Рамка

22.06.2015 10:13
Рамка

Се чини дека рамката игра мошне важна улога во македонската политика. Последната средба на лидерите на четирите овдешни партии, на пример, резултираше со дефинирање рамка на функционирањето на идната преодна влада. На претходната средба веројатно се постави рамката за поставување рамка итн. Конечно, најважниот договор во македонската понова историја, Охридскиот, всушност се нарекува Рамковен договор. Внимавајте, не рамковен договор за правата на етничките групи, или за правичната застапеност на етничките групи во администрацијата, или за нова територијална поделба, или за употребата на јазиците и симболите, или за сето тоа заедно, туку, едноставно, Рамковен договор. Не велиме дека оваа ономастичка непрецизност директно влијае врз начинот на кој се спроведува Охридскиот договор (главно, како статистички параметар за партиско полнење на државната администрација), но факт е (или на авторот на овие редови не му е познато) дека ниту еден од големите историски договори (Букурешкиот, Парискиот, Берлинскиот итн.) ја нема придавката „рамковен“ во своето име.

Читателот ќе се запраша зошто инсистираме на овој збор и што, по ѓаволите, е тука спорно, бидејќи рамката, меѓу другото, во преносното значење, означува и граница, поле на делување (дејствување), на работа, на меродавност, на надлежности („да се остане во зададените рамки“). Од друга страна, рамката е само ограничување. Таа може да биде секаква, цврста или слаба, голема или мала, но секогаш е поважно она што се става во рамката. Дури и во архитектурата, односно градежништвото, при изградба на живеалиште, првин се дефинира просторот наменет за прозорци и врати, а потоа се ставаат рамки, во зависност од дефинираниот простор, а не обратно.

Етимолошки гледано, „рамка“ доаѓа од средновековниот горногермански „ram, rame“, што значи „колона“, „рамка“. (Денес рамка на германски е „rahmen“). Во стариот горногермански „rama“ значи „поддршка“. Во прото-германскиот „*ramo“ е „потпирач“, „рамка“. Во германскиот, според лингвистите, овој збор дошол од индо-европскиот глагол „*rem-“, што означува „да се одмориш“, „да потпреш“, „да наместиш“, „да поддржиш“... На пример, во некои варијанти, од истиот корен се изведени зборови за раб и обрабување, како и за корка од леб. Интересно е дека на санскрит „ramate“ е „олеснување“. За македонскиот контекст уште поинтересна е употребата на овој збор во англискиот јазик. „Frame“, кој доаѓа од истиот корен, како и германскиот „rahmen“, освен „рамка“, може да значи и „местење“ или, поточно, „сместување“, па оттука го имате насловот на славниот анимиран филм „Who is Framed Roger Rabbit“ (Кој му го смести на Зајакот Роџер, 1988).

Основното значење на рамка е „направа која опкружува и зацврстува (слика, ѕидно огледало, прозорско стакло, стакла за очила)“. Во преносно значење уште се употребува и за историскиот амбиент или за дадените околности (историски рамки, во црна рамка), но исто така означува и конструкција која содржи муниција и го полни огненото оружје (рамка со девет куршуми).

Во таа смисла, рамката може да биде само помошно средство, само форма, а не и содржина. Со други зборови, многу е ретко првин да се одреди рамката, а потоа да се размислува со каква содржина ќе се полни. А, се чини дека македонските политичари, пред сè оние што седат на преговарачката маса, го прават токму тоа – првин ја утврдуваат рамката, а потоа содржината. Тоа е и основната причина за килавоста на преговорите, како и за сосема дијаметралните перцепции (Ѓорге Иванов) на резултатите од тие преговори. Едноставно, македонските политички водачи го промовираат сфаќањето дека зададените (поставените, дефинираните) рамки можат да се наполнат со каква било содржина, пред сè со онаа која им е курентна во дадениот момент. Или, поинаку кажано, главната поента е кој кому ќе му го смести. Останува само да се види до кој степен нам, на таканаречените суверени на власта, значи на обичните граѓани, ќе ни се смести!

Слични содржини

Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења

ОкоБоли главаВицФото