Корбин и изумирањето на центарот

18.09.2015 11:55
Корбин и изумирањето на центарот

Џереми Корбин, познатиот левичарски дисидент, однесе убедлива победа во трката за местото лидер на британската Лабуристичка партија. Коментаторите тврдат дека тоа им ги намалува шансите на лабуристите на следните парламентарни избори и можеби се во право. Само се прашувам како луѓето, очигледно затечени од успехот на Корбин, одеднаш точно знаат што значи неговата победа. Но, ајде да си играме нешто друго. Го свртувам вниманието на она што всушност доведе до победата на Корбин - исчезнувањето на умерените лабуристи.

Кога станува збор за економијата, сите противкандидати на Корбин ја поддржаа политиката на штедење на Конзервативната партија. Тие ги прифатија и неубедливите оправдувања на таа политика и презедоа одговорност за туѓите грешки. По аналогија со САД, тоа е како во 2004 демократските кандидати за претседател да зборуваа „Националната безбедност потфрли, ние сме виновни за 11 септември 2001“. Секако дека гласачите тогаш би се свртеле кон кандидат кој зборува нешто друго, без оглед на неговите ставови.

Лабуристите во Британија се неправедно обвинети за погрешната фискална политика, то ест дека нивната влада од 1997 до 2010 трошела премногу, што довело до дефицит, должничка криза и рецесија. Тогаш конзервативната влада наводно била принудена на големи буџетски резови, пред сè во социјалните давачки. Повеќето британски медиуми без задршка го прифатија ова толкување на конзервативците. Станува збор за спектакуларна измама, затоа што ова објаснување е речиси сосема погрешно.

Дали последната лабуристичка влада навистина водеше неодговорна фискална политика? Пред почетокот на кризата во 2008, Британија имаше мал буџетски дефицит - сличен на тогашниот американски. Британскиот долг изразен како удел во БДП беше помал отколку кога лабуристите ја презедоа власта десетина години претходно. Беше помал отколку во која било поразвиена економија, освен во Канада. Денес се тврди дека фискалната позиција била значително полоша отколку што покажуваат бројките, поради прегревањето на британската економија предизвикано од неодржливиот меур на растечки приходи. Но, во она време никој не зборуваше за тоа. Напротив, во независните извештаи, на пример на ММФ, сугерирано е дека намалувањето на дефицитот било корисно, но никој не зборуваше дека владата се расфрла со пари и троши над своите можности.

Вистина е дека британскиот дефицит нагло порасна по 2008, но тоа беше последица на кризата, а не нејзина причина. Јавниот долг исто така порасна, но и понатаму беше понизок од нивоата забелеажни за време на поголемиот дел од историјата на модерна Британија. Најдобар доказ за тоа е довербата на инвеститорите во британската солвентност: камантните стапки останаа ниски. Тоа значи дека стварните економски проблеми не се последица на фискалната криза и дека острото свртување во правец на штедење не беше неопходно.

Накратко, приказната за вината на лабуристите за економската криза и нужноста за воведување мерки за штедење е бесмислена. Но, британските медиуми упорно ја повторуваат, а ја прифатија и сите противкандидати на Корбин, со што практично се согласија со конзервативците дека лабуристите ја упропастиле економијата, што просто не е точно. Затоа триумфот на Корбин не е изненадување, во контраст со спремноста на умерените лабуристи да ги прифатат своите наводни грешки од минатото.

Се поставува прашањето зошто се согласија на тоа. Во Америка тоа е поинаку. Обвинувањата за дефицит беа предмет на расправа во 2010-2011, но никогаш не ја дефинираа рамката на дебатата. Умерените американски демократи не се помека верзија на републиканците. Дел од одговорот е во тоа што американските медиуми не наседнаа на фискалните фантазии. Како и да е, општ впечаток е дека лабуристичкиот меинстрим се откажа од своите уверувања, што е несфатливо. Така што, успехот на Корбин не е толку последица на свртувањето на гласачкото тело на партијата налево, колку што е последица на необичната и тажна историја на моралното и интелектуално пропаѓање на умерената струја во Лабуристичката партија.

Извор: The New York Times, 14.09.2015.