Поплава

09.02.2015 02:13
Поплава

Покрај другите искушенија, деновиве државата, ете, се соочува и со поплави, секако меѓу најголемите кај нас во последниве децении. Нема некоја особена потреба да се дефинира поплавата, особено не пред оние што таа ги погодила. Но, сепак... поплава е појава кога реките ќе ги изгубат своите брегови. А тоа најчесто се случува поради обилни и поројни дождови и/или топење на големиот снег.

Поплавата се дефинира како природна појава, иако многу често за неа е виновен таканаречениот човечки фактор. Македонија, на пример, има среќа со временските непогоди. Тука не паѓаат ниту големи снегови, а богами ниту долготрајни поројни дождови. Но, сепак, најчесто ретко, иако во некои делови на Полог и околу Кочани речиси секоја година, и во Македонија се појавуваат поплави. Затоа и авторот на овој текст не може да се оттргне од впечатокот дека главно станува збор за човечки фактор. Доволно е во Скопје да врне 20 минути и улиците и подвожниците веќе да бидат непроодни. Тука е и веќе фамозното нечистење на одводните канали кое е редовно оправдување, но не смее да се заборави ниту „заборавањето“ навремено да се преземе нешто во случај на вакви ситуации, особено во денешната ера на метеорологијата. А може да се преземе многу: од брзото поставување на насипи, па сè до правењето сериозни насипи, акумулации, па и кејови (ете, за почеток барем да не се градат онакви барокни монструми на Кејот на Вардар, иако иронично делува изградбата на оние силни галии во непловниот Вардар). Затоа давењето на она несреќно седумгодишно дете од кумановско Никуштак не е само трагедија сама по себе, туку е срам за сите нас – срам што многу тешко (поточно: никако) ќе го испереме од нашите образи. Особено најодговорните, колку и да се прават во мигов недоветни.

Затоа и не верувам премногу во апелите за донирање хуманитарна помош во овој момент. Да, тие сто денари донирани преку СМС пораки (не слушнав дали ќе бидат ослободени од ДДВ, ама сеедно) ќе бидат ублажување на несреќата што ги зафати поплавените подрачја, но нема да бидат решение. И затоа не сакам да се спомнува хуманоста која македонските граѓани ја покажаа лани, за време на поплавите во регионот. Конечно, таму врвните (и богати) спортисти и уметници донираа милиони евра за своите поплавени краишта, а кај нас, ете, тоа го нема. Имено, додека таму власта се занимаваше со таканаречениот PR околу несреќата што ги снајде (популистички или не, сега не е важно), нашата власт се занимава со очекуваните последици од „бомбата“ на Заев и со модусите како да се опстане на власт.

Толку околу народната власт.

Онаа ненародната, комунистичката, по поплавата во Скопје 1962 година и без оглед на катастрофалниот земјотрес следната година, го регулираше коритото на Вардар, го направи Кејот и – поплави веќе немаше. Во тоа едноумие по општините и на централно ниво имаше едно претпријатие (или работна организација, како што велеа тогаш) што се викаше „Водостопанство“ или така некако и кое по мошне прецизен план секоја година по два пати ги чистеше каналите.

И потоа дојде демократијата или како веќе се нарекува она што го живееме денес.

Македонија, како што рековме, има среќа со климата. Затоа, иако има старословенско потекло, зборот „поплава“ е всушност „позајмен“ од околните земји со словенско население. Основата е од прасловенскиот „плави“, што би значело „плива“ или „плови“. Во српскиот и хрватскиот јазик „плавна“ е онаа река што е пловна. А „поплава“ е појава кога реката ќе биде „надпловна“, односно ќе се излее.

Ќе испливаме и ние од овие поплави. Некогаш.