Презентации на Јовановски, Васева и Писарев на конференцијата „Урбани култури на крстопати“ во Дубровник

15.09.2015 10:18
Презентации на Јовановски, Васева и Писарев на конференцијата „Урбани култури на крстопати“ во Дубровник

Уметникот Филип Јовановски, историчарот на уметност Никола Писарев и кураторката Ивана Васева од 14 до 16 септември гостуваат во Дубровник во рамки интернационалната конференција „Урбани култури на крстопати“ во Интеруниверзитетскиот центар во Дубровник каде претставуваат неколку свои проекти.

Филип Јовановски и Никола Писарев во понеделник (14 септември) имаа излагање насловено „Го сакам Градскиот трговски центар (ГТЦ)“: проект за зачувување на автентичната архитектура на ГТЦ“ во рамки на конференцијата „Урбани култури на крстопати“ во Интеруниверзитетскиот центар во Дубровник. Ова е прво интернационално претставување на активистичките дејствувања околу Градскиот трговски центар во Скопје обединети околу Иницијативата „Го сакам ГТЦ“, надвор од македонскиот контекст.

Ивана Васева и Филип Јовановски пак во среда (16 септември) имаат презентација и јавен разговор на нивната заедничка работа насловена „Сликата избледе во ништавилото – уметничка продукција од перспектива на ништавилото“ во Уметничката работилница Лазарети во Дубровник.

Конференцијата „Урбани културни на крстопати“ поставува прашања како: кои уметнички практики и иницијативи можат да придонесат кон преиспитувањето на културната меморија во урбаните простори и како тие се однесуваат на други живи културни експресии? Од друга страна пак, до која мера и на кои начини урбаните „грас рут“ иницијативи можат да придонесат кон парадигматско менување надвор од доминантната неолиберална капиталистичка логока која ги води повеќето урбани хабитати?

Гостувањето е резултат на неколкугодишната соработка на организацијата „Факултет за работи што не се учат“ од Битола/Скопје со организацијата „Фрлачи на сенки“ (Bacači Sjenki) од Загреб и формираната платформа „Урбано зуење“ (Urban Hum) кои се коорганизатори на конференцијата заедно со Универзитетот Chulalongkorn во Бангкок, Универзитетот во Дубровник и Универзитетот во Осло.

ПОВЕЌЕ ЗА ПРЕЗЕНТАЦИИТЕ И ПЛАТФОРМАТА „УРБАНО ЗУЕЊЕ“:

„Го сакам Градскиот трговски центар (ГТЦ)“: проект за зачувување на автентичната архитектура на ГТЦ“

Случајот ГТЦ е еден од најважните примери на современиот македонски/скопски активизам и граѓанска ангажираност кој се обиде преку серија од различни постапки да се противи на владината политика на насилно менување на историјата на градот Скопје со бришење/покривање на зградите и спомениците од социјалитичкиот модернизам (со „барок”) создадени во периодот после земјотресот од 1963 година.

ГТЦ како пример е важен затоа што тоа не е само една зграда која властите засега не успеаја да ја покријат со барок. Овој случај е важен поради комплексноста на промислувањето на акциите на самоорганизраните граѓани во иницијативата ГО САКАМ ГТЦ и тоа започнувајќи од улица до институции, поточно од последната комплексна акција, а тоа беше референдумот за спас на ГТЦ кој успеа да мобилизира 16.844 граѓани да гласаат против барокизирање на ГТЦ и со тоа прв пат граѓански да се мобилизира јавноста во толкава мера против скопската барокизација олицетворена во проектот „Скопје 2014“. Само една мала напомена: на референдумот во април годинава ГТЦ како зграда имаше повеќе гласови од кој било политичар што ги добил во таа општина во изминатите 24 години независност.

„Сликата избледе во ништавилото – уметничка продукција од перспектива на ништавилото“

Презентацијата на Васева и Јовановски е концентрирана околу нивната заедничка работа делувајќи на полето на визуелните уметности во Македонија и се однесува на три прашања: како може да се продуцира уметност во несигурни времиња кога и самите егзистенцијални потреби се загрозени? Како да се создава уметност без пари, средства и локална поддршка за тоа? И дали ништавилото може да биде курирано или да стане уметност? Тие ќе ги претстават проектите: АКТО Фестивалот за современи уметности, долгорочниот проект „ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ: архиви на граѓанска непослушност“, истражувачкиот проект „Мајка Олимпија Храброст и нејзините деца“ и групните изложби „You made me so sad. Now, that doesn’t have anything to do with you“ и „Уметникот и диктатурата“.

Платформата „Урбано зуење“ ги нагласува историски закотвените континуитети (или дисконтинуитети) на специфични урбани локации со цел да создаде алатка за други уметници, архитекти, урбани планери, политичари или историчари во нивното реобмислување и реконцептуализирање на градот како вибрантен, динамичен или одржлив хабитат додека се стреми да им служи на граѓаните во предложување и спроведување на нивните решенија.

Уметничкиот, истражувачки и интермедијален проект „Урбано зуење“ ги нагласува хибридните театарски, антрополошки, урбани и социјални презентации на намерно избрани урбани и јавни простори (или урбани иницијативи) кои најчесто се претставени како перформативни структури во форма на игра кои содржат елементи на театар, танц, музика, стенд ап или предавање.

Регионалната платформа „Урбано зуење“ е иницирана од „Фрлачи на сенки“од Загреб (Хрватска) во соработка со „Факултет за работи што не се учат“, Битола (Македонија), „Експедитио“, Котор (Црна Гора), „Кендра Мултимедиа“, Приштина (Косово), „РЕКС/ Фонд Б92“, Белград (Србија) и „Супервизуелна“, Белград (Србија), а е поддржана од Фондацијата Култура Нова од Загреб (Хрватска) и Фондот за уметност и култура од Сараево (Босна и Херцеговина).

ОкоБоли главаВицФото