Дозволена брзина

28.07.2015 10:37
Дозволена брзина

Скопјани чувствуваат дека времето за нив стои, работите се одвиваат пребавно, а некои нешта кои не знаат како точно да ги именуваат, им се измолкнуваат и им бегаат сè подалеку, додека не станат безнадежно недостижни. Како инаку да се објаснат сообраќајните знаци во споредните улички на кои со спреј е допишана една цифра пред дозволената брзина, па така таа одеднаш се зголемува, најчесто за 100 километри на час?

Чудно е тоа што истите скопјани не се осмелуваат да ја искористат новата придобивка, па и самите чкртачи што ја зголемиле дозволената брзина на движење од 20 на 120 километри на час не се движат со неа.

Стојам пред еден таков знак, како пред часовник на кој е точна и прецизна единствено кружната форма, ама не и времето што го покажува. Со два прста ја допирам жилата на вратот и си го мерам пулсот. Гледам во знакот како во огледало и знам: нашите ритми никогаш нема да се усогласат, брзините, дозволени и забранети, ќе ни се разидуваат, а времето ќе го мериме со различни единици мерки, дури и тогаш кога бројот на знакот ќе биде идентичен со мојот крвен притисок.

На утринските програми вечно ќе ни препорачуваат да ја прилагодиме брзината на условите на патот. Но како? Насекаде во Скопје има знаци што нè преколнуваат да живееме во недоразбирање и повикуваат на непослушност - кон сообраќајните правила, кон сите закони на светот, кон самите себеси...

(Од циклусот „Изгубените чевли на Скопје“)

Фотографија: Иван Шопов

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото