Догвил

17.03.2010 13:39
dogville.jpg

„Догвил“ е најголемиот филм од првата деценија на 21-от век! Не би рекол дека „Догвил“ е филм за безнадежноста. Тоа е само чесно изговорената дилема на ѓаволот: Дали луѓето ќе дојдат до мојата глава или веќе се претворив во еден од нив?

За да ја објаснам својата искрена фасцинација од „Догвил“, морам да кажам дека јас, во основа, не ги сакам луѓето и не им верувам. Зошто Ларс фон Трир прави филм во соголено студио, со најосновните ознаки на улиците и куќите?

Бидејќи не го интересира материјалното, туку сака преку „формални“ слики, на обдукциската вага да ги стави внатрешните органи на човекот. Сето она што му пречи на тој оглед, Трир го сведува на тривијалност, на мимикрија.

Бидејќи делата се оние кои зборуваат, а не намерите. Зарем помалку опасен е оној убиец што ѕвони на вашата врата од оној што ја крши со ногата? Ѓаволот се крие во малите нешта.

Приказната на хуманоста на луѓето е сместена во некое заборавено гратче во кое живеат „тивки соседи“, „обични луѓе“, и личноста која е во бекство, барајќи засолниште или азил – се претвора во емотивно силување и руинирање на претставата за човекот како некој кој поседува осет за сочувство.

Мала е (никаква) границата меѓу пристојноста и преправањето, хуманоста и користољубивоста, добродетелството и искористувањето, понудата и уцената, помошта и манипулацијата. Оној на кој му треба помош станува роб!

Бидејќи, заблуда е дека нешто се дава без да се очекува нешто за возврат! Во материјалниот свет нема вересија. Само камати. А тие се наплаќаат до крај. До крв, до ропство, ако нема друг начин. Оние кои не се согласуваат со ваквиот став, треба искрено да се запрашаат дали попрво би биле убиец или убиен? Дали би живееле или би умреле?

Кога некој ги оправдува луѓето и нивните постапки, тогаш е на добар пат да стане заложник на илузиите, своевиден слуга, човек што оди на погубување со песна на усните. Да не се залажуваме, така исчезнале цели цивилизации.

Гледајќи го „Догвил“, се прашав: На чија страна сум, всушност, јас? На нејзина (жртвата) или на нивна? Кои се моите мотиви кога љубам, кога требам, кога барам, кога очекувам, кога делувам?

Дури и робинката, на крајот, станува дел од нив (нас) издавајќи наредба да се убие целото гратче. Не го прави тоа во име на космичката или некоја друга правда или праведна казна, туку поради задоволството од одмаздата. Од потребата да им порача: „Јас сум ваша, а вие не ме сакавте. Ете ви го сега!“.

Луѓето го изградија светот по своја мерка, а не по божја. И Догвил и граден така. Како место на кое живеат луѓе знаејќи дека лицата што ги гледаат во огледалата не се нивни. Тоа е нормално, бидејќи нивните намери и побуди од кои потекнува сè не се онакви какви што ги прикажуваат.

Мимикријата (прилагодувањето) како основен опстанок не е нужност туку избор на луѓето. Мотиви? Саможивост! Бескрупулозност! Корист! Тоа свето тројство на хомо сапиенсот кој проодува.

Не би можел да кажам дури ни дека овој филм е песимистички поглед на човечкиот род. „Догвил“ е фотографија одблиску на чудовиштата кои живеат под нашите кожи и излегуваат да се проветрат во миговите кога нашата вистинска природа (нарав) доаѓа во искушение да каже нешто за себе.

Дали некогаш сум ја открил неговата трага гледајќи се себе си на фотографиите? Ако и сум ја открил, не сум констатирал друго „јас“, бидејќи е длабоко во мојата потсвест. Бидејќи тој притаен и кроток ѓавол и јас – отсекогаш сме биле едно.

Само ретки успеваат да се оттргнат (на кратко) од својот сијамски близнак. И за миг стануваат редок вид. Слободни и добри. А потоа – бидуваат казнети. Впрочем, за поголемиот дел од нас смртта е доволна казна. Но нашите чудовишта продолжуваат да живеат низ нашите дела и зборови. Тие се вечни.

Како Ларс фон Трир го постигнува тој егзорцизам? Со бришење на тенката линија меѓу доброто и злото. Со поминувањата на ликовите низ (непостоечките) врати во (непостоечките) куќи на (непостоечките) жители кои наместо души имаат каси за штедење пари во облик на свињчиња.

„Догвил“, стилски гледано, е филмувана театарска драма (како и останатите филмови на Трир, меѓу другото). Со нарација која ништо не објаснува, туку настојува текот на настаните да го прераскаже неутрално, како да им се обраќа на суштества од друга планета.

Авторот ги дроби жанровите и разните уметности за да создаде атмосфера за стриптиз на душата. „Догвил“ е суров. Удира како нож во стомакот. Сугерира дека нема друга страна. Само ние против нас.

На чија страна е Трир? Или можеби верува дека отпадништвото е возможно? Не знам. Но тоа не го менува текот на овој „хорор на хуманоста“. Вистинското прашање гласи: На чија страна е гледачот? Постојат два одговора – дека нема друга страна. А вториот е – дека филмот не ми се допаѓа. Би сакал да можам да го дадам вториот одговор. Ама, не можам.

„Догвил“ е средниот прст на Трир вперен кон човештвото кое ги испроба сите системи, но (во душата) никогаш не се откажа од оној во кој најдобро се чувствува – робовладетелскиот.

Извор: P.U.L.S.E

ОкоБоли главаВицФото