Горде и Зоки формираа Министерски пленум

02.04.2015 13:21
Горде и Зоки формираа Министерски пленум

Скопје, 2 април 2015

Министрите за внатрешни работи и за финансии Горде и Зоки денеска формираа Министерски пленум. По примерот на студентите, средношколците, професорите, новинарите… и министрите се одлучија на ваков чекор со образложение дека „само тоа проаѓа кај премиерот“. Првиот чекор на Министерскиот пленум ќе биде отворено писмо до Никола Груевски со работен наслов „Не сакаме да одиме во затвор“.

„Ние како министри сме правеле разни работи овие изминати години. Иако повеќето биле според Уставот и законите, и за доброто на народот, можно е да има и работи кои не се такви. Зошто сега да се правиме наудрени дека не е така, а утре да си ја чукаме главата со камен од близу, кога може елегантно да се реши се со една амнестија и со мирна глава да продолжиме да остваруваме“, велат од Министерскиот пленум.

Засега членови се Горде, Зоки и Миле, но се очекува да се приклучат и други. Тие сакале да го поканат и потпретседателот Владимир Пешевски, но синоќа тој со својот оркестар бил пред зградата на Горде и под прозорец ѝ ја испеал песната од Миле Кузмановски „Не кани ме“.

Извор: kozanostra.net