Што ќе прават режимските ѕвезди за Нова година?

31.12.2015 16:06
Што ќе прават режимските ѕвезди за Нова година?

Ексклузивно за Пара вести, Никола Груевски, Зоран Ставревски, Сашо Мијалков, Али Ахмети, Гордана Јанкуловска и другите режимски ѕвезди ги откриваат своите новогодишни планови.

Од правење ненормални работи, до посета на циркусот „Медрано“, пиење Кока-кола, преку преземање фирми, вселенски туризам и откривање заговори, проверете што ќе прават режимлиите!

Никола Груевски: Народот ќе одлучи дали доаѓа 2016-та

Можеби вие сте навикнати дека по крајот на календарската година доаѓа наредната, но никој нема право да го констатира тоа сè додека народот сам не одлучи дека е тоа така. Нашиот народ гледа сè и знае самостојно да процени дали навистина доаѓа новата 2016-та година. Нема бегање од народната волја.

Ѓорге Иванов: Не можам да ви објаснувам што е Нова година, сфатете ја

Нова година си Нова година, не можам сега да ви објаснувам, сфатете ја! Вие сте новинари и треба да знаете каде ќе славам!

Зоран Ставревски: Најлудата ноќ ќе ја поминам со лудаци

Јас сум во друштво на лудаци и секогаш тоа што го правиме не е нормално. Така и оваа ноќ, ќе лудуваме, ко да сме изгубиле контакт со реалноста. На новогодишното мени ќе има и чоколадо, но без леб. Ќе му пишам и новогодишна честитка на премиерот, иако ми доаѓа да му го треснам телефонот од глава.

Сашо Мијалков: Скромно, во кругот на преземените фирми

Не се палам на преземени фирми, само на моето маче, ама оваа Нова година ќе ја поминам во кругот на најдрагите компании, планирајќи кои следни да ги преземам. Вмровска работа!

Али Ахмети: Во скутот на коалициониот партнер

Не сум многу по празниците, откако сум на власт секој ден ми е празник. Ама ете, ред е да се одбележи. Кога веќе мора некаде, одам кај што ми е најудобно – во скутот на коалициониот партнер. Ќе има тендер-парти, треба да биде весело.

Гордана Јанкуловска: Човече по човече за уши ќе ги влечам на прослава

Во мое друштво јас сум главна и ќе се слави кај што ќе кажам јас! Никој не смее да писне, човече по човече за уши ќе ги влечам на прослава, најверојатно во циркус „Медрано“.

Мендух Тачи: Кај што слави ВМРО, таму славам и јас, до смрт!

Уште не ми јавиле од ВМРО-ДПМНЕ каде ќе слават. Ќе почекам да ми кажат, па и јас ќе славам таму со нив, до смрт!

Мирка Велиновска: Руската салата е американски заговор!

Нашите наивни граѓани, изманипулирани од соросоидите, експертутките, корисните кулинарски идиоти, масоните, вонземјаните итн. ќе ја поминат новата година со руска салата на менито. Мртви ладни ќе ја мезат со кифлички, без да знаат дека всушност станува збор за американски заговор за уништување на Македонија. Ако си ја сакате татковината, не подлегнувајте на такви финти! Повеќе ќе ви објаснам во најновата колумна.

Миленко Неделковски: Ќе ловам chemtrails од огномети

Сте се прашале ли некогаш какви состојки навистина испуштаат оние шарени, разнобојни огномети? Кој стои зад тоа? Зошто огномет баш во Македонија? Никој не се осмелил да ги постави тие прашања во македонските медиуми. Нашиот народ заслужува одговори и јас со моите пријатели од целиот свет ќе истражувам што се крие зад оние chemtrails од новогодишните огномети.

Коце Трајановски: Го направив градов бонбона, не знам кај да славам попрво

Без лажна скромност, мислам дека го направив градов бонбона, просто човек не знае каде попрво да слави. Еве, дури и јас се мислам дали да ја дочекам Новата година во катната гаража „Солунски конгрес“, кружниот тек кај Католичка црква, под Триумфалната порта, кај некоја од новопоставените барокни сендвичари или на пенушката од некое исечено дрво.

Силвана Бонева: Ќе одам на Марс, Собранието ми ги покри патните трошоци

Новата година ќе ја поминам на Марс, како прв вселенски турист во Македонија. Со компанијата „Свемир-турс“ се договоривме да ми издадат сметкопотврда, за да може Собранието да ми ги покрие патните трошоци. Мислам дека добив поволен аранжман, што ќе го пријавам како работна посета.

Влатко Ѓорчев: Ааа, за Нова година прашувате...

„Водиме во Карбинци, Ново Село, Крива Паланка, Добрејци, Кривогаштани... Водиме во Пробиштип, во Гази Баба, во Илинден... водиме во... Аааа, за Нова година прашувате?“, рече Влатко Ѓорчев и потоа телефонската врска се прекина, па екипата на Пара вести не можеше да го чуе неговиот одговор.

Амди Бајрам: Со Кока-кола

Ја сум увек уз власта. Ама каде и да одам, ќе пијам Кока-кола.

Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото