Жолто како минионите

17.08.2015 14:11
Жолто како минионите

Институтот за бои Пантон по три години создаде нова нијанса, а ја нарече Minion Yellow, во чест на малите жолти будалетинки кои ги освоија децата (и возрасните) ширум светот.

 

Малите жолти човечиња прв пат ги запознавме кога Гру се обиде да ја украде месечината. Минионите ја сочинуваа неговата откачена и опасно вооружена војска, но кога на мрзоволниот Гру три напуштени девојки му го украдоа срцето, минионите брзо се претворија во грижливи дадилки. За да сфатите зошто малите жолти суштества во облик на пилули, со едно или две очи, го полудеа светот, ќе морате да ги изгледате два цртани филма за Гру со детето. Имено, минионите не се особено паметни или артикулирани, но во нив има нешто лудо неодоливо - дури и додека си ги фотокопираат голите задници или лакомо се нафрлаат на банани и јаболка, нивното омилено овошје - поради што децата се дават во смеа додека ги гледаат.

 

Во третиот цртан филм со минионите, кој функционира како продолжение, каде конечно се главни јунаци, жолтата војска бара злосторник кој ќе им стане водач. Иако филмот чини 74 милиони долари и почна да се емитува во кината само пред еден месец, веќе заработи речиси 445 милиони долари. Минионите, очекувано, можат да се најдат на цела низа (детски) производи - чаши, торби, бонбони, облека, приврзоци, играчки... но сосема неочекувано добија нешто што ректо кој го добива - боја од Пантон.

Minion Yellow е првата нова боја на Пантон во последните три години, што покажува дека попкултурната валута на минионите е многу силна и ја надминува детската димензија. Новата боја, објаснува извршната директорка на Институтот за бои Пантон, „е боја на надеж, радост и оптимизам“. Секако, Minion Yellow е само капка во морето од нијанси. Од 1963 година Пантон создал повеќе од 10.000 стандардни тонови на бои, кои дизајнерите и производителите ги користат за да се осигураат дека сите производи имаат конзистентна боја, без оглед на тоа каде и како се произведуваат. Секој може да произведе боја - мешајќи пигменти во различен сооднос, но дури откако ќе се стандардизира и именува, бојата го добива својот идентитет.

Леатрис Ајсман, психолог по струка, во последните 15 години секоја година во одреден град ги собира светските стручњаци за боја, за да ја изберат бојата на годината на Пантон - една нијанса за која сите се уверени дека може добро да го антиципира духот на времето кое доаѓа.

Зошто им подарија боја на минионите? „Веруваме дека Minion Yellow ќе биде боја што ќе потрае. Кога еден филм ќе привлече толкаво внимание, знаеме дека наскоро следат и продолженија“, објаснува Ајсман.

Инаку, идејата минионите да добијат своја боја потекнува од музичарот Фарел Вилијамс, кој соработувал на саундтракот за филмот „Како Гру ја украде месечината“ и „Гру на супер тајна задача“ (во оригинал „Despicable Me“), а од Пантон ја прифатиле идејата.

Извор: Globus

Слични содржини

Култура / Филм / Теорија
Општество / Графички Дизајн / Книжевност / Култура
Графички Дизајн / Култура / Уметност
Графички Дизајн / Култура
Графички Дизајн / Култура / Уметност
Уживање / Култура / Уметност / Филм / Историја
Активизам / Култура / Филм

ОкоБоли главаВицФото