Медиумската тулумба и нејзините голтачи

15.05.2015 02:44
Медиумската тулумба и нејзините голтачи

Слично на 2011 година кога двете тогаш најмоќни телевизии – А1 и Сител, водеа предизборна психолошко-пропагандна војна, последниве месеци се повторува истото сценарио. Овој пат, судирот меѓу титаните се води во арената наречена социјални мрежи. Веројатно затоа што интернетот е во силен замав, па така, телевизиите и весниците, нешто слично на фиксните телефони, „биперите“, телефаксите и телепринтерите, полека одат во насока на контејнерите за отпадоци. За среќа или за несреќа, тој процес оди доста бавно, така што голем број наши сограѓани сè уште се зависни од „суратли кутиите“, од кои дел нудат сосема тенденциозна, искривена и исчашена слика за нашата реалност. Не случајно еден од најдуховитите коментари кој го имам прочитано во последно време гласи – „Кога гледам Сител, жал ми е за Швајцарците“.

Сериозно сум фрапирана кога во обичен неврзан разговор со пријател или познаник се соочувам со неговата индоктринираност. Со неговата репродукција на виртуелната стварност што ни ја нудат медиумите, а ја нарекувам медиумска реалност. Веројатно некој попоткован од мене во филозофската наука, би ја нарекол уште и симулирана реалност. Притоа, не заборавам дека во секоја војна, прва жртва е вистината.

Следејќи го продлабочувањето на политичката криза во Македонија, пред мои очи и врз мојата свест, преку разни извртувања, спинови, замени на тези и прикривање факти, се случува суров и злосторнички атак врз нашиот здрав разум. Природен нагон на секој нормален човек е да реагира на тоа, да се бунтува и да протестира. Од тие причини, немам никакво разбирање, оправдување или сочувство кон никого кој подлегнал на медиумските лаги. Лагата која безброј пати се повторува не е вистина, туку уште поголема лага, а не може да ја препознае само оној што не сака да ја препознае. Само полтронскиот, поданичкиот и сервилниот мозок. Само таквиот е способен механички да голта сè што ќе му сервираат МРТВ, Сител, Курир, Канал 5 и Вечер, без да се запраша – дали светот што му го нудат е истиот во кој живее.

И затоа, кога денес, утре и сите наредни денови ќе протестирам пред Владата, тоа нема да биде само поради Груевски и неговите прибирци.

Ќе протестирам и против полтроните, кои како глуво семе се намножени во мојата земја. Зашто тие го родија, негуваа и развиваа груевизмот, тие му се восхитуваа и го потхрануваа, тие го забегаа. Истите тие сега го меркаат и Заев и фаќаат позиции за некои идни полтронисувања.

Ќе протестирам и против уплашените и престрашените. Тие кои ѕиркаат низ пенџерињата додека нашите колони минуваат покрај нивните згради и куќи. Истите тие кои по сопствен избор се заробеници на сопствениот кукавички ум, поради кои е и измислена најморонската и најпонижувачката македонска поговорка – наведната глава сабја не сече.

Ќе протестирам и против неутралните, неопределените, сеирџиите и оние кои секогаш „не се оттука“. Нивната пасивност во овие исклучителни, а можеби и судбоносни моменти за мојата држава, за мене е туѓа и неприфатлива.

Длабоко сум убедена дека уривањето на оваа диктаторска и ненародна власт е обврска на секој граѓанин. Не заради Заев и СДСМ, туку заради слободата. Заради студентите кои ја распослаа низ скопските булевари, заради средношколците кои силно ја прегрнаа и заради идните генерации на кои треба да им го оставиме нашето име и презиме.

За да не се срамат од нас, за да не станат полтрони, страшливци и сеирџии, за да не бидат жртви на болната медиумска реалност. За да не бидат предавници на слободата.

Ова го пишувам во пресрет на големиот митинг на опозицијата закажан за 17 мај. Го пишувам со уверување дека мојата држава испишува нова страница во својата понова историја. Стојам зад своите уверувања, затоа што се мои уверувања. Тие се мојата слобода.

Нека ни е со среќа.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Moritz Aust