветени на таа задача вредна за пофалба по пат се образуваат и стекнуваат непроценливи знаења. Подобро некогаш отколку никогаш!

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел

Извор: Entretien avec les étudiants des écoles d'architecture, 1957.

На сликите: Проект на Корбизје за Палатата на Советите (1928)