Македонија ќе гради барокна ограда на јужната граница

11.09.2015 12:39
Македонија ќе гради барокна ограда на јужната граница

Скопје, 11 септември 2015

Македонија сериозно ја разгледува можноста за изградба на барокна ограда на својата јужна граница за да го сопре големиот прилив мигранти, изјавил, како што пренесува Ројтерс, министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервју за унгарскиот неделник „Фигело.“ Тој рекол дека на Македонија веројатно „ќе ѝ треба некаков вид на физичка одбрана, иако тоа нема да биде долгорочно решение.“

На новинарското прашање зошто оградата мора да биде барокна, а не бетонска, Попоски изјавил дека бетонот е симбол на брутализмот кој, пак, како архитектонски правец асоцира на комуњарството, периодот од нашата историја во кој владеел еднопартизам, едноумие, автократија, негување на култот кон личноста, во кој економијата била планирана и лажирана, а граѓанските права и слободи биле силно задушувани од страна на владејачката партија.

Тој истакнал дека шарите на барокната ограда ќе ги збунуваат мигрантите кои ќе мислат дека тргнале во погрешен правец, па најверојатно ќе се вратат назад.

Како што Пара вести дознаваат од извори блиски до власта, изградбата на барокната ограда ќе чини една милијарда евра, поради што владата дополнително ќе се задолжи кај меѓународните банкарски институции со нови кредити. Исто така, Пара вести дознаваат дека шарите на оградата ќе ги осмисли лично премиерот Никола Груевски, кој веќе ги поднел првите нацрти пред своите потчинети. Наводно шарите биле „солидни“, за Пара вести изјавија извори блиски до власта.